Се чини дека амбасадорите веќе не ни мораат да ја понудат или дипломатски да ја пренесат политичката порака, туку домашните политичари самите, отворено или помалку отворено, бараат „туторство“ од дипломатите. Таквата ситуација, пак, го наметнува прашањето дали во Македонија сѐ уште има простор за водење автентична политика со сопствени национални интереси и услови во кои ќе „виреат“ политичари со карактерен интегритет

Потребата од решавање на навистина многуте отворени политички предизвици во државава, како и однадвор наметнувањето динамика за нивно решавање пред најавените избори, освен што ја продлабочи спротивставеноста на интересите на политичките партии, повторно го извади на површина феноменот на влијанието на дипломатските претставници, како катализатори на политичките процеси.

Тоа е особено забележливо во настојувањата за усвојување на законот за јавно обвинителство и за советот на јавни обвинители, кој домашните политичари го ставаа под тепих речиси цела година, сѐ додека претставниците на ЕУ и неколку амбасадори во земјава не дадоа сигнали дека е (вистинско или крајно) време да биде усвоен пред распуштањето на парламентот. За волја на вистината, ова воопшто не е преседан во македонската политика од поновата историја, во која повеќе пресвртни договори и политички решенија биле донесени под директно старателство на меѓународниот фактор, односно дипломатите во земјава.

Таквата долгогодишна практика, пак, како да ја промени и интегритетската матрица на домашните политичари, па речиси не се ни трудат да понудат автентична програма и визија за која ќе побараат поддршка од граѓаните на земјава, туку сѐ повеќе за освојување (и спроведување) на власта се потпираат на поддршката и алибито од дипломатите во земјава. Се чини дека амбасадорите веќе не ни мораат да ја понудат или дипломатски да ја пренесат политичката порака, туку домашните политичари самите, отворено или помалку отворено, бараат туторство од дипломатите. Таквата ситуација, пак, го наметнува прашањето дали во Македонија сѐ уште има простор за водење автентична политика со сопствени национални интереси и услови во кои ќе „виреат“ политичари со карактерен интегритет.

– Колку е помала земјата, толку повеќе е зависна од тековите на меѓународната политика, а секако и од меѓународната поддршка. Во услови на глобализација, нереално е и политички аматерски да се мисли дека може да се води изолационистичка политика и да не се следат геополитичките интереси и случувања. Дури и Путин и Трамп, лидерите на најголемите светски сили, при носење на одлуките ги имаат предвид меѓународните околности. Сепак, вештината и умешноста на политичарите од малите земји се во тоа да се приспособат на дадените меѓународни ситуации, но и да ги заштитат националните интереси. Секој што влегува во политика со одредени амбиции, мора да му биде јасно дека ќе биде подложен на притисоци и влијанија, но и треба да е доблесен да ги прифати последиците и резултатите ако во својата политика им дава приоритет на националните интереси, пред интересите на меѓународната заедница – размислува политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Се чини дека амбасадорите веќе не ни мораат да ја понудат или дипломатски да ја пренесат политичката порака – Фото: Игор Бансколиев

За македонската политичка сцена, во однос на доследноста во водењето автентична политика, без беспоговорно следење и барање инструкции од меѓународниот фактор (т.е. дипломатите), Пандов цени дека таква политика е сѐ поретка на домашната политичка сцена. Тој дури нагласува дека адаптибилноста и на партиските програми кон меѓународните услови е сѐ поголема и сѐ повеќе излегува од автохтона и автономна програма.

– Во одредени ситуации мора да се адаптираат своите програми и идеи во согласност со меѓународните услови и политички влијанија – вели Пандов.
Тој нагласува дека таквиот принцип на влијание на меѓународната политика се применува секаде во блиското соседство, дури и во земји-членки на ЕУ и на НАТО. Сепак, тој смета дека за одреден број прашања, пред сѐ национални, треба да се има конзистентен став и да не се постапува беспоговорно според барањата на меѓународните тутори, дури и политичките партии самите да си ги побарале.
Македонскиот дипломат Љупчо Арсовски, кој наедно е и прв амбасадор на Македонија во Грција, вели дека вештината на водење на домашната политика во согласност со актуелните геополитички односи се сведува на правилно читање на сигналите што ги пренесуваат дипломатите во своите пораки.

– Амбасадорите секогаш ја презентираат и застапуваат политиката на своите земји, а за политичарите на една земја да ја позиционираат правилно својата земја во таквата меѓународна ситуација, треба да знаат да ги прочитаат сигналите во таквите дипломатски пораки. Доколку некои политичари и партии својата политика ја градат исклучиво на дипломатската поддршка и со спроведување на нивното влијание, без да ја земат предвид волјата на мнозинството од сопствениот народ, еднаш секако ќе добијат соодветен одговор на изборите. Притоа треба да се има предвид дека големите сили никогаш нема да се скараат меѓу себе за некоја мала земја. Големите, секако, нема да се степаат за Македонија, а македонските политичари своите политики и начинот на нивното спроведување треба да ги креираат во тие рамки – вели македонскиот дипломат Љупчо Арсовски.