Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, изјави дека станува збор за грешка во изјавата од страна на државната секретарка на Португалија, Ана Паула Закаријаш, во која таа го искористи терминот „северномакедонски јазик“.

– Не можете да очекувате од дипломати и политичари да бидат експерти по лингвистика, ние не ја поминуваме секоја секунда во употреба на соодветни прецизни термини од научна гледна точка. Кога мојата заменичка се осврна на македонскиот јазик, таа сакаше да каже македонски јазик – изјави Силва.

Силва додаде дека содржината на португалскиот предлог е прифатена од македонската страна и може да биде прифатена и од бугарската страна.

-Зборуваме за македонски јазик и предлагаме дека со унилатерална декларација поддржана од декларација на Советот на ЕУ, секоја земја ја дефинира својата позиција, македонскиот јазик е дефиниран согласно Уставот на Северна Македонија и е кодифициран во 1945 година, но ако сакате да ја знаете позицијата на португалското претседателство, прочитајте го текстот – порача Силва, кој додаде дека не е работа на Европската Унија да држи улога на „јазична полиција” и дека тоа не помага во изнаоѓањето на решение.

Министерот изрази надеж дека Словенија од први јули ќе има можност да го оствари усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија и Албанија, нешто во што Лисабон досега не успеа.