Доколку внимателно се проследи историската литература, како и спомените на нивните пријатели и соборци, неизбежен е заклучокот дека Даме Груев и Гоце Делчев се на еднаков пиедестал. Не случајно едниот е именуван како волјата, а другиот срцето на револуционерна Македонија

Сто и седумнаесет години од смртта на Даме Груев

Деновиве се одбележуваат 117 години од трагичната смрт на Дамјан (Даме) Груев, великиот македонски политички и револуционерен водач, кој останува запаметен во македонската национална меморија како апостол и волја на македонската револуционерна борба. Конкретно, Даме Груев загинал во борба со османлиската армија на врвот Петлец, кај Русиново, на 23 декември 1906 година.

Гоце Делчев и Даме Груев дејствувале унисоно!

Од денешна перспектива, доколку се обидеме да го истакнеме значењето на Груев, како за револуционерното движење, така и за македонската државност, Груев можеме да го споредиме со еден друг македонски великан, односно со Гоце Делчев. Во изминативе неколку години неколкупати се појави прашањето кој е позначајна историска личност: Гоце Делчев или Даме Груев. Доколку внимателно се проследи историската литература, како и спомените на нивните пријатели и соборци, неизбежен е заклучокот дека Даме Груев и Гоце Делчев се на еднаков пиедестал. Не случајно едниот е именуван како волјата, а другиот срцето на револуционерна Македонија.
Во изминативе години исто така имаше обиди од страна на неколку автори да се прикаже дека Даме Груев и Гоце Делчев имале антагонистички односи, особено по прашањето за Илинденското востание, односно дека Гоце бил противник на востанието, поради што се појавија и одредени неосновани тврдења дека Даме Груев е организатор на убиството на Гоце. Но тие тврдења немаат основа. Доколку внимателно се проследи повеќедецениската заедничка соработка помеѓу Даме Груев и Гоце Делчев, може да се заклучи дека дејствувале унисоно за сите суштински прашања што ја засегале македонската револуционерна борба.
Совршен пример за тоа е и нивниот меѓусебен договор за Илинденското востание. Имено, Лазар Димитров (македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација) вели дека Даме Груев и Гоце Делчев имале средба на која се дискутирало прашањето за востанието и дека лично бил информиран од Делчев дека тој и Даме постигнале согласност по прашањето на востанието да започне кон крајот на летото и да не биде масовно, односно да има четничко-партизански карактер. Според Лазар Димитров: „Со средбата се ставило крај на спорот за подигањето на востанието… по оваа средба веќе немаше разлики меѓу Централниот комитет и дејците околу Делчев по прогласувањето на востанието“.

Кратко потсетување на животот и делото на Даме Груев

Во многубројната историска литература може да се прочита дека потекнува од Смилево. Се школувал во Белград и во Софија, каде што студирал историја на Високата школа. Во Солунската егзархиска гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците во борба против бугарската пропаганда во Македонија, со барање за воведување во настава на македонски народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против српската пропаганда. На Универзитетот во Софија го формирал Македонското студентско друштво, кое имало за цел ослободување на Македонија од османлиската власт. Заедно со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи Николов формирал македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев и Христо Татарчев. Оваа група ги поставила основите на Македонската револуционерна организација (МРО).
Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на десет години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале во Мала Азија, каде што бил заедно со Христо Татарчев и со Христо Матов. Алберт Сониксен, американски новинар и публицист, запишал дека Даме Груев додека бил на заточение во Мала Азија оттаму „ја администрирал подземната република“. Во затворот останал десет месеци (до март 1903). По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, по прашањето за кревање востание.

Во изминативе години исто така имаше обиди од страна на неколку автори да се прикаже дека Даме и Гоце имале антагонистички односи, особено по прашањето за Илинденското востание, односно дека Гоце бил противник на востанието, поради што се појавија и одредени неосновани тврдења дека Даме Груев е организатор на убиството на Гоце. Но тие тврдења немаат основа. Доколку внимателно се проследи повеќедецениската заедничка соработка помеѓу Даме Груев и Гоце Делчев, може да се заклучи дека дејствувале унисоно за сите суштински прашања што ја засегале македонската револуционерна борба

Одлуката за востанието, Груев ја прифатил како завршена работа и решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Оттука неговата изрека: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“ и отпатувал за Битола, на пат за Смилево. Во почетокот на мај претседавал со Смилевскиот конгрес. Тогаш бил избран Главниот штаб за Вториот битолски револуционерен округ во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.
На 2 август 1903 година било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните тешки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на востанието за народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. По востанието, Груев останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на револуционерната организација. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904 год.), каде што се залагал за централизирана организација како тајна држава во османлиската држава, како подземна република. Претседавал на Рилскиот конгрес во 1905 година и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите, меѓутоа единството постигнато на Конгресот траело кратко.
Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец, кај Русиново, на 23 декември 1906 година. Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во Смилево. Д.Ст.