Иницијативата на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за моја интерпелација како претседателка на Комисијата за прашањето на изборите и именувањата, не е ништо друго освен обид за прикривање на нивната вистинска намера, а тоа е да се предизвика уставна криза во државата, изјави денеска пратеничката Марија Георгиевска.

Пратеничката на СДСМ истакна дека таа во својство на претседателка на Комисијата го известила собранискиот претседател Талат Џафери дека ова собраниско тело со мнозинство гласови се изјаснило за изборот на двајца предложени кандидати за уставни судии и дека за нив постапка за избор може да продолжи.

– Во Комисијата за изборите и именувањата се води дискусија, односно расправа за секого поединечно и исто така и за секој предлог посебно се гласа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци намерно го одолговлекуваат изборот на кандидатите, односно изборот на уставните судии, со што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во ова Собрание го докажуваат тоа што го прават постојано – кочење, блокирање и поттикнување на каква било криза – истакна Георгиевска.

Таа нагласи дека врз основа на нејзина проценка на она што се случува во Собранието, доставила парцијален извештај, којшто не е целосен.

– Комисијата за прашање на избори и именувања по Деловникот не доставува извештај, туку носи одлуки и одлуките како предлог ги дава на пленумот којшто понатаму треба да одлучува. Затоа јас дадов известување до претседателот што се случува во Комисијата, дека не гледам изгледи оти таа ќе продолжи да функционира како што треба и го информирам, односно му давам предлог на пленумот за овие два предлози, за коишто веќе поединечно е завршена расправата и за нив е донесена одлука од мнозинството членови, а дека по однос на третиот кандидат за уставен судија расправата во Комисијата се уште тече и таа ќе продолжи понатаму да се работи, меѓутоа тоа не смее да претставува пречка за нефункционирањето на Уставниот суд – изјави Георгиевска.

Таа додаде дека на постојаните реакции во јавноста, сметала дека Собранието не смее да си дозволи целосна неодговорност и да се блокира работата на Уставниот суд.

– Мора да сносиме одговорност. Не можеме да дозволиме да биде блокиран Уставниот суд. Знаете дека работи на границата на донесување на одлуки. Знаете дека на уште еден судија сега на почетокот на декември му завршува мандатот. Значи, Уставниот суд нема да биде во можност да носи одлуки – додаде Георгиевска.

Во однос на доставената интерпелација за нејзината работа, Георгиевска нагласи дека очекува таа да се најде на собраниска седница и да се дискутира по неа.

– Таму ќе се утврди дали имаме противделовничко работење. А дали сум работела противуставно надлежен е токму Уставниот суд, којшто опозицијата сесрдно со месеци, година и половина се труди да не биде ставен во функција. Уставниот суд нека процени дали се работи неуставно или се работи согласно она што е Деловник во ова Собрание – додаде Георгиевска.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе барање за интерпелација на Георгиевска во својство на претседателка на Комисијата за избори и именувања. Како што соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски барањето се поднесува поради тоа што таа „неделовнички и неуставно“ на се уште не завршена точка на дневен ред и незавршена комисиска седница, поднела парцијален извештај до претседателот на Собранието, Талат Џафери за избор на уставните судии.