Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, по објавувањето на неофицијалните резултати, според кои убедливо води по првиот круг од претседателските избори, се обрати од партиското седиште во Скопје.
– Горда сум на граѓаните. Не само на оние што гласаа за мене туку и на преостанатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Горда сум на мојот тим, постојано беше со мене, ме бодреше, ме критикуваше, ме советуваше. Горда сум на учесниците во изборната трка. Сите знаеме дека изборниот процес е најстрасниот процес, но сепак, во дебатата, во изјавите, мислам дека не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум особено на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Се создаде една невидена синергија. Особено сум горда на жените во Македонија, без оглед на каква било припадност. Мислам дека е време за идентификација на жена со жена, без оглед на која партија и идеологија припаѓа. Многу се радувам што деновиве среќавам жени од други партии што ми велат дека доаѓа нашето време. Нема да градиме матријархат, но ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, енергија, креација и дека е редно ова општество да го искористи сето тоа -потенцираше Силјановска-Давкова, притоа додавајќи дека овој резултат е неверојатно инспиративен за неа.
Таа најави дека ќе соработува и со партијата што ја поддржала, но и со опозицијата, како и со невладиниот сектор.
– Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури и се срамам, зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Но знам дека тоа што ќе го ветам ќе го остварувам. Во тоа бидете сигурни, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг. Јас ќе се однесувам со должна почит кон мојот противник и очекувам таков однос од негова страна. Треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, вреди да се чуе дека сум горда на граѓаните, а без граѓани нема Македонија. Кога велам граѓани, јас не ги делам на Македонци, Срби, Турци, Албанци, според тоа дали се за мене или против мене, јас знам дека претседателка на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува тоа што го ветила. А јас ветив дека знаењето води кон авторитет, дека треба да ги инспирираме најумните и најспособните, зашто само тие можат да ја направат Македонија горда. Постојано повикував на владеење на правото, а уште повеќе на потребата за единство во оваа држава. Јас ќе соработувам со партијата што ме поддржа, но ќе соработувам и со опозицијата и со невладиниот сектор. Ќе покажам и ќе докажам дека сум таму заради Македонија, дека сакам да бидат горди на мене, бидејќи јас ќе го докажувам тоа дека Македонија мора да биде слична на другите демократски држави, да биде стандардна, да биде едно посакувано пристојно место за политички натпревар и за каков било натпревар. Тоа значи Македонија. Не може да биде само моја, туку мора да биде на сите нас – изјави Силјановска-Давкова. С.Т.