Состојбата за користењето на дигиталните услуги е различна од општина до општина, но како што забележуваат експертите, генерално, процесот на дигитализација е неопходно да се одвива подинамично. Градоначалниците треба да дадат нов и посилен импулс кон процесите на дигитализација. Според експертите со кои се консултиравме, единствен заклучок е дека однесувањето на доскорашните носители на локалната власт укажува дека под дигитализација се подразбира единствено отворање општински сајтови и одговарање на прашања од граѓаните… Зошто дигитализацијата е многу повеќе од тоа?
Дигитализацијата и локалната самоуправа
Голем број граѓаните сѐ уште за да добијат некоја информација или документ, мораат да се јават на шалтерите на општинските институции. Тоа е генералниот заклучок на повеќе соговорници, експерти и истражувачи од доменот на дигитализацијата и локалната самоуправа. Стои заклучокот дека состојбата за користењето на дигиталните услуги е различна од општина до општина, но, како што забележуваат експертите, процесот на дигитализација сѐ уште се одвива бавно. Локалните власти досега, за жал, не обрнуваа доволно внимание на придобивките што со себе ги носи воведувањето на дигитализацијата. Според истражувачите на оваа проблематика, однесувањето на досегашните носители на локалната власт укажува дека под дигитализација се подразбира единствено отворање општински сајтови и одговарање на прашања од граѓаните.
Во издигањето на нивото на дигиталните услуги заостануваат и големите урбани општини
Скопје, Битола, Тетово, Струмица, според својата големина, и кадровски и финансиски, треба да бидат носители во дигитализацијата во земјава. За потребата од поголема конкретна примена на дигитални услуги на локално ниво и системски пристап и централизирана координација на процесите, со цел сите граѓани да добијат исти услуги на локално ниво, беше посочено и на неодамнешната дебата, која беше организирана од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП). Ивајло Цонев, проектен координатор од фондацијата „Фридрих Науман“, посочи дека дигитализацијата е важна како за граѓаните и бизнисот, така и за институциите, бидејќи овозможува поефикасна соработка и поефективна и поефикасна комуникација.
– Дигитализацијата е ефикасен инструмент за справување со корупцијата, што значи е инструмент за брз економски раст. Иднината е во дигитализацијата и колку побрзо се зафатиме со конкретни чекори напред, толку побрзо ќе стигнеме до светските трендови за побрз раст – рече Цонев.
Недоволно е да постојат само стратегии, потребна е акција за конкретно спроведени проекти
Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма на ИДУЕП, смета дека е недоволно да постојат само стратегии, туку е потребна акција за конкретно спроведени проекти.
– Дигитализацијата е многу поважна за помалите општини. Таа ја намалува разликата на мали и големи општини, бидејќи секој што има пристап до интернет е еднакво оддалечен од онлајн шалтерот за услуги во општината. Втора причина е фактот што со паметен дигитален пристап, односно преку дигитализација на понудата, со атракциите и знаменитостите што се дел од некоја помала општина, многу полесно таа општина сама се става на мапата на туристички и економски дестинации во земјата, регионот и целиот свет. А, токму тоа значи повеќе приходи, развој на капацитетите, заживување на општинскиот туризам, угостителството… Секако, за тоа се потребни пари и човечки ресурси. Но затоа избираме градоначалници и општински совети, да менаџираат и, секако, да наоѓаат финансиски средства за потребите на општината – вели Кордалов.
Од контактите со градоначалниците, тој бил информиран дека општините немаат тимови со знаење и искуство што ќе се нафатат да го спроведат тој процес од почетокот до крајот. Но како што нагласува Кордалов, кај дигиталните услуги или, пак, кај воведувањето можност за е-потврди, е-апликации и сл., во основа сѐ се сведува на тоа дали се има волја или не.
– Потребно е итно (период од три до шест месеци) за воведување можност за сите услуги да се извршуваат и онлајн, како и виртуелна комуникација со општините, но и со сите други централни јавни институции. Такво е времето, такви се навиките на луѓето. Но, во исто време, не смее ниту еден човек да биде исклучен или, пак, оставен настрана. Тоа значи дека хартија или можност за одење на шалтер и чекање ред за вршење одредена услуга ќе има додека и последниот граѓанин на некоја општина тоа го бара и сака да го врши на тој начин – појаснува Кордалов.
Дигитализацијата на локално ниво е меѓу приоритетите на централната власт
Во некои општини веќе бил спроведен пилот-проект за дигитални услуги, но тој не заживеал подолго. Како алтернатива, беше дадена сугестија ваквите услуги да се спроведуваат во тесна координација со централната власт и на ниво на сите општини. Министерот за локална самоуправа Горан Милевски посочува дека дигитализацијата на локално ниво е меѓу приоритетите на централната власт, за што се усвоени неколку стратегии и законски решенија.
– Ковид-пандемијата покажа дека општините што се понапред во овој процес обезбедија подобра наплата за нивните услуги. Сите граѓани имаат право на квалитетни и воедначени услуги. Централната власт треба да го осмисли и води процесот што ќе ги опфати сите општини, а притоа треба да се земат предвид капацитетите на сите општини – изјави министерот Милевски.
Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, смета дека во овој процес најважни се политичката волја и поддршката од централната власт. Според неа, клучна е релацијата централна – локална власт.
Тоа значи дека процесот треба да се спроведе одеднаш кај сите општини, со голема поддршка од централната власт. Тоа бара голема промена на законски решенија, а во спротивно може да значи пари фрлени за џабе – смета Перишиќ.
Како причина за ниското ниво на дигитализација при добивање на услугите од локалната самоуправа се наведува и „невидливиот“ отпор кај општинските власти од стравот за отпуштања во и така превработените општински администрации.
– Факт е дека постои страв од дигитализацијата, особено кај повозрасните генерации, поради мислењето дека ќе се намалат работните места. И тоа не е одлика само за општините туку буквално за целата земја и поширокиот регион. Но фактите го говорат сосема спротивното. Дигиталната трансформација не само што создава нови професии, а со тоа и многу повеќе работа за сите, туку првенствено креира високоплатени работни места за сите, особено за младите, кои сметам дека мора да ни бидат приоритет во овој процес – заклучува Бојан Кордалов.
Во анализата што ја спровела фондацијата „Метаморфозис“ се укажува на потребата од приоретизација на дигиталните услуги според потребите на граѓаните, како и да се воведе систем на мерливост на ефикасноста на овие услуги. Покрај ова, треба да се работи на зголемување на стручноста на вработените во општините за овие услуги, но и на зголемување на дигиталната писменост на граѓаните за да може да го користат овие услуги.