Лидерот на Прогресивна Бугарија ќе ги продлабочува релациите со Москва врз основа на почитување на принципот на рамноправност на државите и нациите од меѓународното право: До кога двојни стандарди од Софија?
- Поранешниот бугарски претседател, а сега победник на парламентарните избори во Бугарија како лидер на Прогресивна Бугарија, Румен Радев, во изјава веднаш по изборите порача дека „ќе направи чекори кон подобрување на односите со Москва, со почитување на принципот на рамноправност и немешање во внатрешните односи“, потенцирајќи дека станува збор за односот со Русија.Но тој ист „принцип на рамноправна основа“, Софија во целост го игнорира кога станува збор за односот на Бугарија кон Македонија. Ако Софија се чувствува инфериорно или загрозено во прегратките на својот поранешен патрон, зошто тогаш ја применува истата логика на наметнување моќ кон официјално Скопје, негирајќи го принципот на рамноправност меѓу државите и нациите предвиден во меѓународното право, што толку гласно Радев го бара за себе, односно за Софија
Клучната поента во градењето добри односи меѓу земјите е тие да бидат воспоставени на рамноправна основа и соодветен реципроцитет, односно никој да не се чувствува во подредена улога или, што е уште полошо, да чувствува дека тие односи се закана за неговиот идентитет, јазик, историја и култура, поточно опасност за сето она што значи национално достоинство.
Токму затоа заложбата на секоја држава кога влегува во процес на воспоставување нови, или, пак, ревитализирање на постојните односи, е тие да бидат градени на рамноправна основа, без разлика на политичката, воената или економската моќ на другата страна.
Тоа е единствената гаранција дека односите меѓу две земји се воспоставуваат на долг рок, а довербата што се стекнува преку еден таков процес несомнено води кон зближување на двете општества, при што се отвора патот за уште подлабока соработка во секоја сфера.
Дипломатска фраза или само чувство за помала вредност?
На завчерашните парламентарни избори во Бугарија, доскорешниот бугарски претседател Румен Радев однесе убедлива победа, односно освои околу 44,69 отсто од гласовите, резултат со кој се предвидува дека неговата партија Прогресивна Бугарија ќе има апсолутно мнозинство од најмалку 129 до 131 мандат во 240-члениот бугарски парламент.
Оваа победа на Радев се смета за историска, бидејќи за првпат по долго време една политичка опција во Бугарија успева да освои доволно гласови за да може самостојно да формира влада, без потреба од комплицирани коалиции, кои беа причина за честите изборни циклуси во изминатите години.
Но она на што многу повеќе се осврнуваат европските медиуми е неговото минато како наводен „руски човек“, а и во врска со потезите што ги влечеше како бугарски претседател, европските медиуми констатираа дека „Москва кај Радев има еден вид преференцијален статус“. Имено, тој во неколку наврати отворено се спротивставуваше на санкциите кон Русија, како и на испораката на оружје за Украина, а несогласувања искажуваше и околу влезот на Бугарија во еврозоната. Дури и во неговата предизборна кампања тој не ги криеше сопствените ставови во однос на Русија, а на завршниот митинг беше прикажано и видео на кое Радев се ракува со рускиот претседател Владимир Путин.
По освојувањето мнозинство гласови на неделните избори во Бугарија, Румен Радев сега прокламира обновување на односите со Русија врз рамноправна основа.
– Бугарија треба да води прагматична надворешна политика што ќе ги штити националните интереси. Се залагам за практични односи со Русија засновани на меѓусебна почит и рамноправна основа – рече Радев во изјава за новинарите веднаш по гласањето во Софија.
Несомнено, пораката на Радев за градење односи со Москва на „рамноправна основа“ отвора длабока историска и политичка дилема: што навистина подразбира тој термин за нација чиј идентитет и граници низ вековите често биле обликувани токму под рускиот патронат? Историјата сведочи за однос кон Бугарија во кој Русија „и давала и одземала“, почнувајќи од создавањето на санстефанска Бугарија како проект за руско влијание на Балканот, до подоцнежните периоди на полно политичко влијание, во рамките на т.н. Варшавски пакт. Во тој контекст, инсистирањето на Радев на „рамноправност“ не звучи само како дипломатска фраза туку како признание за една веројатност за одредена форма на влијание меѓу „малите и големите“ држави, односно сили.
