Клучни моменти на кои се задржа премиерот Мицкоски се обнова на довербата во институциите на државна власт, елиминирање на корупцијата и обезбедување владеење на правото, како и на економското заживување за создавање продуктивни и добро платени работни места

Претставена владината програма за периодот 2024-2028

Економско заживување, зголемување на пензиите и на платите, инвестиции во образованието, здравството и културата, борба против корупцијата, одговорност за секој криминал и реформи усогласени со европските стандарди најави мандатарот и премиер на новата влада Христијан Мицкоски, во експозето изнесено пред пратениците во македонското собрание, на почетокот на седницата за избор на нова 20-та македонска влада.

Време е татковината да направи повеќе за секој граѓанин!

– Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Граѓанинот беше секогаш тука кога беше најпотребно за татковината. Гласаше на референдумот за независност, работеше макотрпно, редовно ги решаваше своите обврски кон неа, плаќаше даноци, работеше, придонесуваше за животот. Порано, во историјата нашите граѓани имаа и други, но и слични егзистенцијални предизвици, и тогаш како и сега граѓаните беа лојални кон државата и правеа сѐ таа да е слободна, независна, силна и просперитетна. На тој пат имаше и доста разочарувања и силни предизвици, но граѓанинот на оваа земја опстоја и гордо и на нозе се понесе со сите случувања. Време е, доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за секој граѓанин! Секој од вас, Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Влав, Бошњак и сите други, секој од вас направи сѐ за својата татковина.
Сега е ред и време таа да прави за вас! За тебе! И оној што живее на северот, југот, западот или истокот во нашата заедничка татковина – истакна Мицкоски на почетокот на експозето.
Говорејќи пред пратениците, тој се осврна на работите на кои ќе се фокусира владата во следниот четиригодишен мандат, а кои се содржани во Програмата за работа на Владата 2024-2028.
Клучни моменти на кои се задржа Мицкоски се обнова на довербата во институциите на државна власт, елиминирање на корупцијата и обезбедување владеење на правото, како и на економското заживување за создавање продуктивни и добро платени работни места.

Нема време за меден месец, ќе се стартува фуриозно!

Мицкоски во обраќањето до пратениците истакна дека состојбата во државата е целосно девастирачка и дека е потребен одлучен одговор.
– Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост, каде што институциите се доведени пред буквална пропаст и незапамтена нефункционалност. И за сѐ ќе биде известена јавноста, и ова не го говорам дека имам намера да смислувам изговори или да плачеме над лошата состојба, туку дека одлучно ќе одговориме, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред. И затоа нема да барам никакви сто дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем, немавме ниту една секунда изминатиов период. Веќе во вторник најавувам нова инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа ќе ги намалиме даноците, ќе ги покачиме пензиите, ќе обезбедиме пари за капитални проекти. Доста се трошеше времето на измислени теми и етнички прашања, време е да се засукаат ракавите и решат проблемите и ова да биде влада на економија и развој. Тоа го сакаат сите – порача Мицкоски.

