Во јавноста сѐ почесто се слушаат тврдењата дека нашата земја направила многу отстапки од своето осамостојување, само за да се задоволат барањата на соседите. Многу од т.н. бенчмаркови беа поставени како „европски услови“ за да влеземе или да се приближиме до некои од меѓународните институции, како што се ООН, НАТО, Европската Унија… Но навистина, колку тие наши отстапки беа плод на внатрешно обмислени политичко-дипломатски тактики за да се дојде до крупната стратегиска цел или беа резултат на притисоци на меѓународната заедница и геостратегиски игри, независно од нас и од поширок контекст? Дадоа ли плод нашите отстапки направени од осамостојувањето до денес или од оваа временска дистанца може да се констатира дека нашиот аванс беше навистина преголем?
Дали со отстапките на политиките во меѓународните односи од осамостојувањето се донесовме во ќор-сокак
По првите сигнали од Софија за затоплување на односите со Скопје, преку економската соработка меѓу двете земји, повторно од бугарската страна се враќа прашањето за „заедничка историја“. Ваквиот пристап, од дел од стручната јавност се толкува како континуитет на политиките топло-студено и тенденцијата на нашиот источен сосед за перманентно и чекор по чекор разнебитување на македонскиот идентитет.
Во јавноста сѐ почесто се слушаат тврдењата дека нашата земја направила многу отстапки од своето осамостојување, само за да се задоволат барањата на соседите. Многу од т.н. бенчмаркови беа поставени како „европски услови“ за да влеземе или да се приближиме до некои од меѓународните институции, како што се ООН, НАТО, Европската Унија…
Поради тоа, сѐ уште е присутен еден колективен стрес кај граѓаните, предизвикан од стекнатиот впечаток за натамошно откажување од својата историја и идентитет, кој е сѐ поизразен во пресрет на возобновувањето на преговорите со Бугарија.
Академик Катица Ќулавкова во своите настапи во јавноста постојано предупредуваше на присутноста и агресивноста на една „ефикасна стратегија за ревидирање на наследениот идентитет на унитарна Република Македонија“, која се покажа и во практиката. Имено, академик Ќулавкова ги идентификува таа стратегија и процеси како промени што се случуваа од осамостојувањето во државава и де факто и де јуре: од „суверена етнонационална држава во т.н. мултиетничка држава, од класична демократија во (консензуална) мултиетничка демократија“. Таа подвлекува дека процесот на ревизија на македонскиот идентитет се радикализира на тој начин што во јуни 2019 година, со потпишувањето на Преспанскиот договор, Р Македонија го смени своето долго и кратко име во Република Северна Македонија, односно Северна Македонија, и прифати да биде лишена од правото да се именува како Македонија.
Ставот на академик Ќулафкова е дека Македонија прифати да го редефинира постојниот идентитет од 1945 година, заведен во документите на ОН (според личната карта на Р Македонија, нејзин јазик беше македонскиот без какви било рестриктивни додавки, а народот – македонски).
Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека во случајот со Македонија не може да се поврзуваат процесите на интеграција со загрозување на националниот идентитет.
– За тоа дали се загрозуваат националните интереси, зависи од договорите што се постигнати или ќе се постигнат, претходно со Грција, а и во иднина со Бугарија. Секој може да ги толкува различно од едната или другата страна за тоа колку е заштитен идентитетот. Самиот процес за интегрирање со Европската Унија нема никаква врска со прашањата за нашиот национален идентитет. Тоа, пред сѐ, е поврзано со спроведување на реформите, економскиот просперитет, функционирањето на правната држава и спречувањето на корупцијата – ни изјави Арсовски.
И професорката Солза Грчева смета дека со интеграциите на нашата држава се влијаело на националниот идентитет.
– Апсолутно се согласувам со тоа дека со интеграциите го ситниме националниот идентитет. Да не беше договорот од Преспа немаше да ни се случува и сега ова со преговорите со Бугарија. Ние се наоѓаме во магла и не знаеме за што се преговара. Идентитетот не е некоја имагинарна категорија, тоа е јасно дефинирано со посебноста на еден народ и неговиот јазик. Овие преговори со Софија се повеќе од штетни и треба да бидат веднаш прекинати од наша страна. Станува видливо дека Бугарија настапува во името на Европската Унија, која не е подготвена за проширување. Практично на ЕУ не ѝ одговараат позитивни преговори и тоа е познато со објавувањето на стратегијата на Макрон. Засега вратата на ЕУ за Македонија е затворена и кое било тргување со идентитетот нема да го смени тоа. Не треба по секоја цена да нѐ внесуваат во европската заедница, кога и така ќе биде присутно бугарското вето што и да прифатиме. Во однос на зачленувањето на НАТО, не знам што добивме со откажувањето од името, освен што нѐ направи да бидеме прислужници и да се јавуваме самите да ја браниме Украина, кога од други земји-членки на Алијансата, како Хрватска и Бугарија, се противат да учествуваат во каква било воена интервенција од НАТО – ни изјави професорката Грчева.