Фото: Илустрација/Игор Бансколиев

Пратениците во рамки на продолжението на денешната 106. собраниска седница ги изгласаа предлогот на законот за изменување и дополнувањето на законот за Собранието на Република Македонија и предлог на законот за амнестија, и двата по скратена процедура.

За предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието вкупно гласаа 81 пратеник, и ниту еден воздржан и против. Во гласањето со Бадентерово мнозинство „за“ гласаа 24 пратеници, ниту еден против и воздржан.

Предлог на законот за амнестија, по скратена постапка, пратениците го поддржаа со 76 гласа „за“, и еден „против“.

Со 84 гласа „за“, ниту еден против и воздржан пратениците го изгласаа предлогот на законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, по скратена постапка.

Собранието во рамки на денешната седница констатира дека Барањето за давање на автентично толкување на член 86 став (1) од Законот за управни спорови, поднесено од пратеникот Јован Митрески не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член на овој закон поради причините содржани во извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието. Овој заклучок заедно со извештајот на Законодавно-правната Комисија на Собранието да се достави до пратеникот Јован Митрески.

Исто така, Собранието констатира дека Барањето за давање на автентично толкување на член 1, 8 и член 9 од Законот за трансформација во редовен работен однос, поднесено од пратеникот Хусни Исмаили не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член на овој закон поради причините содржани во извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието. Овој заклучок заедно со извештајот на Законодавно-правната Комисија на Собранието да се достави до пратеникот Хусни Исмаили.

Собранието констатира дека Барањето за давање на автентично толкување на член 24 став (2) точка б) од Законот за административни службеници, поднесено од пратеникот Снежана Калеска Ванчева не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член на овој закон поради причините содржани во извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието. Овој заклучок заедно со извештајот на Законодавно-правната Комисија на Собранието да се достави до пратеникот Снежана Калеска Ванчева.

За попладне Собранието ќе продолжи со работа по продолженијата на седниците 71, 79, 95, 97, 100 и 103.