Од тука произлегува и клучниот парадокс што директно ја засега Македонија и бугарскиот однос кон земјава: додека Радев бара „принцип на рамноправност“ и немешање во односите со голема сила како Русија, тој ист принцип на „рамноправна основа“ тотално ерозира кога станува збор за односот на Бугарија кон Македонија. Ако Софија се чувствува инфериорно или загрозено во прегратките на својот поранешен патрон, зошто тогаш ја применува истата логика на моќ кон официјално Скопје, негирајќи ја рамноправноста што толку гласно ја бара за себе. Дополнително, оваа реторика на Радев нè става пред прашањето дали „рамноправноста“ во балканскиот речник е само алатка за заштита од посилните или искрена вредност што треба да важи за сите народи и нации, без оглед на нивната големина.
Меѓусебните односи се двонасочна улица
Во разговор со поранешни дипломати и луѓе што со децении ги следат македонско-бугарските односи, изјавата на Радев за тоа дека сака односи со Русија врз „рамноправна основа“ и меѓусебно почитување би била сосема на место доколку не е лицемерна.
– Мораме сериозно да се запрашаме што всушност дефинира претседателот Радев под поимот „рамноправна основа“ во контекст на народот и нацијата? Ова ново инсистирање на „рамноправност“ во устите на бугарските политичари всушност е дипломатски код за чувство на загрозеност. Тие се обидуваат да редефинираат однос во кој повеќе нема да бидат само извршители, туку субјекти – велат дипломатите.
Според нив, тука се појавува суштинскиот парадокс што македонската дипломатија не смее да го премолчи.
– Ако Радев бара „рамноправна основа“ во односите со Русија, тогаш тој принцип мора да го почитува и во односите со Македонија. Ние со децении инсистираме на истата таа рамноправна основа во билатералните односи. Ако за Бугарија е легитимно да бара немешање, економска соработка и безбедносни гаранции без притисок од посилната Русија, зошто тогаш истите тие критериуми не важат во нивниот однос кон нас? Тие ја користат својата позиција на моќ како земја членка на ЕУ и како моментално посилен фактор за да го суспендираат токму оној принцип на кој самите се повикуваат пред Москва. Недозволиво е „рамноправноста“ да биде селективна вредност; таа или е темел на меѓународното право и меѓусебното почитување или е само празна реторика за прикривање национални фрустрации – посочуваат соговорниците.
Дипломатски реципроцитет за Македонија: Што нуди Москва, а што одбива Софија?
Русија е подготвена за обновување на односите со официјално Скопје, но исклучиво врз „рамноправна основа и заемно почитување“!
Додека бугарскиот претседател Радев ја дефинира „рамноправноста“ како „штит од евентуален руски патронат“, на македонската сцена се случува интересен дипломатски пресврт. Имено, новиот руски амбасадор, Дмитриј Зиков, во своето неодамнешно интервју за „Нова Македонија“, децидно порача дека Русија е подготвена за обновување на односите со официјално Скопје, но исклучиво врз „рамноправна основа и заемно почитување“.
Тука се раѓа парадоксот: една светска суперсила како Русија, преку својот официјален претставник, јавно нуди и бара рамноправност од многу помалата Македонија, признавајќи го нашиот субјективитет дури и во периоди на затегнати односи. Спротивно на ова, Софија, која и самата се жали на историскиот притисок од Москва, го одбива истиот тој принцип во релацијата со Македонија.
Како и да се толкува, сепак изјавата на рускиот амбасадор служи како јасен потсетник дека во меѓународната политика дури и најголемите и моќни држави го користат јазикот на рамноправноста, односно јазикот и принципите на меѓународното право, додека нашите соседи сè уште претпочитаат јазик на диктат и условување. С.Т.
































