Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОВОД: РАТИФИКАЦИЈАТА НА РАМКОВНИОТ ДОГОВОР ЗА МАКЕДОНСКО-ТУРСКА ВОЕНА СОРАБОТКА НА ЈУБИЛЕЈНАТА СТОТА СЕДНИЦА ВО МАКЕДОНСКОТО СОБРАНИЕ

  • Собранието на Република Македонија завчера го усвои Законот за ратификација на Рамковниот договор за воена соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Турција. Рамковниот договор за воена соработка меѓу Македонија и Турција е всушност надградување на стратегиското партнерство од 2008 година
  • Воено-политички и безбедносни експерти и аналитичари укажуваат на големото значење на овој договор, поодделно и за Македонија, особено во сегашниот геополитички момент во Балканот и Европа. Турските вооружени сили, втората по големина армија на НАТО, во еден момент ја презедоа и командата со неколку клучни операции на НАТО. Македонија и Турција се членки на Северноатлантската алијанса и проширувањето на нивната воена соработка, што само по себе подразбира и проширување на политичката соработка, би можело да значи и солидна граѓа за кревање своевиден „ѕид“ за заштита од одредени регионални стремежи, во форма и на отворени и директни закани не само за постоењето на македонската држава туку и за нејзиниот територијален интегритет и унитарниот уставно-политички поредок

Ратификацијата на Рамковниот договор за воена соработка меѓу Македонија и Турција неделава означува нова ера во стратегиското партнерство меѓу двете држави, насочена кон регионалната политичко-безбедносна стабилност и осовременувањето на Армијата на Република Македонија. Турција има потпишано вакви рамковни договори за воена соработка со дури 89 држави, што ја потврдува нејзината улога на глобален актер.
Македонско-турскиот договор претставува правна и стратегиска рамка за долгорочно унапредување на капацитетите на македонските одбранбени сили со турска помош преку неколку клучни столба. Тие столбови се: (1) воено образование и обука, односно засилување на размената на воен персонал и образование на македонските офицери во турските воени центри, што е пракса од 1990-тите, но сега добива поширок опсег; (2) заеднички вежби и мировни операции – зголемено учество во мултинационални воени вежби и координација во рамките на НАТО-структурите за зајакнување на интероперабилноста, (3) сајбер-одбрана и разузнавање – отворање нови полиња на соработка во борбата против современите хибридни закани и размена на разузнавачки информации од заеднички интерес; и (4) модернизација и опремување – набавка на софистицирана воена опрема од турската одбранбена индустрија (дронови, артилерија и системи за врски) под поволни финансиски услови.
Воено-политички и безбедносни експерти и аналитичари укажуваат на големото значење на овој Рамковен воен договор, поодделно и за Македонија, особено во сегашниот геополитички момент во Балканот и Европа.
– Турските вооружени сили, втората по големина армија на НАТО, во еден момент ја презедоа и командата со неколку клучни операции на НАТО. Македонија и Турција се членки на Северноатлантската алијанса и проширувањето на нивната воена соработка, што само по себе подразбира и проширување на политичката соработка, е граѓа за кревање своевиден „ѕид“ за заштита од одредени соседски стремежи, во форма и на отворени и директни закани не само за постоењето на македонската држава туку и за нејзиниот територијален интегритет и унитарниот уставно-политички поредок, особено земајќи предвид дека Турција не е во најдобри односи со Бугарија, ниту со Грција. Затоа проширената воено-политичка соработка со Турција за Македонија ќе претставува своевиден, сликовито кажано, „отворен турски чадор“ за заштита од можниот „дожд“ од регионални стремежи и аспирации насочени кон земјава – велат нашите соговорници.

Атина нервозна од договорите на Анкара со државите од регионов

Грција реагира негативно на воената соработка на Турција со Македонија и другите балкански држави првенствено поради стравот од, како што тврди официјална Атина, „стратегиското опколување на Грција и засилувањето на турското влијание во нејзиното непосредно соседство“.
– Атина ги толкува воените рамковни договори на Анкара со Македонија (плус и Турција со Албанија и Косово) како „обид за воспоставување силно турско воено присуство“, кое би ја „опколило“ Грција од север, дополнувајќи ги постојните тензии во Егејско Море и Источен Медитеран. Поправо, Грција на Балканот гледа како на своја традиционална сфера на влијание и смета дека „Анкара ќе ја наруши регионалната грчка доминација врз Балканот“. Продлабочувањето на воените врски на Турција, вклучувајќи обука, заеднички вежби и соработка во одбранбената индустрија, се доживува како директен предизвик за грчките интереси. Атина ја обвинува Турција дека спроведува „поширок ревизионистички план во Балканот“ и како „дел од новата турска воена доктрина за проектирање моќ во регионот“ – ги пренесуваат ставовите на официјална Атина нашите соговорници, кои имаат еден поширок преглед на предизвиците поврзани со оваа тема.

