Фото: Архива на „Нова Македонија“

Два аспекта се проблематични во врска со турнејата на техничкиот премиер. Прво, неговиот мандат е исклучиво поврзан со организирање на изборите, а не со терање партиска кампања во предизборието, во насока на мобилизирање на албанското гласачко тело во полза на партијата од која потекнува. Втор проблематичен аспект е што посетува средини исклучиво со албанско мнозинско население, со што прави поделба и дискриминација на другите граѓани и општини врз етничка основа, иако самиот го тврди спротивното

Наместо да се грижи за организирање фер и демократски избори, техничкиот премиер води партиска кампања

Наместо да се посвети на подготовка на претстојните претседателски и парламентарни избори, техничкиот премиер Талат Џафери од моментот на стапувањето на должноста повеќе тера партиска предизборна кампања отколку што работи на создавање услови за фер и демократски избори.
Имено, техничкиот премиер во овие дваесетина дена од мандатот посети само места каде што албанското население е мнозинство, притоа заборавајќи дека како прв човек на Владата, иако во технички мандат, негова обврска е да се грижи за состојбите во целата држава, без оглед на етничкиот состав на населението.
Така, за само три недели, колку што е технички премиер, Џафери речиси цело време е на терен, најпрво фрлајќи лопата на камен-темелникот на обиколницата во Тетово, потоа на градинка и на нова сала во општината Липково, а ги посети и Универзитетот и студентскиот дом исто така во Тетово, места со доминантно албанско население.
Два аспекта се проблематични во врска со овие негови турнеи. Прво, неговиот мандат е исклучиво поврзан со организирање на изборите, а не со терање партиска кампања во предизборието, во насока на мобилизирање на албанското гласачко тело во полза на партијата од која потекнува. Втор проблематичен аспект е што посетува средини исклучиво со албанско мнозинско население, со што прави поделба и дискриминација на другите граѓани и општини врз етничка основа.
Техничкиот премиер вели дека нема предрасуди во однос на тоа што треба да посети и да претстави.
– Јас за себе немам никаква предрасуда по однос на ниту едно прашање што се однесува на животот и живеењето во оваа преубава држава што ја имаме – рече Џафери, одговарајќи на новинарски прашања, зошто откако е премиер е во посета само на места во кои живее доминантно албанско население.
Тој уште додаде дека нема никаков проблем да посети и места во кои доминираат други заедници освен албанската, но само ако бил поканет, притоа истакнувајќи дека е премиер на сите граѓани.
Сепак, чудно е во овие три недели техничкиот премиер да не најде ниту еден термин за каква било макар блиц-посета на некоја општина во која живее доминантно македонско, турско, српско, влашко, ромско или какво било друго население поинакво од албанското. Ако е премиер на сите граѓани како што тврди, тогаш треба да знае дека за неговите активности не се потребни посебни официјални покани од локалните власти, туку тој може да оди каде што ќе посака и од прва рака да се запознае со проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Политичкиот аналитичар и новинар Џељал Незири смета дека во фокусот на техничкиот премиер ќе бидат само регионите каде што неговата партија може да освои гласови на претстојните избори и затоа таму се насочени неговите посети.
– Очекувано беше дека Џафери на тој начин ќе настапи, дека ќе ги опфати не само регионите каде што живеат етнички Албанци туку претежно регионите од каде што може да земе гласови. Тој сепак не е некој што не е член на ниту една политичка партија, тој е член и беше пратеник на ДУИ и како таков во предизборието води сметка и за тој пиар-аспект на партијата – вели Незири.
Дел од другите аналитичари сметаат дека техничкиот премиер со ваквите активности излегува од мандатот на техничката влада.
– ДУИ има теренски активисти што треба да го мобилизираат гласачкото тело на терен, а не тоа да го прави техничкиот премиер. Тој колку сака може да кажува дека ќе посетел и други општини во кои не е доминантно албанското население ако го поканеле, но нему не му е потребна покана да појде каде било и да се сретне со граѓаните. Но знае дека посета на Виница, Штип, Гевгелија, Пехчево или Струмица нема да донесе никаква бенефиција за неговата партија на изборите, па затоа оди во општините со албанско мнозинско население, да покаже дека ја оствариле целта „Албанец премиер“, кога веќе потфрлија на сите други полиња. Се работи за чиста партиска кампања и ништо повеќе – констатираат аналитичарите.