Најголем фокус на првиот столб од владината програма – економски раст

Она на што најмногу ќе се фокусира владата, според најавите на Мицкоски, а што е прв столб во владината програма, тоа е обезбедување квалитетен животен стандард и нов циклус на економски раст, стабилни јавни финансии, поддршка за конкурентен приватен сектор, поддршка за иновациите и ИКТ-секторот, како и продуктивни и високоплатени работни места и национален план за демографија. Во тој контекст ќе се работи на развиено земјоделство и развиена и функционална инфраструктура и енергетски сектор во служба на државата.
– Централно место во нашата животна мисија е економското заживување. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии. Поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија. Нашата цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да се развиваат. Мора да постигнеме раст на БДП до 5 отсто годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0-2,5 отсто годишно. Намалување на невработеноста до 7,5 отсто. Односно создавање нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за четири години, завршување на автопатот Кичево-Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата – порача Мицкоски.
Во владината програма доставена до Собранието се најавува дека Владата ќе ја почитува независноста на Народната банка, со очекување дека истата таа преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен финансиски сектор.
Во програмата се најавува обновување на брендирањето на Македонија како поволна инвестициска дестинација и светска промоција, како и формирање единствена агенција за странски инвестиции и извоз, преку спојување и рационализација на постојните агенции и обезбедување услуга на едношалтерски систем за инвеститорите.
Владата исто така се обврзува да го стави демографскиот развој во прв план и предвидува зголемување на мерките и поддршката за родителите, но и системска и сеопфатна програма за поддршка на лицата што ќе се вратат од странство. Исто така, се предвидува и отворање научен институт за демографски истражувања, миграциска и популациска политика.
– Предвидуваме програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства за еден мандат за поставување нови енергетски фасади, прозорци и врати, како и субвенции за граѓаните до 50 отсто за набавка и инсталација на сончеви колектори, топлински пумпи и фотоволтаични електрични централи за производство на струја за сопствени потреби. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот произведена електрична енергија по подобри услови, со промена на постојната регулатива – се предвидува во програмата на Владата.
Во делот на постигнување енергетска одржливост и независност, владината програма предвидува модернизација и продолжување на работниот век на ТЕЦ Осломеј, гасификација на ТЕЦ Неготино, енергетска транзиција на РЕК Битола и финансирање на Рударско-енергетски комплекс во Источна Македонија, како и активно работење на диверзификација на изворите за производство на електрична енергија.
Владата исто така во програмата се обврзува на завршување со изградба на автопатите Кичево-Охрид, Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани, како и продолжување со договорените делници од коридорите 8 и 10Д.

Решителна борба со корупцијата!

Образложувајќи ги понатаму клучните цели во експозето, Мицкоски најави елиминирање на корупцијата и воспоставување на владеењето на правото.
– Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државна власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите – рече Мицкоски.
Она врз што се темели вториот столб на владината програма, тоа е фронт против корупцијата, реформа на правосудниот систем и системска борба против корупцијата.
– Законите ќе се применуваат еднакво за сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, полова и друга припадност. Владата ќе понуди нови системски решенија за трансформација на правосудните органи во вистински независни, транспарентни, одговорни и ефикасни субјекти, кои се темел за едно нормално демократско општество. Ќе се посвети на ослободување на судството од стегите на извршната власт и спроведување политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизација и кронизам – се наведува во владината програма.
Понатаму се предвидуваат распуштање и законска реформа на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Во преоден период, Владата ќе иницира законски измени со кои ќе утврди строги и објективно мерливи критериуми што треба да ги исполнат новите членови, избрани по предлог на Собранието и на претседателката на државата, преку транспарентна и јавна постапка што ќе ги гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Владата ќе иницира процес на промена на Уставот во делот на уредување на составот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Владата исто така ќе иницира донесување целосно нов кривичен законик, по примерот на неколку нам сродни правосудни системи, закон за јавно обвинителство, закон за судови, закон за судски совет, закон за кривична постапка, закон за совет на јавни обвинители и други неопходни закони.
– Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на целокупното работење на специјалното јавно обвинителство, при што посебно внимание ќе се посвети на загрозувањето на човековите права направени во постапките, прекршување на процесните закони при постапувањето, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиските средства кон обвинителите, истражителите и советниците и нивно враќање во буџетот, како и испитување на непотизмот, партизацијата и кронизмот при вработувањата во СЈО – пишува во владината програма.

Владеење на правото во институциите!

Во рамките на третиот столб од владината програма, владеење на право во институциите, се предвидуваат реформи во политичкиот систем и јавната администрација, достапни јавни услуги – Смарт Македонија, како и развиени локални самоуправи и рамномерен регионален развој.
– Владата ќе промовира политика на разбирање и соработка во процесот на демократска реформа, залагајќи се за принципот „национален консензус“. Ќе настојуваме во водењето на политиката да се постигнува што е можно посеопфатен политички консензус при креирањето и реализацијата на проектите и политиките со долгорочно значење и вредноста за државата – се наведува во владината програма за следниот четиригодишен период.
Во таа насока Владата ќе ги поддржи сеопфатните дискусии во Собранието за: измени на Уставот, со кои ќе се овозможи Собрание од 90 пратеници, како и системски и законски реформи за воведување една изборна единица за избор на пратениците, укинување на изборниот цензус за претседател, укинување на концептот на т.н. техничка влада, реформа на Уставниот суд и воспоставување можност за разрешување градоначалник.

