Фото: Архива

Во очекување на квалитетна и позитивна предизборна политичка кампања

Доколку се земе предвид досегашната реторика на политичките субјекти, се наметнува прашањето каква кампања може да очекуваат граѓаните за парламентарните и за претседателските избори. Дали македонското општество ќе слушне за суштински нешта, како што се програми и решенија за одредени институционални и економски проблеми, програми и решенија од кои зависи напредокот на Македонија како држава и општество во повеќе сегменти? Тука, секако, е и наметнатиот проблем од Република Бугарија, кој е поврзан со промената на македонскиот устав, како и недостигот од гаранции дека Софија повеќе нема да поставува ирационални барања што би биле пречка за патот на Македонија кон Брисел.
За оваа проблематика разговаравме со неколку аналитичари и експерти, кои ни посочија дека од суштинска природа е сите политички субјекти да се насочат кон развој на институциите и економската благосостојба, а тоа соодветно треба да се најде и во политичките програми за изборите што нѐ очекуваат. Според нашите соговорници, потребни се решенија за наметнатиот проблем од Република Бугарија, но и заштита на државните и националните интереси, особено ако се земе предвид дека Софија ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Аналитичарите со кои говоревме посочуваат дека и покрај многубројните проблеми со кои се соочуваме како општество и држава, очекуваат политичка кампања што ќе се одликува со навреди, подметнувања и сл., но и со конкретни политички платформи и решенија за проблемите.
Доколку се земе предвид дека повеќе релевантни меѓународни извештаи посочуваат дека се соочуваме со проблеми што се поврзани со корупцијата или владеењето на правото, политичките субјекти во своите програми за наредните избори треба да понудат решенија за развој на институциите, велат нашите соговорници. Ова е особено важно ако се земе предвид дека институционалниот развој го подобрува капацитетот на државата за мобилизирање и распределба на ресурсите, како и за решавање на проблемите. Со други зборови, во овој момент на Македонија ѝ е потребна позитивна политичка кампања во која ќе бидат презентирани решенија за добро владеење, кое, пак, зависи од ефикасна и некорумпирана јавна администрација, а ова ќе биде особено важно во преговорите со Европската Унија, велат нашите соговорници.
Бидејќи македонската економија се соочува со повеќе проблеми, од суштинско значење е политичките партии да понудат решенија што ќе бидат поврзани со бизнисот и инвестициите, како и предлози што ќе бидат насочени кон поттикнување на растот, зајакнување на конкурентноста и создавање енергична економија. Не смееме да заборавиме дека од економските решенија и проекти на партиите за изборите што нѐ очекуваат ќе зависат создавањето на работните места, развојот на инфраструктурата и образованието. Но доколку се земат предвид досегашните сигнали што пристигнуваат од субјектите на македонската политичка сцена, аналитичарите велат дека граѓаните треба да очекуваат црна кампања, подметнувања, навреди и сл., на сметка на конкретни решенија за проблемите и предизвиците.

За оваа проблематика, аналитичарот Сотир Костов вели дека кампањите, според карактерот, може да се поделат на позитивни, негативни и мешани. Очекувам дека ќе имаме сплет на позитивна и негативна кампања, најверојатно ќе имаме микс од мешана кампања. Има уште еден вид кампања, а тоа е црната кампања. Доколку во кампањата има гола пропаганда, а пропагандата знаеме дека не е ниту политички маркетинг, ниту социјален маркетинг, тогаш станува збор за црна кампања, која се одликува со навредување и оцрнување на политичките противници. Јас очекувам, во еден дел од одредени субјекти да водат кампањи со високи ресурси, тоа се големите партии, а најмногу партиите на власт. Тие ќе употребат еден феномен што се нарекува институционална активност или пратеничка активност. Сега ќе се предлагаат закони, политики, мерки, ќе донесуваат субвенции, ќе наградуваат земјоделци, минимална плата итн. Ова е кампања на употреба на ресурси на високо ниво, како во финансиска така и во материјална смисла. Другите партии ќе организираат кампања на средно и минимално ниво, вели Сотир Костов.
– За мене овој пат ќе биде карактеристичен дискурсот што ќе се употребува, дали ќе биде афирмативен или негаторски. Ќе има и еден надреален дискурс, а тоа е ветување нешта што нема да можат да се исполнат доколку се земат предвид реалните економски и општествени услови. За мене најбитен ќе биде дискурсот на носителите на кандидатските листите, како и кандидатите за претседател, а победничка варијанта ќе биде онаа што ќе понуди концептуална понуда во смисла како Македонија да се справи со наметнатите проблеми од соседите, со евроинтеграциите, како Македонија да се избори и да биде почитувана од меѓународното јавно право, како Македонија да се справи да бидат почитувани одлуките донесени од меѓународните институции во полза на Македонците, а никако да се спроведат во Бугарија или Грција. Секако и економскиот и социјалниот пакет, сето тоа концептуално да биде спакувано и понудено на избирачите за да можат да го препознаат и да дадат доверба. Оние што ќе одат на гола реторика ќе бидат губитнички партии и фактички ќе нудат ветер во магла. Очекувам новитети, имајќи предвид дека неколку нови политички партии се во игра, како во македонскиот така и во албанскиот кампус – рече Костов. Д.Ст.