Фото: Принтскрин

Европскиот сојуз за промени вечерва објави дека Арбен Таравари, кој го предводи едното крило на Алијансата за Албанците и е нивен кандидат за претседател, ги собрал потребните 10.000 потписи потребни за кандидирање на изборите за Претседател на државата закажани за 24 април 2024.

Шефот на изборниот штаб Башким Бакиу им се заблагодари на граѓаните за поддршката што ја дале за нивниот кандидат Таравари.

-Овие се потписи на слобода без некоја должност. Ова е волјата, чистата волја на народот. Другата страна треба да разбере дека со сила не се држи власта дека со сила не се зема гласот. Почитувани граѓани 10.000 пати благодарност на секој граѓанин на Македонија и на тие коишто се потпишаа – рече Бакиу.

Таравари, пак, во Фејсбук статус исто така им се заблагодари на граѓаните.

-Ви благодарам на секој од вас што во рекордно време ја потпишавте мојата кандидатура за претседател! Целата оваа кампања нека биде наменета за Вас – напиша тој.

Синоќа ДУИ објави дека нивниот кандидат Бујар Османи собрал 10 000 потписи за да се кандидира на изборите за претседател.

Во подрачните канцеларии на ДИК и пред овластени нотари потписи собираа 11 кандидати кои сакаат да се кандидираат за Претседател на државата. Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.