Квалитетно здравство и образование, горди и задоволни пензионери!

Во обраќањето пред пратениците, образложувајќи го експозето на владината програма, Мицкоски ги начна елементите од четвртиот столб на програмата за работа на Владата, функционален институционален систем, квалитетен здравствен и образовен систем, чиста животна средина, социјална грижа и посветена грижа за пензионерите.
– Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање училишта, како и зголемување на платите во образованието во согласност со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. Грижата за нашите пензионери е приоритет. За пензионерите ќе обезбедиме по 5.000 денари повеќе за пензии во првата година од мандатот – најави Мицкоски.
Она што е суштина во овој дел на програмата, тоа се реформи за подобрување на квалитетот и достапноста на образованието, подготвувајќи ги граѓаните за предизвиците на современиот свет.
– Нашиот здравствен систем ќе се зајакне за да обезбеди сигурна и висококвалитетна грижа за секој граѓанин. Ќе се фокусираме на социјалната кохезија, поддршката на семејствата, промовирањето еднакви можности и заштитата на правата и слободите на сите поединци – се наведува во владината програма.

Добри односи со соседите, усогласена политика со ЕУ…

Она што особено ја интересираше македонската јавност, а што е дел од петтиот столб на владината програма, тоа е како новата влада ќе се постави во поглед на надворешната политика на земјава.
– Нашата посветеност на европските интеграции останува цврста. Ќе работиме ангажирано на усогласување на нашите политики со европските стандарди, унапредувајќи ја нашата цел за полноправно членство во Европската Унија. Продолжуваме и понатаму да стоиме заедно со нашите партнери од ЕУ и заедно ќе ја усогласуваме заедничката надворешна политика со ЕУ. Продолжува и поддршката на Украина да се брани и да ги одбрани својот суверенитет и територијален интегритет. Градењето добри односи со нашите соседи е од суштинско значење за регионалната стабилност и просперитет.

Културата и туризмот се од витално значење за македонскиот национален идентитет

Мицкоски, говорејќи за приоритетите во владината програма што се дел од шестиот столб мерки и проекти, говореше за инвестиции во културата, развојот на спортот, за младите и можностите за нивен напредок.
– Ќе инвестираме во културата и во заштитата на културното наследство. Развојот на спортот е клучен за поттикнување на националната гордост и промовирање здрав начин на живот. Младите се иднината, а ние сме посветени на создавање средина каде што тие ќе можат да напредуваат – истакна Мицкоски во експозето.
Она што е приоритет во владината програма во овој сегмент, тоа е инвестирање во културата и туризмот, кои се од витално значење за македонскиот национален идентитет и економски просперитет.
– Ќе инвестираме во развој на културната инфраструктура, ќе ја поддржиме уметноста и ќе го промовираме богатото наследство на домашен и на меѓународен план. Со подобрување на нашите туристички понуди и подобрување на искуството на посетителите, ќе привлечеме повеќе туристи, ќе ги зајакнеме локалните економии и ќе ги прикажеме убавината и различноста на нашата земја. Развојот на спортот е клучен за поттикнување на националната гордост и промовирање здрав живот. Спортот ќе биде клучен елемент во градењето на духот на заедницата и обезбедување можности за нашите млади – се наведува во програмата на Владата.

Подадена рака кон опозицијата

На крајот на експозето, Мицкоски се обрати и до опозицијата, подавајќи рака да се разговара за сите важни прашања за државата.
– Вие ќе ја имате мојата подадена рака да седнеме и да разговараме за сите отворени и важни прашања. Важни прашања за граѓаните. Јас ќе се однесувам со должна почит кон вашите предлози и не очекувајте политички хајки затоа што нема да го трошам времето на тоа на што го трошевте вие. Но ќе има одговорност за секој криминал – порача Мицкоски. С.Т.