Хашките случаи, и покрај обидите за нивен заборав, секако претставуваат товар како постојано гризење на совеста на македонското општество, но и сопирачка во каков било ентузијазам за градење меѓуетничка доверба. Извештајот и дописот до македонската влада на комесарката за човекови права, Дуња Мијатовиќ,
потсетуваат дека правдата за злосторствата против човештвото мора да биде спроведена, а судството има одговорност да дејствува, без оглед на политички
мотивираните амнестии. Злосторниците, едноставно, не смеат да минат неказнето!

Правдата доаѓа по сторителите на воените злосторства што никогаш нема да застарат

Дописот до македонската влада на комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во последните денови од премиерскиот мандат на Димитар Ковачевски, најавува враќање од „заборав“ на барањето правда за четирите т.н. хашки случаи од 2001 година, како воени злосторства и злосторства против човештвото, кои според меѓународното право – никогаш не застаруваат. Комесарката за човекови права, која доследно на својот извештај од ноември минатата година „Справување со минатото за подобра иднина: Постигнување правда, мир и социјална кохезија во регионот на поранешна Југославија“, испрати писма и до другите премиери на земјите членки на Советот на Европа во регионот на поранешна Југославија, препорачува да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување. Мијатовиќ ги нагласува клучните чекори што треба да се преземат, а кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап, заснован на човековите права, за справување со минатото во регионот.
Во изминатите 13 години, од изгласувањето на автентичното толкување на Законот за амнестија, и покрај оставената опција дека „воените злосторства против човештвото“ не застаруваат, македонското правосудство и политичките фактори се однесуваат како да сакаат да се заборават тие случаи. Некои од обвинетите во овие „амнестирани случаи“, во изминатите дваесетина години направија и толкав политички залет, во кој се доживуваат и дека управуваат со политичките процеси во Македонија. Хашките случаи, и покрај обидите за нивен заборав, секако претставуваат товар како постојано гризење на совеста на македонското општество, но и сопирачка во каков било ентузијазам за градење меѓуетничка доверба. Извештајот и дописот до македонската влада на комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ потсетуваат дека правдата за злосторствата против човештвото мора да биде спроведена, а судството има одговорност да дејствува, без оглед на политички мотивираните амнестии. Злосторниците, едноставно, не смеат да минат неказнето!

Хашките случаи – неисполнета мисија за правда на македонското судство

Во доцните вечерни часови на 19 јули 2011 година, Собранието на Македонија го усвои автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија, со што практично се создаде можност за амнестија на одговорните за хашките случаи. Во парламентот, 63 пратеници гласаа „за“, а 29 „против“. Со овој потег на владејачкото мнозинство практично му се стави крај на кривичното гонење на извршителите и одговорните за хашките случаи. Само два месеца по усвојувањето на автентичното толкување, македонските судови по барање на Јавното обвинителство го запреа единствениот почнат судски процес од хашките случаи – оној за мавровските работници. Токму автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија ја подели и политичката и експертската јавност. Подносителот тогаш посочи дека автентичното толкување треба да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата што извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка. Усвојувањето на ова автентично толкување практично ги опфаќаше четирите клучни случаи: „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“. Сите овие случаи беа процесирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, нo во 2008 година беа вратени во надлежност на македонските судови.

Жртвите на конфликт станаа и жртви на политиката

Командната одговорност на ОНА, затворањето на Липковската брана, киднапирањето цивили од Кичевско-тетовскиот Регион и малтретирањето на мавровските работници – се четирите хашки случаи што беа затворени без судски процес. Тоа беше сторено преку Законот за амнестија, кој беше донесен во 2001-та, но со автентично толкување, тој ги опфати и овие случаи, со што се обезбеди амнестија за одговорните.
Само два месеца по усвојувањето на автентичното толкување, судот во Скопје официјално го затвори случајот „Мавровски работници“. Судот донесе одлука да се запре постапката по барање на обвинителството, кое се повикува на автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија. Тоа значеше дека се запираат кривичните постапки и целосно се ослободуваат од казна затвор осомничените за дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Случајот „Мавровски работници“ беше единствениот за кој почна судски процес. Првоосомничен за овој случај беше Шкодран Идризи, а еден од обвинетите беше и Хисен Џемаили, подоцна пратеник на ДУИ. За овој случај, кој беше единствен што заврши на суд, беа осомничени уште други десет лица, кои се товареа дека на 7 август 2001 година брутално малтретирале работници од градежното претпријатие „Маврово“.
Роднините на киднапираните во конфликтот во 2001 година сѐ уште бараат одговори за трагедијата во која 12 лица, цивили, сите невооружени и неинволвирани во борбите, исчезнаа без трага. Роднините на киднапираните Македонци до Јавното обвинителство поднесоа кривична пријава против Даути Реџепи-Лека за сторено кривично дело злосторство врз цивилно население, но и кривична пријава против лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Затворањето на вентилите од браната на Липковско Езеро се случи летото 2001 година, кога повеќе од 100.000 луѓе на температура од 35 Целзиусови степени останаа без свежа вода. Куманово беше на чекор до хуманитарната криза, а градот цели 40 дена со вода се снабдуваше со цистерни. До Основниот суд Скопје 2 беше поднесено барање за спроведување истрага против едно лице, поради основано сомневање дека извршило кривично дело воено злосторство против цивилното население.
По затворањето на хашките досиеја, единствениот осуден за воени злодела за конфликтот од 2001 година остана Јохан Тарчуловски.


Менкиноски: Виновниците за хашките случаи треба да завршат во затвор

– Воените злосторства и злосторствата против човештвото не застаруваат никогаш. На таквиот принцип на меѓународното право ја потсетува Македонија (и другите земји во регионот) уште еднаш Советот на Европа, преку извештајот и писмото до Владата од комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ. Тоа е јасна порака дека виновниците за хашките случаи од 2001 година, кои од Хашкиот трибунал беа вратени да се процесираат во македонското судство – треба да завршат во затвор, без оглед колкава политичка моќ стекнале во меѓувреме. Ние можеме колку сакаме да криеме, да правиме политички „дилови“, еден ден правдата ќе дојде по своето – вели адвокатот Тони Менкиноски, кој застапувал и има добиено повеќе случаи (на македонските здруженија од Бугарија) пред Европскиот суд за човекови права, орган на Советот на Европа.