Второлигашот Волендам е непоразен на 21 меч, загуби само еднаш сезонава, има седум бода предност на табелата и е пред пласман во Ередивизие. Преродбата започна во 2019-та, кога во клубот се врати Вим Јонк, поранешниот холандски репрезентативец, кој со себе донесе луѓе одговорни за спроведување на идеите на Кројф за време на „кадифената револуција“ во Ајакс, пред речиси една деценија

„Тоталниот фудбал“ и портокаловата боја на дресовите се синоним за Јохан Кројф и за холандскиот фудбал, но помалку изненадувачки е што наследството на иконскиот напаѓач е инспирација за второлигашот Волендам, се наведува во статијата на „Би-би-си“. Кога Вим Јонк, поранешниот холандски репрезентативец, се врати да работи во клубот од детството во април 2019 година, тој со себе донесе луѓе одговорни за спроведување на идеите на Кројф за време на „кадифената револуција“ во Ајакс, пред речиси една деценија.
Тој „план Кројф“ значеше реформа на структурата и на системот на академијата на холандскиот гигант што „произведува играчи“ како Френки де Јонг, Матијас де Лихт и други, со фокус на играње атрактивен фудбал, создавање култура на игра и развој на млади играчи преку индивидуални програми. Да се реализира таква визија во Амстердам беше една работа, но во Волендам, рибарско гратче со околу 25.000 жители, триесетина километри од арената „Јохан Кројф“, беше сосема друга. Волендам девет сезони играше во Ередивизие, последен пат пред 13 години. По лошите резултати и неинспиративен фудбал, гледајќи како гледачите и спонзорите губат интерес, Волендам ги повика Јонк и неговиот тим на помош. Тие со Кројф го напуштија Ајакс во 2015 година. Првиот предизвик на Јонк беше да ја врати публиката на стадионот.

ПРЕСВРТ

– Тие си седеа во баровите и си ги гледаа чашите со пиво наместо да гледаат натпревар. Сакав да играме напаѓачки, да се браниме понапред, да играме со правило за три секунди, опција за трет човек, сите тие принципи за да ги навикнам играчите на тоа што значи атрактивен и напаѓачки фудбал. Тоа убаво звучи, но има многу повеќе од тоа – вели Јонк за „Би-би-си“.
Во првиот ден на работа, Јонк на тимот му покажал видеа од мечеви на врвни клубови и им зборувал за позиционирањето и за идеите што сакал да им ги пренесе на тренинзите.
– Првото нешто што играчите ми рекоа беше „да, но ние не сме Барселона, ние не сме Манчестер јунајтед или Манчестер сити“ – вели Јонк, чиј одговор на тоа било работа на подобрување на играта и полнење на стадионот.
По три години неговата фудбалска мантра завладеа. Волендам е непоразен на 21 меч, загуби само еднаш сезонава и има седум бода предност на табелата.
– Сега ако победиме со 2-1 и ако тоа не е добар натпревар, сите се жалат затоа што требало да победиме со три или четири гола разлика. Но ние уште се подобруваме, имаме многу да учиме – вели Јонк.
Директорот за фудбал, Јаспер ван Левен, вели дека следната задача е развивање поодржлива трансфер-политика, фокус на откривање „таленти со висок потенцијал“, во и надвор од клубот. Најдобар пример за ова е Мики ван де Вен, млад дефанзивец, кој претходно беше занемарен во тимот до 19 години, но „процвета“ под новите тренери и потоа лани му беше продаден на Волфсбург за 3,7 милиони евра. Во клубот не постоел оддел за скаути, ниту канцеларија за тренерите во академијата. Рубен Јонгкинд, директор на академијата и одговорен за пишување и за спроведување на „планот Кројф“ во Ајакс, вели дека сѐ, од развојот на талентите до методите на тренинг, требало да се промени.

ЦЕЛА НОВА АРМИЈА ТРЕНЕРИ И СКАУТИ

– Моравме да забележиме, избереме и да истренираме цела нова армија тренери и скаути, да најдеме луѓе отворени за нашата визија, да ги преквалификуваме и да ги едуцираме. Најважно што сакавме да покажеме е дека ако работиш на убавината во играта, на крајот ќе постигнеш и добри резултати. Тоа можете да го покажете во клуб со голем буџет, но друга работа е тоа да го постигнете во клуб со само пет милиони евра годишен буџет – вели Јонгкинд.
Просечната возраст на првиот тим е само 22,6 години. Спроведувањето на теоријата на Кројф до реализација во холандскиот второлигаш ги потврди верувањата дека доброто скаутирање и создавањето вистинска средина може да им помогне на младите играчи да го достигнат својот потенцијал.
– Ако во моментов некој млад играч е на многу високо ниво, тој не доаѓа во Волендам, мора да бидеме реални. Треба да сте добри во проценувањето на потенцијалот на играчот, тоа е клучно, бидејќи ќе можете да го ангажирате пред другите да го откријат. Работејќи во Ајакс, повеќе или помалку сте сигурни дека имате многу талентирани момчиња од речиси цел свет, во академијата и во првиот тим. Потоа треба само да ги негувате и да ги развивате. Во Волендам немате десетина исклучителни таленти, тоа е невозможно. Ни останува да најдеме и да регрутираме таленти, кои можеби биле занемарени на друго место поради поинаква визија, некои можеби подоцна созреваат. Никогаш не би очекувале талентите на Волендам да бидат поголеми од оние на Ајакс, но можам да кажам дека кај нас има некои што се поголеми од нивните – вели Ван Левен.


Постои план за нов стадион сличен на рибарски брод

Ако Волендам сезонава се пласира во Ередивизие, следна цел е да се остане таму, а потоа да стане етаблиран клуб. Веќе има планови за мултифункционален нов стадион, сличен на брод, во согласност со риболовните корени на Волендам.
– Размислуваме многу за стратегиите за продажба на нашата приказна и за наоѓање спонзори што ќе можат да се поврзат со идејата за одржлив развој. Волендам е нешто како култен град, сите го знаат во Холандија и годишно го посетуваат над 1,5 милион туристи од целиот свет, така што има огромен потенцијал за да привлече многу повеќе публика од само локалните жители. Но тој чекор ќе можеме да го направиме само ако сме во Ередивизие. Потребни ни се време и поддршка, а најмногу луѓе што ќе веруваат во тоа – истакнува Рубен Јонгкинд, директор на Академијата на Волендам.