Фото: Игор Бансколиев

Според анализите на експертите по економија, со зголемувањето на минималната плата, што беше повеќе како израз на политичка одлука што ги занемарува реалните економски состојби, недвосмислено требаше да се очекува реакција на другите категории вработени во сите сектори. Таквите чекори, според нив, како на пример зголемување на платата на државно ново, треба да се прават постепено и континуирано во реален економски обем. Секое драстично зголемување може да има ефект како на економски шок, но и да предизвика домино-ефект со реакции на социјално-општествен план…

Причините за повеќеслојната криза се глобални, но поводи за незадоволства генерирaме сами

По тринеделниот штрајк на просветните работници, учениците во основното и во средното образование се вратија во училиштата, но искушението не е надминато, бидејќи очигледно е дека не е надминат предизвикот за доаѓање на посакуваното решение за сите засегнати страни. Наставниците, односно нивниот синдикат (СОНК), и понатаму остануваат со неизвесноста дали ќе го добијат бараниот процент на зголемување на платите, учениците не знаат дали ќе им биде продолжена учебната година или ќе биде забрзано и скратено предавањето на предвидената училишна програма, а на Владата веќе ѝ се најавуваат протести и барања од други стопански и општествени дејности, повторно поврзани со социјално-економски потреби.
Познавачите на економските состојби го препознаваат и го вперуваат прстот кон „избрзаното и докрај неанализираното решение за зголемување на минималната плата“ во Македонија, како чкрапалото што ја повлече затегнатата спирала на протести. Сега тој повод, како домино-ефект, рефлектирајќи во социјално-општествениот момент во државата, има сериозен потенцијал да предизвика и политички ефекти.

Реализација на предизборни ветувања – да, но основата за ветувањата е неопходно да биде создадена

Всушност, според економските експерти, главниот проблем се препознава во тоа што зголемувањето на минималната плата (како чекор до просечна плата од 500 евра) беше тежишно мотивирана како „реализација на предизборно ветување“ на актуелната влада, очигледно со преоптимистичка процена на економските можности или дури со нивно пренебрегнување.
– Недвосмислена е констатацијата дека платите во Македонија се ниски, па според тоа, незадоволството на работниците е разбирливо. Од друга страна, нашиот економски раст е многу низок, со просечна годишна стапка на раст од 1,3 отсто во изминативе 30 години, дополнително придружуван со политички кризи. Тоа никако не остава простор за задоволување на потребите за раст на платите. Воопшто, тоа е премалку за развој на земјава. По зголемувањето на минималната плата, повеќе како израз на политичка одлука што ги занемарува реалните економски состојби, требаше да се очекува реакција на другите категории вработени во сите сектори. Таквите чекори, како зголемување на платата на државно ниво, треба да се прават постепено и континуирано во реален економски обем. Секое драстично зголемување може да има ефект како на економски шок, но и да предизвика домино-ефект со реакции на социјално-општествен план, како што во мигов ни се случува. Исто така, очекувано е таквиот разбрануван социјално-економски контекст да го искористи опозицијата во свој интерес, па речиси лесно е предвидливо прелевањето на состојбите и на политички план. Сепак, и покрај партиските интереси и идеолошки разлики, секогаш треба да се води сметка за општиот интерес на државата и да не се довжештуваат прашањата што сами по себе се вжарена рингла. А економско-социјалните прашања се од таков вид – на секогаш вклучена ринга – вели Петар Гошев, економски експерт и поранешен гувернер на Народната банка на Македонија.

Економско-социјалното незадоволство може бргу да мутира во политичко

Универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески смета дека општо економското незадоволство во земјата, неминовно е да се одрази и на политички план. Но барањето решенија за превенирање на таквото незадоволство со предизборни ветувања, засновани на нереални партиски проекции, може да има сосема спротивен ефект од планираниот, како што се покажува со серијата актуелни и најавени штрајкови.
– Зголемувањето на минималната плата само го потенцираше дисбалансот на платите во приватниот и во јавниот сектор. Корените на таквиот дисбаланс се подлабоки и водат до партиско-политичките амбиции за освојување (или опстанување) на власта, а притоа воопшто не се земаат предвид економската логика, продуктивноста на трудот, ниту организацијата на работата. Секоја партија кога доаѓа на власт, вообичаено им се „оддолжува“ на своите симпатизери и поддржувачи со вработувања во јавната администрација, па дојдовме во состојба речиси една третина од работоспособното население во Македонија да добива плата од буџетот, како јавна администрација. Притоа, функционираме во еден голем парадокс кога технолошкиот развој прави непотребни многу административни позиции, Македонија со 1,8 милион резидентно население да има администрација како за држава со 10 милиони жители. На таквиот речиси хроничен економски предизвик на државата се надоврзува и светската криза од последниве две години – прво со пандемијата, а последниве два месеца дополнета со енергетската криза предизвикана од руско-украинскиот конфликт. Сите тие предизвици, Владата се обидува да ги реши со имплементација на некои предизборни партиски проекции во реалноста. Сегашниве социјално-економски протести и штрајкови се цената на вистината во исправањето на проблемите без вистинска процена на економските капацитети. Барањето решенија за превенирање на економското незадоволство со предизборни ветувања, засновани на нереални партиски проекции, може да има сосема спротивен ефект од планираниот – вели професорот Илија Ацески.