Светите браќа Кирил и Методиј се едни од највлијателните фигури во историјата на цивилизацијата, неотуѓив дел од духовното битие и културниот идентитет на македонскиот народ. Тие се вградија и во историското и духовното растење на многу народи во светот, а особено ја задолжија Македонија, од чии тогашни простори двајцата потекнуваат и во која тие поминале голем дел од својата просветителска мисија. Тие се неотуѓив дел од духовното битие и културниот идентитет на македонскиот народ

На 24 мај се прославува делото на сесловенските рамноапостолни просветители и учители, солунските браќа Св. Кирил и Методиј. Овој датум е и државен празник на Република Македонија. И нашата Македонската православна црква-Охридска архиепископија ги чествува тие дејци и нивното дело.
Делата на светите браќа имаат светска цивилизациска вредност, тие се од епохално и уникатно значење. Кирил и Методиј обележија цела епоха во историјата на христијанската цивилизација, а особено во историјата на Македонија.

Светите браќа се единствените личности што можат да се дефинираат како мост
помеѓу Источна и Западна Европа

Во експертските кругови се смета дека светите браќа се единствените личности што можат да се дефинираат како мост помеѓу Источна и Западна Европа. Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската, но и во европската историја. Нивното дело е револуција во дотогашната светска мисла дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Тие успеваат со своите мисии, особено со мисијата во Велика Моравија, да го внесат словенскиот јазик, создавајќи ја глаголицата како писмо засновано на говорите од тогашното население од околината на Солун.
Светите Кирил и Методиј се вградија во историското и духовно растење на многу народи во светот, а особено ја задолжија Македонија, од чии тогашни простори двајцата потекнуваат и во која тие поминале голем дел од својата просветителска мисија. Тие се неотуѓив дел од духовното битие и културниот идентитет на македонскиот народ. Наедно, светите браќа имаат посебно место во историјата на писменоста и културниот развој на сите словенски народи, поради тоа во многу држави тие денес имаат заслужено место во колективната меморија на народите.
Блажените Кирил и Методиј пред околу 1.160 години на тогашните жители на овие простори им дале азбука и им го доближиле православното христијанство како државна религија во Византиската Империја на нивниот разбирлив јазик. Наследството на светите Кирил и Методиј засекогаш ги поврзува словенските народи на културен план, при што тие со пиетет го чуваат споменот за нив.

Родоначалници и основоположници на словенската писменост, литература и култура

За делата, значењето и големината на Кирил и Методиј разговараме со двајца професори на Православниот богословски факултет (ПБФ) „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Едниот професор по предметите Патрологија и Агиологија со хеортологија, доцент доктор Виктор Недески, е продекан на ПБФ „Свети Климент Охридски“. Другиот професор е доцент доктор отец Александар Крстаноски.
Доц. д-р Виктор Недески во разговорот наведува дека христијанизацијата и просветата на словенските народи е еден од најважните настани, како во црковната, така и во политичка историја. Тој додава дека благодарение на дејноста на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, големата група на словенските народи го оставила зад себе своето паганско минато и се вброила во редот на големите и значајни цивилизации.
– Саможртвената мисија на солунските браќа е значајна од повеќе аспекти. Секако, главната цел на сесловенските просветители, како и на секој христијански мисионер, е исполнување на Христовата максима: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (Матеј, 28,19). Но, заслужува особено внимание начинот на кој Св. Кирил и Методиј пристапиле кон исполнувањето на ова свештено дело. Така, нивната големина е во тоа што запознавајќи ги Словените со христијанството, тие не им наметнале некоја друга цивилизација или култура, а уште помалку јазик или самосвест. Напротив. Сакајќи да ги доближат словенските народи до христијанството, светите браќа извршиле христијанизација на словенската цивилизација, издигнувајќи ја на едно ново културно и духовно ниво – вели доц. д-р Недески и дополнува:
– Без дејноста на Кирилометодиевите ученици, делото на светите браќа несомнено би згаснало по суровите прогони на просветителите во Моравија. Но, промислата божја уредила овој духовен оган да не згасне, туку да се разгори уште посилно овде во Македонија, токму преку дејноста на најистакнатите ученици на Св. Кирил и Методиј. Токму затоа светите браќа се неотуѓив дел од нашиот духовен бит и културен идентитет – ни изјави професор Виктор Недески.
Отец Доц. д-р Александар Крстаноски, во разговорот ни напоменува дека Свети Кирил и Свети Методиј се едни од највлијателните фигури во историјата на цивилизацијата.
– Делото на светите браќа има епохално и уникатно значење. Евангелската порака е за сите и за сѐ. Идејата да се конструира азбука, да се состави граматика и да се стандардизира еден нов книжевен јазик, а со цел да биде пренесена евангелската порака, е уникатна. Затоа и делото на светите браќа е уникатно. Никој дотогаш не стандардизирал јазик, практично и книжевно, само со цел да се пренесе радосната вест на Евангелието. Светите браќа го направија тоа и ни дадоа голема одговорност. Нашите дијалекти ги втемелија како основа за еден општ словенски јазик. Условно кажано, ни го оставија „товарот“ од нашето поднебје да доаѓаат најстарите споменици на словенската книжевност. А, ако судиме според популацијата на говорителите и на книжевните дела на словенски јазик, зборувам за средновековна, но и современа книжевност, не само што не е занемарлива туку е и сериозно влијателна во светската литература. Затоа, нивниот спомен не е само еден лист од календарот, туку лист на светската историја. Свети Кирил и Свети Методиј се едни од највлијателните фигури во историјата на цивилизацијата. Нивното дело е лекција во секој учебник на целата планета – ни рече доц. д-р отец Александар Крстаноски.

Живко Здравкоски