Вчера започна Светскиот економски форум во Давос
Повеќе од шеесет светски лидери им се приклучуваат на стотиците бизнисмени во швајцарскиот ски-центар Давос на петдневниот годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ), кој почна вчера и ќе трае до 19 јануари. Самитот се одржува под мотото „Обновување на довербата“. Во следните денови ќе се разговара за клучните теми: постигнување на безбедноста и соработката во поделениот свет; создавање раст и работни места за новата ера; вештачката интелегенција како движечка сила за економијата и општеството и долгорочна стратегија за клима, природа и енергија. Неизбежна тема во настапите на големиот број учесници во дебатите ќе бидат актуелните судири во Украина и на Блискиот Исток и нивното влијание на глобалната економија.
– Во време кога глобалните предизвици бараат итни решенија неопходна е иновативно јавно-приватна соработка за идеите да се претворат во акција. Светскиот економски форум нуди структура за развој на истражувањата, за создавање сојузи и рамки што промовираат соработка во текот на целата година. Годинашниот состанок ќе послужи како акцелератор на таа соработка, продлабочувајќи ги врските меѓу лидерите и иницијативите – порача Берге Бренде, претседателот на СЕФ.
Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, според програмата на форумот, денеска ќе разговара со основачот на Светскиот економски форум во Давос, Клаус Шваб, додека в четврток пред учесниците ќе се обрати извршниот директор на компанијата за развој на вештачка интелигенција „Опен АИ“, Сем Алтман, како дел од дебатата за технологијата во турбулентен свет.
Една од темите ќе бидат климатските промени, па учесниците ќе разговараат за тоа како светските лидери можат да работат кон „јаглеродно неутрален и позитивен свет до 2050“, притоа обезбедувајќи прифатлив, безбеден и инклузивен пристап до енергија, храна и вода.
– Европа ги доживува најтоплите јануарски денови досега, а заедниците низ светот се борат со екстремните временски услови предизвикани од климатската криза. Во меѓувреме, богатите и моќните се собираат во Давос со ултразагадувачки, социјално неправедни приватни авиони за да разговараат за климата и нееднаквоста зад затворени врати – изјави Клара Марија Шенк, активистка на еколошката група „Гринпис интернешнл“.
Форумот во Давос ќе почне без претседателите на трите светски сили: САД, Русија и Кина, Џорџ Бајден,Владимир Путин и Си Џинпинг. Наместо нив, во Швајцарија ќе допатуваат премиерот на Кина, Ли Чанг, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и советникот на САД за државна безбедност Џејк Саливен. Своето учество на самитот го најавија францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерите на Белгија и на Шпанија, Александар де Кроа и Педро Санчез, претседателот на Израел, Исак Херцог, како и новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеј. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе ѝ се обрати на публиката преку видеоврска. Во Давос доаѓаат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Подготвил: Митко Јовановски