Министерскиот форум организиран од Европскиот совет за соработка во Индопацификот

Унијата стана интегрален дел од новиот безбедносен пејзаж што се создава во Индопацифичкиот Регион, смета Џаганат Панда за „Нешенел интерест“

Глобални безбедносни перспективи на Брисел

Кризата во Украина веќе има повеќекратни последици низ светот. Геополитички, таа веќе ги разоткри разликите меѓу сојузниците, го истакна несвесното здружување на ривалите, го намали кредибилитетот на САД и на НАТО и поттикна невидено единство во Европа. Освен тоа, неодамнешното одобрување на Стратегискиот компас од страна на Европската Унија (ЕУ), пред усвојувањето на најновиот стратегиски концепт на НАТО, најверојатно во јуни на самитот во Мадрид е задоцнета, но добредојдена воена и стратегиска промена за европската безбедносна политика.
Имено, Стратегискиот компас на ЕУ не е ограничен само на членките на ЕУ или НАТО, туку има светски и трансатлантски безбедносни амбиции. До кој степен новата засилена светска безбедносна перспектива на Брисел, во согласност со неодамна објавената стратегија „Глобална порта“, како пандан на кинеската иницијатива „Појас и пат“, ќе влијае на индопацифичкиот безбедносен пејзаж? Дали украинската криза ја задуши целта на ЕУ за стратегиска автономија, која најде нова динамика по фијаското на АУКУС? Дали иницијативите на ЕУ ќе се спротивстават на веќе воспоставениот механизам на НАТО, кој беше во потрага по слична сфера на влијание?

Влијанието на Украина на еу-визија за Индопацификот

Додека рускиот претседател Владимир Путин се подготвуваше за специјалната воена операција во Украина, Советот на ЕУ го организираше министерскиот форум за соработка во Индопацификот, на кој беа вклучени претставници од регионални организации, што претставува потег што истакнува три цели: зголемената важност на регионот, зголемената европска автономија и одржувањето на рамнотежата со Кина. Ниту еден чинител не може да си дозволи да игнорира нестабилност во овој регион, особено не Унијата кога е на пат да го зајакне својот кредибилитет. Европската Унија и Индопацификот се економски меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни региони. Заедно, тие сочинуваат околу 70 отсто од светската трговија со стоки и услуги, а индопацифичките водни патишта пренесуваат значителен дел од европската трговија, со тоа што Азија беше главна дестинација за нејзиниот извоз во 2020 година (над 30 отсто). Затоа, обезбедувањето на морските патишта за комуникација е една од највисоките цели на ЕУ. Унијата, која е силно свесна за еколошката ранливост на регионот и нејзиното влијание врз климатските промени во светот, е исто така посветена на олеснување на климатските активности.
За да ги ублажи долгорочните, широко распространети ефекти од оваа последна криза, Брисел ќе се обиде да го продлабочи својот стратегиски ангажман со регионалните партнери, особено во Индопацификот. Европскиот Стратегиски компас, кој беше објавен за време на украинската криза, е обид да го зацврсти својот светски безбедносен досег преку партнерства во Источна и во Јужна Европа, Африка, Азија и Латинска Америка. Здружението на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН), стратегискиот партнер на ЕУ со веќе силни иницијативи за соработка преку трговија, инвестиции и климатски активности, сега е важен збор во безбедносната рамка. Унијата има цел да работи со АСЕАН против насилниот екстремизам, хемиските, биолошките, радиолошките и нуклеарните закани, транснационалниот криминал, поморската безбедност и сајбер-безбедноста, како и градењето паназиски безбедносни аранжмани за засилено присуство на ЕУ во регионот. Покрај АСЕАН, безбедносното и одбранбеното билатерално партнерство за соработка на ЕУ со средните сили во Азија, како што се Индија, Јапонија и Јужна Кореја, само ќе се зајакнат во иднина.

Европска колективна одбрана и светска кооперативна безбедност?

Во светлината на регионалните и светските предизвици, ЕУ бара поголема улога како автономен испорачувач на безбедност. Единството на САД и на Унијата се рефлектира во нивните заеднички санкции против Русија и воената поддршка за Украина без директна интервенција. Покрај тоа, тековниот конфликт имаше непосредно влијание врз зголемената посветеност на ЕУ за стратегиска автономија, како што беше очигледно со Версајската декларација на почетокот на март, која има цел да ги зајакне одбранбените капацитети, да ја намали зависноста од енергија и да изгради отпорен економски модел.
Во ера на агресивна политика на моќ, ЕУ ги зголемува своите напори за изградба на „геополитичка Европа“. До 2021 година, таа веќе презеде чекори за зајакнување на оперативниот ангажман на цивилни и воени мисии надвор од нејзините граници и за градење на отпорноста на своите членови и партнери против хибридни закани, вклучувајќи и дезинформации. Пропагандните тактики најдоа зголемена важност во тековниот конфликт на истокот од Европа, а Унијата мораше официјално да ги забрани руските државно спонзорирани медиуми како контрамерка.
Кон крајот на март 2022 година, лансирањето на Стратегискиот компас беше уште еден обид кон интегрираниот пристап на ЕУ кон светската безбедносна стратегија и да стане наметлив и „одлучен“ испорачувач на безбедност. Тој е проектиран како алатка за зајакнување на стратегиската автономија на блокот преку партнерства со НАТО, Обединетите нации и регионалните организации како ОБСЕ, Африканската унија и АСЕАН, како и зајакната билатерална соработка со истомисленички држави, како САД, Норвешка, Канада, Велика Британија и Јапонија. Сепак, значењето на Стратегискиот компас лежи во тоа што ѝ дозволува на ЕУ да иницира одбранбени и безбедносни акции без помош на НАТО. Иако вклучува распоредување на 5.000 војници, тој не претставува основа за создавање европска армија, па дури и еквивалент на одбранбена стратегија. Дури и пред објавувањето на европскиот Стратегиски компас, имаше шпекулации дека одредени негови области на интерес се преклопуваа со претстојниот Стратегиски концепт на НАТО и дали навистина се потребни два такви механизми. Досега, индициите сугерираат дека колективната територијална одбрана сè уште е првенствено домен на НАТО.
Денес, светот признава дека е застарена идејата за градење сојузи како од ерата на Студената војна со внатрешен колективен безбедносен пристап. Никаде не е поочигледно како во Индопацификот каде што дури и најодлучните ривали (на пример, Индија – Кина, Јапонија – Јужна Кореја и Јапонија – Кина) се обидуваат да ги ја одржуваат рамнотежата во сè покомплексните врски преку минилатерални и мултилатерални партнерства и кооперативни безбедносни механизми. Сепак, дури и овие држави не сакаат целосно да се вклучат во формации слични на блокови за да го избегнат условниот, многу конфронтирачки и погрешен концепт на закана за еден е закана за сите. Така, светскиот интегриран пристап на ЕУ кон безбедноста изгледа заокружен, барем во духот. Сепак, нормативните механизми треба да имаат предвид дека за време на големи светски војни или кризи слични на војна, сите партнери, веројатно, нема целосно да се согласат на заеднички одговор, кој секогаш ќе се води од соодветните национални интереси. Затоа, силната рамка за соработка мора да дозволи простор за маневрирање со различните безбедносни интереси на долг рок, а ЕУ е составен дел од новонастанатиот индопацифички безбедносен пејзаж.