Фото: Игор Бансколиев

Тезата што ја наметнуваат европските бирократи кај овдешната јавност дека сите земји морале да прават некакви отстапки во времето кога пристапувале во ЕУ едноставно не држи вода, бидејќи Брисел досега не дозволи ниту еден билатерален проблем да биде пречка за нечија евроинтеграција, туку ги оставаше сите земји подоцна да си ги решаваат билатералните прашања. За германскиот историчар Улф Брунбауер од институтот за источноевропски истражувања „Лајбниц“ од Регенсбург, притисокот за внесување на Бугарите во македонскиот устав претставува „случај на опасен преседан!“, кога билатерален спор за прашања што немаат врска со приемните критериуми станува составен дел од пристапните преговори!

Кога ЕУ не ги спроведува доследно своите европски политики, реагира и европската интелектуална јавност

Поголем дел европски политичари и експерти, интелектуалната и научната европска јавност, имаат јасни позиции дека билатералните прашања во никој случај не смеат да бидат пречка за некоја земја да напредува на евроинтегративниот пат, под услов да ги исполнува поставените европски критериуми.
Токму Македонија е единствениот пример кога Европската Унија отстапи од ова сопствено правило и дозволи билатерални прашања да станат услов за зачленување во европското семејство. Најпрво Брисел дозволи банален билатерален спор со Грција за разликите за името на државата да стане услов за зачленување во НАТО и за почеток на пристапните преговори со ЕУ, а потоа истиот пристап ѝ го дозволи и на Бугарија, повторно со вклучување билатерални прашања во ЕУ-агендата на Македонија.
Тезата што ја наметнуваат европските бирократи кај овдешната јавност дека сите земји морале да прават некакви отстапки во времето кога пристапувале во ЕУ едноставно не држи вода, бидејќи Брисел досега не дозволи ниту еден билатерален проблем да биде пречка на нечија евроинтеграција, туку им наложуваше на сите земји подоцна да си ги решаваат билатералните прашања. Имено, ЕУ го прими поделениот Кипар без оглед што земјата има билатерален проблем со Турција, а што е уште попарадоксално, нема територијална целовитост. Истиот критериум го употреби и кога стануваше збор за придружувањето на Хрватска, која и покрај тоа што имаше билатерален спор со Словенија, сепак Брисел оцени дека ги исполнила европските критериуми и може да стане дел од ЕУ, а отворените прашања двете земји да си ги решаваат со арбитража. Примери за вакви отворени билатерални проблеми имаше и при поранешните проширувања, особено она во 2004 година, кога пристапниот процес на сите земји-кандидати се следеше исклучиво според спроведувањето на реформите и исполнувањето на европските критериуми, а не според тоа какви билатерални спорови постоеле меѓу земјите-членки и земјите-кандидати за членство.

ЕУ прави преседан што може да го спречи

На ваквата неправда што сега ѝ се прави на Македонија реагира европската интелектуална јавност, која смета дека ЕУ прави опасен преседан со тоа што сега одеднаш почна да дозволува билатералните спорови да се внесуваат во преговарачкиот процес.
Последната ваква реакција стигна од германскиот историчар Улф Брунбауер од институтот за источноевропски истражувања „Лајбниц“ од Регенсбург, за кого притисокот за внесување на Бугарите во македонскиот устав претставува „случај на опасен преседан“, кога билатерален спор за прашања што немаат врска со приемните критериуми станува составен дел од пристапните преговори.
– На овој начин широко се отвора вратата за уцени од членки на Европската Унија кон земјите аспиранти за прием – смета Брунбауер.
Во ситуација кога Македонија е под засилен притисок да ги вметне Бугарите во Уставот за да продолжи со евроинтеграциите, што уште повеќе го иритира македонското општество, клучното прашање што се наметнува е дали Брисел треба да пресече и да го врати евроинтегративниот процес како и за сите земји-кандидати, со исполнување на европските критериуми, наместо да го оптоварува процесот со неважни билатерални прашања.
– Иако формално ЕУ нема механизми за да се премавне вето на земја-членка, по прашања за кои е неопходен консензус, сепак доколку постои политичка волја, се наоѓа излез – смета поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски.
Сепак, тој како клучен проблем го лоцира немањето вистинска волја од страна на ЕУ да го реализира процесот на проширување, кој, според него, е целосно запрен.
– За жал, во моментов нема јасна политичка волја за продолжување на процесот на проширување, па нема ни креативност од Европската комисија – потенцира Боцевски.

Грешката ја направија домашните политичари

Амбасадорот во пензија Драган Јањатов смета дека клучната грешка е направена со брзоплетото и непромислено прифаќање на преговарачката рамка.
– Нормално е што реагира интелектуалната елита во Европа околу тоа да не се вметнуваат билатералните прашања во преговарачкиот процес, но ако сакаше Унијата да интервенира во нашиот случај и да биде принципиелна, тоа ќе го направеше уште со утврдувањето на преговарачката рамка. Преговарачката рамка не ја исклучи таа можност, билатералните прашања да не бидат пречка. А сите во хор повторуваат дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во преговорите, меѓутоа Запад како да го заборави тоа, па не го применува врз Македонија и никој сега не го споменува тоа. А во преговарачката рамка не е поставено тоа, не е регистрирано, и Бугарите сега се осилени, така што бугарските уцени ќе продолжат како приказната „1.001 ноќ“ – вели Јањатов.
Тој е скептичен околу можноста ЕУ да го преиспита својот став и сепак да се врати на старите принципи што важеа за сите земји-кандидати, да се оценува исполнувањето на европските критериуми, а билатералните прашања да се тргнат настрана.
– ЕУ си стои по страна, не се меша во спорот меѓу Македонија и Бугарија со ништо. За нив земјава не е интересна на начин како што интервенираа во случајот со Хрватска, кога ја притиснаа Словенија да се откаже од блокадата и подоцна да си ги решава билатералните прашања со Хрватска. Во нашиот случај имаше само тапкање по рамо и уверување дека некогаш ќе нè примат. Всушност, за нив најважно беше земјава да влезе во НАТО, за да се заокружи тој план на Алијансата на Балканот, а другото е само гола политика – истакнува Јањатов.
Според него, ние немавме политичари што размислуваат со глава и во нив треба да се бара вината што дозволија Бугарија да наметне билатерален спор во процесот на преговори со ЕУ.
– Тој проблем требаше да се реши со преговарачката рамка и не требаше брзоплето да се прифаќа тој француски предлог. Таму требаше да се прецизира дека билатералните прашања не може да се дел од преговорите со Унијата. Не се направи така, тоа ни ги врза рацете и сега топката е на страната на Бугарија. Тие прават што сакаат и ќе продолжат да прават што сакаат. Тие имаат арсенал на прашања што ќе ги отвораат перманентно. Требаше навреме да се отвораат очи. Спорот требаше да го решаваат институциите, а не поединци. Затоа и ни вметнаа билатерален проблем во преговорите со ЕУ. А колку и да реагира некој од страна дека тоа е неправедно и е преседан, самите сме виновни за последиците – заклучува Јањатов.