Фото: Игор Бансколиев

Мислењето дека процесот на проширување на Европската Унија заглави и оти веќе нема кредибилитет не е ново, пишува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) во анализата на напредокот на балканските држави на патот кон ЕУ.

– Колку ситуацијата навистина е меланхолична, покажува најновата анализа на берлинскиот труст на мозоци, која пред се има една силна страна: таа ја разобличува политиката на проширувањето закочена во неефикасност и фразирање, но не врз основа на исказите и ставовите на другите, туку низ податоци и проценки на самата Европска комисија – наведува ФАЦ, истакнувајќи дека е очигледно оти пристапните преговори со текот на годините траат се подолго.

Во прилог на ова тврдење се посочува дека преговорите на Летонија, Литванија и Словачка со ЕУ траеле 34 месеци, на Естонија, Полска и Словенија 56 месеци, додека Бугарија и Романија преговарале 58 месеци. А рекордот го држи Хрватска која преговарала 68 месеци за членство.

– Србија 101 месец се наоѓа во пристапни преговори и заклучи само две поглавја. Црна Гора преговара 120 месеци и привремено заклучи три поглавја. Ако тоа го проектираме на максимални 35 поглавја, резултат претставува пристапниот процес кој ја надминува должината на човечкиот живот. Но, не е само ЕУ одговорна за должината на преговорите – се вели во анализата.

Македонија котира подобро од Црна Гора која преговара цела деценија

Македонија не почнала со пристапни преговори, но според Комисијата, во 23 од 33 поглавја котира подобро од Црна Гора која преговара цела деценија. Црна Гора и Србија уште пред повеќе години ги отворија централните преговарачки поглавја за правосудството и темелните права. Но, Македонија и Албанија кои не ни почнале со преговорите, во исполнувањето на одговарачките критериуми се на ниво на Црна Гора и подобри од Србија, посочува ФАЦ.

Според сегашната динамика во пристапниот процес, се стекнува впечаток оти отворањето на поглавјата е безсодржаен процес.

– Веќе изгледа дека отворањето на поединечни преговарачки поглавја мутира во безсодржаен ритуал: ништо суштински не се менува во преговорите по отворањето на едно поглавје. Нема повеќе пари отколку претходно. Нема повеќе внимание. Отворањето на поглавјата не е награда. Отворањето на поглавја не е поттик или сигнал за другит. Отворањето поглавја не го прави идниот напредок веројатен – се констатира во анализата.

Се смета дека ЕУ мора да испрати јасен сигнал до Западен Балкан.

– Унијата мора да испрати јасен сигнал во регионот дека секоја држава што ги исполнува неопходните стандарди, во секој случај да биде во некаква разумна добивка, иако на ЕУ не и успеа да се доволно реформира за да може да прими нови членки – заклучуваат германските експерти.