Формирање на работна група чија цел ќе бидат измените и дополнувањата или нов деловник за работа на Собранието, најави собранискиот спикер Талат Џафери во интервју за МИА, додавајќи оти ги завршил комуникациите со сите пратеници и пратенички групи и добил предлози од сите пратенички групи за учество во работната група за продолжување на процесот Жан Моне. Тој се осврна и на напорите да се одржуваат седници и гласање, наспроти проблемот со кворумот и мнозинството.

– Ние сме во фаза на напори за реформа на Собранието како целина, како посебна власт, и да се осамостои од влијанието од другите власти или да биде независно во одлуките што ги спроведува. Дел од таа реформа се измените или работата на нов деловник, од што можеби ќе произлезе да имаме нов деловник, иако ние работиме на измени и дополнување на Деловникот во процесот Жан Моне. И следствено на тоа се прават напори за реформа на статусот на собранискиот канал и реформа на статусот на собраниското обезбедување, како последица на сите нешта што се случија во овие три децении. И сметаме дека сите овие функции треба да бидат изречно во надлежност на Собранието – кажа меѓудругото Џафери.