Фото: Архива

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби ги повика ВМРО-ДПМНЕ на седница на Собрание со две точки на дневен ред, прва за уставни измени и втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори.

– Знам дека и премиерот Ковачевски, претседателот на СДСМ, ќе се сложи со ова, и господинот Ахмети исто така. Идеме на седница на Собрание со две точки на дневен ред. Прва точка уставни измени, втора точка распуштање на Собранието и предвремени избори. Бујрум нека влезат нека гласаат, идеме на избори – изјави Груби вечерва во гостувањето на телевизијата „Канал 5“.

Еве компромис, порача Груби, повикувајќи ги да се охрабрат да направат таква одлука и да излезат на избори.

Прашан дали е можно да се спојат претседателските со парламентарните избори, Груби рече дека ќе видат.

– Ќе видиме дали ќе се спојат, една година разлика, од денеска па до март 2024 година – посочи Груби.