Фото: Игор Бансколиев

Покрај директните уцени искажани на самитите на ЕУ и испорачани како услови од Бугарија за Македонија во неколку формати, бугарската „тајна дипломатија“ го активира како форма на притисок и – стереотипот за сеалбанско обединување! Имено, зачестените испровоцирани изјави на политичарите од Косово и од Албанија за обединување на двете албански држави, бугарските и домашните спин-мајстори настојуваат да ги искористат за креирање амбиент за безбедносна криза за Македонија и загрозување на унитарноста на македонската држава

Евроинтеграциите на Албанија, бугарската
„тајна дипломатија“ и атаките кон Македонија

Бугарското залагање за разделување на евроинтегративниот пат на Македонија и Албанија, како нова „стратегија“ за засилување на своите уценувачки вето-позиции за македонските евроинтеграции, се покажува дека во себе имплицитно ја содржи заканата за активирање на наративот „загрозување на унитарноста на македонската држава од желбата за обединување на Албанците во регионот“. Во сценариото со бугарска продукција, на Албанија треба да ѝ се овозможи да напредува во евроинтеграциите и да не ја чека Македонија ако се спротивставува да ги исполни уцените на официјална Софија. Според застрашувачките проекции, наменети за македонската јавност – Албанците во Албанија брзо ќе се движат кон ЕУ, предизвикувајќи еден дисбаланс со Македонија. Вакви спин-блефови во форма да душегрижништво, со примеси на закани, се лиферуваат и од јавни личности, но веќе со познати и прочитани намери. Овој пат се потпалува со тезата за „растечко незадоволство со перформансите на македонската држава од страна на припадниците на албанската етничка заедница“.
– Таквиот развој на настаните, со Македонија, која стои во место, може во иднина да ја радикализира втората по големина етничка заедница во прилог на обединување со Албанија, поуспешната од двете држави. Бидејќи, по југословенските војни стана недопустливо да се пука во своите граѓани за да се задржат во државата, сценаријата што би следеле ја загрозуваат не само безбедноста на Македонија туку и нејзиниот територијален интегритет – во една колумна во македонските медиуми спинува со своја апокалиптична визија професорот Денко Малески.

Сценарија за заплашување на граѓаните со заднина и тенденција

Ваквите претпоставени квазисценарија, како на Малески, за експертите од областа на безбедноста се премногу хипотетички и лабаво поткрепени на реалните состојби и процеси, дури и со заднина и тенденција. Водејќи се од претходните одлуки во врска со проширувањето на самитите на ЕУ, влијанието и ставовите на повеќе земји-членки по тоа прашање, како и интерниот договор во ЕУ проширувањето со земјите од Западен Балкан да оди во пакет, политичките аналитичари проценуваат дека се нереални најавите за разделување на Албанија и Македонија за почеток на преговори за членство во Унијата. Како ќе ги водат преговорите и за колку време ќе ги завршат, понатаму ќе зависи индивидуално од подготвеноста за преговори на секоја земја.
– Хипотетските сценарија и претпоставки најчесто се наменети за политички манипулации. Во политиката не треба да се дејствува според претпоставки и хипотези, туку да се придржува до реалните можности и цели. Имплицирањето безбедносни ризици со хипотезата ако Албанија и Македонија бидат разделени за почеток на преговорите за членство во ЕУ, не значи само загрозување на безбедноста на Македонија туку на целиот регион. Претпоставката дека побрзиот напредок на Албанија кон ЕУ ќе предизвика да се „радикализира втората по големина етничка заедница во прилог на обединување со Албанија“ би можела да се спроведе само преку менување на границите. А секоја помисла на менување на границите значи нова балканска војна. ЕУ тоа не го ни помислува, не го ни сака и нема да го дозволи – вели Оливер Андонов, универзитетски професор од областа на безбедноста.

Бугарската тајна дипломатија во полна кондиција против Македонија

Се чини дека, покрај директните уцени искажани на самитите на ЕУ и испорачани како услови од Бугарија за Македонија во неколку формати, бугарската „тајна дипломатија“ го активира во функција на засилување на својот притисок – стереотипот за сеалбанско обединување! Односно зачестените испровоцирани изјави на политичарите од Косово и од Албанија за обединување на двете албански држави, бугарските спин-мајстори настојуваат да ги искористат за креирање амбиент за безбедносна криза за Македонија и загрозување на унитарноста на македонската држава. Но наспроти ваквите пропагандни еквилибристики со национализми, дури и албанските интелектуалци го демистифицираат наративот за сеалбанско обединување преку менување на границите како „празна реторика“ на албанските политичари.
– Кога за една деценија повеќе од 500 илјади луѓе бегаат од Албанија и од Косово, политичарите бараат „спас“ во реториката на обединувањето. Поинаку зборуваат пред Албанците, поинаку во Брисел, а поинаку во Вашингтон. На големата сцена на светската политика го потпишуваат секој договор за неменување на границите, а на малата локална сцена изговараат големи зборови. Дали е тешко да се разбере оваа пародија? Не е толку тешко… Околу обединувањето на Албанците треба да се има предвид и ова: и Косово и Албанија го имаат гарантирано ненарушувањето на границите преку сите меѓународни договори. Кажано е дека Косово се прогласува како држава според слободната волја на мнозинството на неговите граѓани. Не е кажано дека ова е само измама на меѓународната заедница колку да го направи Косово независно и за да го припои кон Албанија. Желбата за обединување доаѓа многу повеќе од фрустрацијата на пооделните земји како последица на криминалот и корупцијата отколку од јасната претстава што значи тоа обединување: колку е можно, што предизвикува тоа во албанскиот простор посебно во политичка смисла? Потоа: може ли да се замисли обединувањето на Косово со Албанија со овие граници што ги има Косово? Поинаква работа е желбата – пишува Енвер Робели, албански новинар, уредник на швајцарскиот дневник „Тагес ајнцагер“ и регионален аналитичар на случувањата на Балканот, во својата колумна со наслов „За празната реторика на обединувањето“.
Притоа Робели истакнува дека „обединувањето на еден народ на Балканот буди апетити и кај другите, без оглед што можат да мислат Албанците“.
А сега и бугарската „тајна дипломатија“ се обиде да влезе во таа игра со балканските стереотипни приказни, со надеж дека ќе изнуди побрзи отстапки од Македонија за нејзините услови за отстранување на ветото за почеток на преговори со ЕУ, креирајќи психоза за можна безбедносна криза.