Фото: Игор Бансколиев

Безбедносните експерти сметаат дека во моментов се водат организирани дејства против Македонија на интернет, кои имаат цел да ја разнишаат државата и да создадат лажна слика дека институциите се нефункционални и дека не можат да се грижат за безбедноста на граѓаните

Кои се заднината и целта на редицата хакерски напади врз клучни државни институции и министерства што се случуваат во изминатиов период во државата. Овие дилеми се актуелни во домашната јавност во моменти кога во интервал од само неколку дена по хакерските напади на страницата на ДИК, хакирани беа и интернет-страниците на министерствата за здравство и образование.
Во меѓувреме, додека истрагите за хакерските напади на државните институции сѐ уште се активни во Одделението за спречување компјутерски криминал при МВР, побаравме информации од врховниот командант на вооружените сили на земјата дали Македонија како најнова членка на НАТО побарала помош за справување со овие случувања од нашите сојузници во Алијансата. Дотолку повеќе што упадот во ДИК беше окарактеризиран како терористички напад врз државата изведен од неколку странски држави.

Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за „Нова Македонија“ велат дека како полноправна членка на НАТО нашата држава тесно соработува со сојузниците за случувањата поврзани за хакирањето на сајтовите на повеќе институции.
– Како полноправна членка на НАТО, Северна Македонија е во постојана комуникација и размена на информации со НАТО и нашите стратегиски партнери, не само за конвенционалните туку и за современите хибридни и кибер закани. Секогаш кога има потреба нашите институции се во директна комуникација со НАТО за обезбедување соодветна поддршка од сојузниците за безбедносните предизвици со кои се соочуваме. Така е постапено и во овој случај – информираат оттаму.

Хакерските напади имаат цел да ја разнишаат државата

Во меѓувреме безбедносни експерти со кои се консултиравме ценат дека во моментов се водат организирани дејства против Македонија на интернет, кои имаат цел да ја разнишаат државата и да создадат лажна слика дека институциите се нефункционални и дека тие не можат да се грижат за безбедноста на граѓаните.
Универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Златко Димовски, вели дека хибридните закани во денешницата имаат широк спектар на можности и нивната крајна цел е преку нивното дејствување да се ослабне срцевината на државите и со тоа да се влијае врз одредени политички, економски и религиозни процеси во една земја.

– Најтипичен пример за практикување хибридни закани против земјите се сајбер-нападите, кои најчесто се спроведуваат во државите каде што во одреден момент има нестабилности и можности за продлабочување на конфликтни ситуации и немири. Карактеристично за овој тип дејствување, на оние центри на моќ што ги спроведуваат овие дејствувања, е фактот што тие се придружени од неколку типа активности, како на пример ширење класични закани преку етерот, пласирање дезинформации и невистини, политичко агитирање и спроведување синхронизирано хакирање на институциите на една земја – вели професорот.
Тој истакнува дека вакви најпознати организирани напади стручната јавност памети пред некоја година, спроведени непосредно пред Русија да го анексира Крим од Украина.
Имено, според Димовски тогаш украинските државни власти беа изложени на хибридна војна преку интернет од властите на странска држава, со кои се успеа да се создаде конфузија во земјата и недоверба во тамошните институции, а со тоа беше ослабена и целовитоста на Украина.

Според професорот, сајбер-нападите што се случуваат сѐ почесто во Македонија, како оние на пример насочени кон ДИК и Министерството за здравство, очигледно имаат цел да се создаде слика дека државата е немоќна да биде заштитена во клучни моменти, а со тоа се испраќа лажна порака до граѓаните дека институциите не можат да ја гарантираат безбедноста.
Слично размислува и Магдалена Лембовска, истражувачка за безбедносни прашања од „Евротинк“. Таа оценува дека заднината на овие хакерски дејства против државните институции на земјата има цел да ја намалат довербата на граѓаните врз изборниот процес и да ја компромитираат битката на Македонија за справување со пандемијата на коронавирусот.
– Иако сме дел од НАТО, тоа нас целосно не нѐ заштитува од хакерски напади, а сведоци сме дека изминатиов период и помоќни држави од нашата беа цел на хакерско дејствување. Ова дејствување на одредени светски центри на моќ против демократските држави како нашата во дигиталната сфера особено се засили откога пандемијата го зеде замавот и нѐ присили сите да живееме и да дејствуваме повеќе на интернет и онлајн – вели Лембовска.

Таа истакнува дека единствена заштита за да не ни се повторуваат овие случувања во иднината се реформи и модернизација на единиците на полицијата и армијата, кои се справуваат со овој вид закани.
Лембовска резимира дека последните настани нѐ научија дека треба и самите да инвестираме во своите ресурси за борба со хакерските дејства и во тесна соработка со сојузниците од Алијансата да изградиме нов безбедносен систем што ќе го заштитува сајбер-просторот на Македонија.

[email protected]