Фото: СЕП

Специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, се сретна со вицепремиерот Бојан Маричиќ

Клучен период во пристапните преговори со Европската Унија е пред нас, не треба да се губи време и оваа шанса, било истакнато на денешната средба на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Како што информираат од СЕП на средбата било разговарано за пристапните преговори, уставните измени, реформите и извесноста на европската перспектива за регионот.

– Докажаниот пријател на Северна Македонија и наш поддржувач за напредокот кон ЕУ, Мануел Сарацин на состанокот јасно укажа дека членството во ЕУ е извесно и дека не треба да се губи време и оваа шанса. Во таа насока Сарацин додаде дека активна е дебата во Европската Унија за идното проширување, која треба во следните месеци да даде конкретен план и временска рамка, и порача дека треба брзо да движиме кога станува збор за следниот чекор во процесот на преговорите и фаќање на брзата лента, со земјите кандидатки кои веќе преговараат – се наведува во соопштението од СЕП.

Вицепремиерот Маричиќ истакнал дека Владата е целосно посветена на задржување на  Македонија на европскиот пат, посочувајќи дека како држава имаме направено многу кога е во прашање патот кон ЕУ, но и дека клучниот период допрва доаѓа.

– Како Влада фокусот го држиме на успешно завршување на обврските и ново приближување кон ЕУ, со цел да направиме уште повеќе во делот на реформи и со поголема брзина да влеземе во клучните години за европеизацијата на македонското општество – потенцирал Маричиќ.

На средбата уште еднаш било потврдено дека Сојузна Република Германија останува посветена на европската перспектива на регионот и дека нејзината заложба е да останеме активни во пристапниот процес и без понатамошни компликации и одолговлекувања, ефикасно да ги завршиме преговорите со ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ се заблагодарил што Германија е наш политички и економски партнер, како и сојузник во исполнувањето на реформската агенда и на стратешките цели.