Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДУИ вечерва го оддржува долгонајавуваниот митинг во скопската општина Чаир, во период кога се соочува со внатрешен бунт од т.н. „огнена група“, која е незадоволна од кадрите во извршната власт.

Кратко по 19 часот партискиот лидер Али Ахмети пристигна во спортската сала „Шабан Трстена“ која е полна со партиски поддржувачи, а дел од нив го следат настанот и преку пренос пред салата.

Ахмети на собирот дојде во друштво на претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во прв ред со него се движеа и првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи – двајцата функционери кон кои „огнените“ изразуваа најголем револт. Во салата, покрај Ахмети можеше да се забележи и пратеникот и координатор на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми. Од партиските функционери, прв на настанот се обрати Фатон Ахмети, еден од директорите на Фондот за здравствено осигурување. По него, говор одржа Талат Џафери. Следни се обратија Бујар Османи и Артан Груби, а имаше и настапи на албански музичари.

Во своите говори, меѓу другото, тие зборуваа за обединување околу европскиот фронт, како и за изградба на автопатот кон Косово, коридорите 8 и 10-д, законот за оддалечување на казината и обложувалниците на најмалку 500 метри од училиштата итн.

За настанот „огнените“ не добиле покана, а еден од најистакнатите припадници на оваа група, пратеникот Изет Меџити, кој е и претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и потпретседател на партијата, рече дека ова му наликува на концерт.