Анкара одговара дека со договорите за воена соработка Турција дава
придонес кон стабилноста на јужното крило на НАТО

За разлика од Грција, Турција ги претставува договорот за воена соработка со Македонија и другите балкански држави како „придонес кон стабилноста на јужното крило на НАТО“. Според анализата на нашите соговорници, кои имале директен увид во договорот на Македонија со Турција, тие велат дека се комични констатациите дека во договорот може во потконтекст да биде прочитан „турски ревизионизам“ или, пак, некакво „проектирање моќ кон Македонија“, туку дека има нагласено „заемно почитување на суверенитетот и еднаквоста на двете држави“, како и на Повелбата на Обединетите нации и националните закони, меѓународните прописи и договори. Притоа тие додаваат дека тоа е всушност нешто што Грција го крши во голема мера кон Македонија.
– Што пишува во преамбулата на овој договор? Таму пишува „Владите на С. Македонија и Турција, потврдувајќи ги нивната посветеност на целите и принципите на Северноатлантскиот договор од 4 април 1949 година… и Повелбата на Обединетите нации; нагласувајќи дека соработката во различни воени полиња врз основа на заемното почитување на суверенитетот и еднаквоста на двете страни ќе придонесе кон заедничките интереси и економската ефикасност на страните; изразувајќи ја потребата за подобрување на постојните пријателски односи меѓу страните врз основа на националните закони, меѓународните прописи и договори, го постигнаа овој договор…“ – цитираат нашите соговорници, аргументирајќи ја поентата на нивното експертско милење.

Експерти изразуваат став дека со помош на Турција, Македонија добива зголемен геополитички кредибилитет

– Рамковниот договор за воена соработка меѓу Македонија и Турција претставува значаен стратегиски чекор, кој го зајакнува меѓународното позиционирање на Македонија. Тој има индиректни геополитички влијанија не само наспрема Грција туку и другите регионални соседи, вклучувајќи ја и Бугарија. Продлабочување на соработката со Турција, која е клучна членка на НАТО и регионална сила, за Македонија значи рамнотежа на влијанијата на Балканот во нејзина полза. Договорот ја зголемува борбената готовност на македонската армија независно од регионалните политички притисоци. Посилна армија значи поголем суверенитет и подобра позиција при билатерални преговори. Пријателството со Турција и проширената воено-политичка соработка несомнено ќе ѝ бидат на Македонија „грб“ во меѓународните организации, а во конкретниот случај и наспрема ЕУ и Софија. Со помош на Турција, Македонија стекнува зголемен геополитички кредибилитет: силните врски со Анкара ја позиционираат Македонија и како соодветен актер за стабилноста на јужното крило на НАТО. Тоа го отежнува маргинализирањето на македонските интереси од страна на соседите, а и во рамките на Алијансата – заклучуваат експертите упатени во оваа тематика.

Свето Тоевски


Потсетување во врска со предупредувањето на Турција
кон Македонија да не прифаќа промена на името и зошто е тоа важно?

Нималку случајно, турскиот претседател Ердоган своевремено категорично предупредуваше: „Не потпишувајте го Преспанскиот договор, со кој ќе го промените името!“
Во периодот 2017–2018 година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му советувал на тогашниот македонски премиер Зоран Заев да не прифаќа промена на името на државата во „Северна Македонија“. Ваквиот став на турскиот претседател беше уште еден показател за политичката визија и поддршка што Турција традиционално ѝ ја дава на Македонија во однос на прашањата поврзани со идентитетот и македонската државност. Оваа поддршка во одреден облик е содржана и во најновиот воен рамковен договор, а турскиот претседател со оваа турска политика на пријателство, почит и поддршка за Македонија ни доаѓа во пролетните месеци во официјална посета. Инаку, токму Грција продолжува да спроведува и натаму политика на ревизионизам кон Македонија, нејзиниот идентитет, историја и јазик, токму преку Преспанскиот договор.
– Зошто ова е важно наспрема Бугарија? Во услови кога евроинтегративниот пат на Македонија е под влијание на билатерални услови од Софија, градењето силни воени и стратегиски сојузи со други влијателни членки на НАТО (како Турција) покажува дека Македонија е активен и ценет меѓународен партнер. Ова може да ја принуди Бугарија на поконструктивен дијалог, знаејќи дека Македонија има силни сојузници, кои имаат интерес од нејзината стабилност и безбедност – тврдат нашите соговорници. Св.Т.


