Чеховски медведи во своите редови има осум руски и еден белоруски репрезентативец што беа дел од неодамна завршеното СП. За Металург и за рускиот првак ова ќе биде деветта меѓусебна средба на европската ракометна сцена

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Со одигрувањето на заостанатиот меч од 5. коло во Лигата на Европа (ЛЕ) помеѓу Металург и Чеховски медведи, денеска (18 ч., пренос на МТВ), почнува пролетниот дел од сезоната во новото натпреварување на Европската ракометна федерација (ЕХФ). До 2 март е предвидено да се комплетира групната фаза во ЛЕ, во која за одигрување има уште 66 натпревари. За Металург и за рускиот првак ова ќе биде деветта меѓусебна средба на европската ракометна сцена, од кои три завршиле со победа на металурзите, а пет пати славеле руските ракометари.
– Ќе биде тешко во денешниот дуел со рускиот првак, со оглед на тоа што нашиот тим е десеткуван и на располагање ќе имаме само 11 ракометари. Чеховски медведи е добар и квалитетен состав, кој дава најмногу репрезентативци за рускиот национален тим и одлично е покриен на сите позиции. Ја анализиравме нивната игра, свесни сме дека ќе биде тешко, но ќе мора да одиграме многу добро и борбено во одбрана за да можеме да се надеваме на добар резултат – изјави левиот бек на Металург, Момир Рниќ.

Тимот на Чеховски медведи доминира во рускиот шампионат, со ефект од 16 победи и два нерешени исходи во 18 одиграни меча, а во своите редови има осум руски и еден белоруски репрезентативец што беа дел од неодамна завршеното Светско првенство во Египет.
Младиот репрезентативен лев бек Сергеј Косоротов (22 г.) е главната ударна игла на руската бековска линија, заедно со искусните браќа Александар и Кирил Котов, како и Белорусинот Артсиом Кулак, која има ефект од 32 гола во двата меча со Висла и со Фиверс во ЛЕ. Еден од главните адути на рускиот напад е играта преку пикер, каде што главни реализатори се двата репрезентативни пикери Павел Андреев и Александар Ермаков, кои во двата меча реализираа 11 гола, а за брзите конти и полуконтри се задолжени искусните Димитри Корнев (десно) и Роман Осташенко (лево крило).


ГРУПА А

Чеховски м. – Металург 18 ч.
Металург – Тулуз вторник
Фиверс – Висла вторник
Адемар – Чеховски М. вторник

ТАБЕЛА

Висла 4 4 0 0 8
Адемар 5 2 3 0 7
Тулуз 6 1 2 3 4
Фиверс 6 1 2 3 4
Чеховски 2 1 0 1 2
Металург 3 0 1 2 1