Фото: Игор Бансколиев

Под воен шенген се мисли на обемен безбедносен и градежен процес заради надградба и приспособување на сегашната патна мрежа и инфраструктура на европските држави за побрз транзит и транспорт на воена опрема и оружје меѓу сојузниците, пред сѐ, во НАТО, но и во ЕУ. Бидејќи Македонија е членка на НАТО, една ваква обемна операција би се однесувала и на нашата земја. Според познавачите на состојбите, подобрувањето на патната инфраструктура ќе биде во корист и на безбедносните органи, но и на цивилите и економијата бидејќи на тој начин ќе се изврши освежување на патната мрежа. На овој начин можеби конечно ќе може да се изгради и пругата кон соседна Бугарија

НАЈАВИ ЗА ГОЛЕМО ИНФРАСТРУКТУРНО ВЛОЖУВАЊЕ на НАТО­-членките

Поимот воен шенген деновиве станува сѐ поактуелен во меѓународната јавност. Но што всушност значи тоа? Под воен шенген се мисли на обемен безбедносен и градежен процес заради надградба и приспособување на сегашната патна мрежа и инфраструктурата на европските држави за побрз транзит и транспорт на воена опрема и оружје меѓу сојузниците, пред сѐ, во НАТО, но и во ЕУ. Бидејќи Македонија е членка на НАТО, една ваква обемна операција би се однесувала и на нашата земја.
За воениот шенген да стане функционален, европските држави треба да ги модернизираат постојните железници и да ги прошират автопатиштата и мостовите низ одредени коридори предвидени за транспорт на воената техника.
Новата американска администрација предводена од Џо Бајден, информира дека сака да го забрза процесот кај европските сојузници за воведување на воениот шенген и во овој правец САД планираат финансиски да ги помогнат државите членки на НАТО и на ЕУ во спроведувањето на неопходните измени на инфраструктурата.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ пишува дека масовните руски воени игри, кои често се изведуваат по должината на границите на источното крило на воениот сојуз во последниве години, предизвикале голема загриженост во НАТО.

Па во тој правец, новата администрација сака да го заживее проектот за воен шенген, кој беше изоставен во спроведувањето за време на владеењето на Доналд Трамп.
Весникот информира дека патните врски меѓу државите мораат да имаат одредени стандарди, доколку се сака да се изврши транспорт на воени засилувања од САД и од Канада за сојузниците во Европа.
Светскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), пак, на оваа тема пренесува изјава на неименуван безбедносен европски извор, кој информирал дека процесот за воен шенген се одвива со зголемено темпо и веќе за него се предвидени близу 46 проекти што треба да се спроведат преку европското тело за Постојана структурирана соработка ПЕСКО.
Процесот ќе се одвива со американска помош, која се очекува во Европа да биде испорачана во финансиска форма, а сето тоа целосно ќе биде тема на состанок на министрите за одбрана на Европа, кој е закажан да се одржи во мај.
Во меѓувреме од македонска перспектива, информациите поврзани со активирањето на воен шенген се примаат со голема доза сериозност.
Од македонската армија, за „Нова Македонија“ информираат дека со оглед на поставеноста и надлежностите на државните институции во оваа сфера, војската ги спроведува градежните активности на воениот полигон Криволак, кој е од големо значење и за државата, но и за НАТО-сојузниците.
Оттаму информираат дека армијата веќе располага со тело што ги согледува понатамошните потреби за подобро инфраструктурно поврзување на воениот полигон со инфраструктурните капацитетите на земјата.

Од АРМ информираат дека припадниците на Инженерскиот баталјон се ангажирани на извршување инженерски работи на Криволак уште од 12 мај 2020 година, каде што се вршат подобрување на патната инфраструктура во внатрешноста на полигонот и поврзување преку пристапни патишта со околните сообраќајници, со што ќе се овозможи изведување поголеми вежби и рационализирање на ресурсите.
Тие информираат дека паралелно со пробивањето на новите патишта, во овој воен локалитет се извршуваат и проширување и доуредување на постојните.
Во меѓувреме, безбедносните експерти со кои се консултиравме велат дека во најголем дел државата поседува солидна инфраструктура за спроведувањето на воениот шенген на наша територија. Тие додаваат дека за сето тоа да биде ефективно, со сигурност ќе бидат потребни и одредени вложувања, на кои можеме да се надеваме од сојузниците.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека воениот шенген на земјите од ЕУ и од НАТО, како алатка гледано, е одличен стратегиски механизам со кој се подобрува оперативноста на армиите.
– Дополнително гледано од македонски агол, ако навистина дојдеме во позиција да го исполнуваме овој план, тој пред сѐ би подразбирал новини во две области. Во првата би требало да се вршат промени во правната сфера и законодавството, со што би се забрзал транспортот на оружјето и армиите.

Во моментов во земјата во сила се закони што точно прецизираат колкави количества оружје и муниција и под какви услови можат да влезат, но и да поминат низ нашата држава. Натаму, во сила во земјата се и правилата на т.н. меѓународен договор СОФА, кој прецизира на кој начин низ нашата територија можат или не можат да транзитираат странски воени сили. Што значи дека ако започне да се применува воениот шенген, ќе има промени и во оваа област – објаснува Марковски.
Тој сепак потсетува дека со транспортот на војските во 1999 година делумно беа уништени или оштетени патните системи на Македонија, но сето тоа по извесно време беше платено и санирано од НАТО.
– За жал, санацијата не можеше да биде профитабилна за македонски компании, бидејќи во тој момент не бевме дел од НАТО, па сето тоа беше извршено од грчка компанија, која ги изврши задачите за поправка на патиштата и истовремено заработи многу на проектот – вели Марковски.
Експертот истакнува дека воениот шенген, гледан од оваа перспектива, може и да биде шанса за заработка на нашите градежни фирми доколку се јави потреба од изградба на нови или модернизација на стари инфраструктури.
Аналитичарот потсетува дека нашата држава, гледано стратегиски и воено, во најголем дел ги исполнува неопходните услови за транспорт на голем број воени сили, но додава дека трасата низ Западна Македонија не е доволно развиена и таа со воениот шенген би можела да се развие и унапреди и на патен и на железнички план.
Воено-безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, вели дека ако дојдеме во состојба да ги спроведуваме плановите на сојузниците за воениот шенген, ние би можеле да се надеваме на финансиска поддршка за оваа активност.

– Воениот полигон Криволак во моментов се реконструира од финансиска помош на САД, а слично е и со другите воени капацитети во кои нашите стратегиски партнери финансиски несебично се вложиле – вели Стефаноски.
Тој додава дека подобрувањето на патната инфраструктура ќе биде во корист и на безбедносните органи, но и на цивилите и економијата бидејќи на тој начин ќе се изврши освежување на патната мрежа.
Стефаноски додава дека ако се појави можност, на овој начин можеби конечно ќе може да се изгради и пругата кон соседна Бугарија, која со декади политичарите ја најавуваат на изборите и никогаш не ја спроведуваат.

[email protected]