„Јилдиримхан“ – новото лице на турската воена моќ

  • Интерконтиненталната балистичка ракета „јилдиримхан“ што ја претстави деновиве официјална Анкара е нивниот нов симбол на технолошка доминација и стратегиско одвраќање. Интерконтиненталната балистичка ракета е оружје што можат да го произведуваат само држави со високо ниво на научно-технолошки развој, силна индустриска инфраструктура и долгорочна геополитичка стратегија.
  • За Македонија, развојот на стратешкото партнерство со Турција има особено значење. Двете земји имаат долгогодишна соработка во областа на безбедноста, одбраната и воената едукација. Стратегискиот договор меѓу Македонија и Турција претставува важен чекор кон продлабочување на меѓусебната доверба и стабилноста во регионот

Со претставувањето на интерконтиненталната балистичка ракета „јилдиримхан“, Турција испрати јасна порака дека влегува во нова ера на воена, технолошка и геостратегиска моќ. Овој проект не е само уште едно вооружување во арсеналот на турската армија туку и претставува симбол на национална самодоверба, индустриски развој и независна одбранбена политика.

Турција со крупни чекори во развојот на наменската индустрија

Во последната деценија Турција направи огромен исчекор во развојот на домашната воена индустрија. Од беспилотните летала „бајрактар“, преку модерните борбени системи, па до развојот на сопствени ракети и воени бродови, Анкара покажа дека има капацитет да стане една од водечките сили во евроазискиот безбедносен простор. „Јилдиримхан“ претставува круна на тие амбиции. Интерконтиненталната балистичка ракета е оружје што можат да го произведуваат само држави со високо ниво на научно-технолошки развој, силна индустриска инфраструктура и долгорочна геополитичка стратегија. Турција со овој потег се позиционира како држава што не зависи исклучиво од странски безбедносни системи туку и создава сопствена одбранбена архитектура.
Тоа е особено важно во време на глобални безбедносни турбуленции, регионални конфликти и зголемена трка во вооружување.

Турција повеќе не сака да биде само регионален фактор, туку глобален играч со сериозно влијание во безбедносната политика

Турската армија денес важи за една од најмоќните во рамките на НАТО. Нејзината сила не се темели само на бројноста туку и на модернизацијата, високата обученост и интеграцијата на домашни технолошки решенија. Воената индустрија на Турција бележи рекордни резултати и на меѓународниот пазар. Турските наменски компании извезуваат современа воена опрема во десетици држави низ светот, што дополнително ја зајакнува економската и дипломатската позиција на земјата. Особено е значајно тоа што Анкара вложува во сопствен научен и инженерски кадар. Тоа создава долгорочна стабилност и независност во сектор што традиционално бил доминиран од големите светски сили. Развојот на „јилдиримхан“ е и показател дека Турција повеќе не сака да биде само регионален фактор, туку глобален играч со сериозно влијание во безбедносната политика. Таквата стратегија ја прави земјата сè поважен партнер и за Истокот и за Западот. Новата ракета има силен ефект на стратегиско одвраќање. Самото постоење на ваков систем испраќа порака дека Турција располага со капацитет за брз и прецизен одговор на секоја потенцијална закана. Во современите меѓународни односи, токму способноста за одвраќање е еден од најважните фактори за зачувување на мирот и стабилноста. Во услови кога светот повторно влегува во период на геополитички натпревар, државите што располагаат со напредни одбранбени системи имаат значително поголема тежина во меѓународните односи. Турција очигледно сака да биде меѓу тие држави. Покрај воената димензија, ваквите проекти имаат и силно политичко и психолошко влијание. Тие ја зајакнуваат националната кохезија, ја поттикнуваат технолошката иновација и ја претставуваат државата како фактор на стабилност и сила. Турската армија денес претставува комбинација на традиција, дисциплина и модерна технологија. Со новите ракетни системи, беспилотни летала и напредни комуникациски технологии, Турција демонстрира дека е подготвена за безбедносните предизвици на 21 век.

Развојот на стратегиското партнерство со Турција

За Македонија, развојот на стратегиското партнерство со Турција има особено значење. Двете земји имаат долгогодишна соработка во областа на безбедноста, одбраната и воената едукација. Стратегискиот договор меѓу Македонија и Турција претставува важен чекор кон продлабочување на меѓусебната доверба и стабилноста во регионот.
Дополнителна тежина на ова партнерство му дава и фактот што деновиве во македонскиот парламент се ратификува договорот со Министерството за одбрана на Турција. Во време на глобални безбедносни предизвици, партнерствата со силни и технолошки развиени армии добиваат сè поголемо значење. Турција со „јилдиримхан“ покажува дека поседува визија, капацитет и амбиција да биде една од клучните сили во современиот безбедносен поредок. П.Р.