Откако Алтернатива влезе во Владата, а БЕСА одлучи да прејде во опозиција, во оваа Комисија мнозинство имаат опозициските партии со пратеникот на БЕСА Фадил Зендели

Претседателот на Собранието, Талат Џафери нема да ја свика Комисијата за прашањата на изборите и именувањата за утврдување на предлози на четворица уставни судии, како што побара опозициските пратеници, се додека не се врати соодносот на власта и опозицијата во ова работно тело.

Откако Алтернатива влезе во Владата, а БЕСА одлучи да прејде во опозиција, во оваа Комисија мнозинство имаат опозициските партии со пратеникот на БЕСА Фадил Зендели.

Ова Џафери го соопштил на денешната средба со медиумите и посочи дека ваквиот состав на Комисијата е во спротивност со членовите 20 и 108 на Деловникот, каде е утврдено кој го има мнозинството во работните тела и побара тој да биде доблесен и да го отстапи местото во ова работно тело.

-Зошто Зендели си даде оставка од потпретседателското место во Парламентот? Бидејќи деловникот утврдува од чии редови се потпретседателите. Така е и во Комисијата. Укажувам на секоја координација да се врати соодносот, очигледно тоа го гледаат како дневно-политичка калкулација, и јас во тоа не можам да се мешам, но во крајна инстанца ја попречува функционалноста на Собранието и е спротивно на интересот на граѓаните-рече Џафери.

Тој вели дека секако ќе го спроведе Деловникот и ќе го поврати соодносот во ова работно тело иако тој не сакаше да каже дали ова значи разрешување на Зендели или пак назначување на нов член.

-Би било коректно да го направи тоа како што го направи како потпретседател на Собранието свесен дека тоа место не му припаѓа нему како потпретседател на Собранието, како што верувам свесно знае дека тоа место не му припаѓа нему како опозиција, не како Фадил Зендели, како опозиција статусно. Статусно местото не и припаѓа на БЕСА, а тој е пратеник на БЕСА во опозиција-рече Џафери.

Работата на Комисијата, додаде собранискиот спикер, треба да го рефлектира мнозинството и од тој момент ќе може Комисијата да си работи во полн состав онака како што е пропорцијата на застапеноста на политичките партии.

Како што појасни Џафери, Зендели кој претходно беше и потпретседател на Собранието, по заминувањето на БЕСА во опозиција на 9 декември 2021 година поднесе оставка од функцијата потпретседател, затоа што, како што рече, тоа се коси со деловничкиот принцип дека од вкупниот број потпретседатели едно потпретседателско место и припаѓа на најголемата опозициска партија или коалиција и неговиот статус по поминувањето во опозиција се косеше со правото на најголемата опозициска политичка партија, односно коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ да има потпретседател.

–По таа логика значи не може местото кое што го држел кога бил мнозиство да си го задржи како опозиција затоа што според пропорционалноста на застапеноста на политичките партии во работните тела тоа место не и припаѓа на БЕСА. Тоа место е на СДСМ. Тоа го кажува Деловникот, не го кажувам јас за да бидам нечиј судија или адвокат, но прописот е тој. И од таа причина на секоја координација е укажано дека треба да се реши ова прашање за Комисијата за избори и именување за да може истата после да покрене процедура, постапка за доекипирање на другите работни тела по однос на пратениците кои заминале од Собранието како министри или како градоначалници и по однос на пратениците коишто дошле од истите листи коишто треба да се вклучат во работа на работните тела. Тоа е Деловникот којшто така го пропишува-истакна Џафери.

Тој нагласи дека за разрешување на случајот го има на располагање единствено Деловникот.

–Јас дадов време да рефлектираат политичките партии, да се вразумат, соодветна процедура да си покренат, соодветен однос и соодветна постапка. И на крајот на краиштата моја обврска и надлежност според член 60 од Деловникот е да го спроведувам Деловникот-посочи Џафери.