Фото: Маја Јаневска-Илиева

Локалните избори претставуваат најголема шанса за партиите да се приближат до граѓанинот, затоа што решавањето на локалните потреби е решавање на најсуштинските граѓански колективни и индивидуални потреби од секојдневниот живот на граѓаните. Нашите соговорници, аналитичари и професори издвојуваат уште еден карактеристичен политичко-социолошки феномен, одговарајќи зошто изборите за локалната власт, а и самата локална власт се поблиску до граѓанинот. Имено, тоа е нуспојавата при владеењето во текот на мандатот во централната власт, каде што политичките лидери и државни функционери имаат тенденција да се отуѓат, да станат политички арогантни и недопирливи за граѓаните. Спротивно на тоа, „локалните“ мора постојано да се блиски до базата…

Ефектуирањето на локалните избори ги засилува аспирациите на политичките партии

Со прогнозите за тоа кој колку општини ќе освои и дали тоа ќе може да се искористи како потврда за успешно владеење на актуелната влада или, пак, како основа за барање на опозицијата да се организираат предвремени парламентарни избори, политичките партии, односно нивните највисоки штабови повторно влегоа во калкулации и комбинаторики и во пресрет на овие локални избори.  Но зошто токму локалните избори, и три децении од воспоставувањето на плурализмот во земјава, (освен за давање секакви нереални ветувања) се користат и за капитализирање на она што партиските раководства се обидуваат да го постигнат и на централното ниво?

Локалната власт е, всушност,
вистинската цивилна власт

Во суштина, факт е дека менаџирањето со локалната власт е она што граѓаните најмногу ги засега, односно најмногу ја чувствуваат. Имено, успешното управување на една локална власт и решавањето на проблемите и појавите на локално ниво најмногу допираат до секојдневните граѓански потреби. Решавањето на локалните потреби (комуналии) е решавање на најбитните граѓански колективни и индивидуални потреби и токму тие се од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните. Аналитичарите со кои разговаравме истакнуваат уште една „предност“ на локалните избори наспроти изборите за централна власт. Тие аргументирано се повикуваат на познатиот во практика политичко-социолошки феномен, каде што избраниците за централната власт во текот на својот мандат имаат тенденција да се отуѓат, оглушат, стануваат политички арогантни и недопирливи за граѓаните. Локалните власти многу помалку го имаат овој „луксуз“, а практиката покажала дека тие најчесто остануваат поблиску до својата база.
Со овој доминантен впечаток и за нашето политичко поднебје се согласува и експертот за локална самоуправа Јове Кекеновски.
– Јасно дека партиските заложби на локалните избори започнуваат и завршуваат само на добиениот број на гласови и на мандати. Локалните избори, партиите ги користат само како ветер во грб за да побараат предвремени парламентарни избори, било од страна на тие што се опозиција на државното ниво за повторно да дојдат на власт, било од тие што веќе владеат, за да си го продолжат мандатот. Ефектите од локалните избори ги засилуваат аспирациите на политичките партии на централното ниво и тие на нив гледаат само како на валоризацијата на она што го постигнале нивните градоначалници и советници во претходниот мандат, под услов тие да работеле добро. Но проблемот е во тоа што ние немаме можност за нивно отповикување кога не работат добро, што, всушност, е клучниот услов за постигнување на вистинскиот ефект од локалните избори. Во меѓувреме се поставуваат кадри што немаат поим што е локална самоуправа, а централната власт, во услови на нецелосната фискална и секаква друга децентрализација, манипулира со финансирањето и со надлежностите на единиците на локана самоуправа, форсирајќи ги само тие што се раководени од нејзините кадри и ограничувајќи им ги надлежностите на тие што се раководени од луѓето од друга политичка опција. Така доаѓаме во ситуацијата во која навистина е тешко вистински да се валоризираат резултатите од нивното работење – објаснува, меѓу другото, Кекеновски.

Хроничен дефицит на опипливи и реално остварливи политички програми

Според многумина, суштинско прашање е спорната територијална организација. Но сега, во услови на недовршен попис на населението и на нецелосна фискална и секаква друга децентрализација, како и на недодефинирани надлежности на локалната самоуправа, вклучувајќи ги и проблемите во проектирањето и реализирањето планови за регионалниот и локалниот развој, чесно е да се спомене дека и самите политички партии се соочија со отежнати напори за своите партиски локални проекции и сочинување конкретни планови и програми. Но, и покрај тоа, во стручната и во пошироката јавност останува впечатокот дека партиите и не му придаваат премногу внимание на создавањето здрави и остварливи програми во пресрет на локалните избори. На само неколку дена пред официјалниот почеток на предизборната кампања, во една наша анкета со граѓаните, во повеќето од анкетираните случаи, констатиравме дека граѓаните немале допир со „партиските сеопфатни предизборни програми“ и дека се фокусирале на кандидатите како поединци, кои ги препознаваат како „личности од збор“, компетентни, образовани, со знаење и вештини што ќе бидат од корист за граѓанските секојдневни потреби и решавање проблеми, но и на партијата од која се предложени. И повторно, не програмските ориентации и планови, туку партиската припадност или личните познанства со кандидатите, или роднинските или други поврзаности се еден од клучните фактори за давањето на својот глас. Анкетираните граѓани не забораваат да подвлечат дека сѐ уште, сепак, личните конекции „се најдобриот клуч со кој се отвора вратата кај градоначалникот“… Д.М.М.