Имоти на жители од населбите Вештачко Езеро, Дабница и Поводеници во Прилеп се постојано цел на крадци
Жителите од населбите Вештачко Езеро, Дабница и Поводеници во Прилеп излегоа во јавноста со предупредување дека доколку полицијата не ги заштити од крадци, тие ќе ја земат судбината во свои раце и самите ќе се заштитат, бидејќи се во паника откако нивните имоти се постојано цел на крадци. Чашата ја прели последната кражба во имотот на Здравко Мазгалоски.
– Или полицијата нека нѐ заштити од крадците, кои не само ние туку и тие ги знаат, или ние ќе се организираме и самите ќе се штитиме од крадците. Ова веќе не се издржува. Доколку полицијата не може да нѐ заштити од нив, нека се донесе закон во државата, па ние самите ќе ги пронајдеме и откриеме крадците, кои едноставно пустошат, не само во овој дел на Прилеп туку и во другите приградски населби – со горчина во душата раскажува Здравко Мазгалоски, чиј имот во изминатите две години бил постојано цел на прилепските крадци.
Здравко тврди дека за две години ни самиот не знае колку пати крадците влегле во неговиот имот и се обиделе да украдат нешто или да му го уништат. За сите кражби тој уредно пријавувал во прилепската полиција, која ги евидентирала случаите и го уверувала дека ќе ги пронајдат крадците и дека ќе го заштитат неговиот имот, но досега, како што вели, од тоа нема ништо. Во неможност да се заштити од крадците, Здравко пред извесно време ги продал своите 30 крави.
Жртва на крадците од Прилепско е и Горан Мојсоски, кој како и Здравко Мазгалоски е огорчен и буквално не знае што да прави. Тој не само за имотот стравува и за сопствениот живот, бидејќи не може да претпостави што би се случило доколку тој се соочи со крадците, кои за разлика од порано кога главно крадеа ноќе, сега толку се охрабриле што крадат и дење. Како и Здравко така и Горан посочува дека крадците им се познати. Тој е уверен дека нив ги знае и полицијата, бидејќи се од ромската населба.
– Тие се најмногу пет групи од по двајца арамии. Според мене, нивниот број е најмногу до десетмина. Но едноставно се однесуваат како да се стотина. Буквално на овој простор прават што сакаат и секојдневно вршат кражби. Нивна најчеста цел се викендичките, шталите, плевните, добитокот. По секоја кражба ние одиме в полиција, пријавуваме, тие прават записници и се сведува на тоа – вели Горан.
Жртвите на честите кражби во Прилепско се жалат дека прилепската полиција им се жалела нив дека немале возила и луѓе за да ги бркаат крадците.
– Ако не можат тие, тогаш ние ќе ги фатиме. Но не сакаме законот да го земеме во наши раце, бидејќи уште веруваме дека во оваа држава има органи што се платени да нѐ (за)штитат – вели Здравко.
Во врска со поплаките на жителите од Прилепско се обративме до СВР-Битола, каде што побаравме одговор за сѐ почестите кражби на имотите на прилепчани. Оттаму ни одговорија дека според нивните податоци и бројот на пријавените кражби, во последните две години во околината на Прилеп, конкретно во населбите Вештачко Езеро, Дабница и Поводеници, се пријавени вкупно 107 кривични дела тешка кражба, кои се гонат по членот 236 од Кривичниот законик во викендички. Од нив се расчистени 54, што значи дека секоја втора кражба е решена и пронајдени се и санкционирани крадците. Според СВР-Битола, во изминатите две години се пријавени вкупно и осум кривични дела кражба, по членот 235 од Кривичниот законик во викендички, од кои расчистени се шест.
Од СВР-Битола добивме податоци и за пријавените и расчистени кражби во изминатите две години во околината на Прилеп, конкретно, за реонот на касарните, дабничкиот дел и Поводеници. Во овие населби во последните две години (2020 и 2021) на посоченото подрачје се пријавени вкупно 15 кривични дела кражба, по членот 235 од Кривичниот законик, од кои расчистени се седум. Исто така, пријавени се 164 кривични дела тешка кражба, по членот 236 од Кривичниот законик, од кои расчистени се 80. Во наведениот период, пријавени се две кривични дела разбојништво, по членот 237 од Кривичниот законик, од кои едно е расчистено. Иако во СВР-Битола не се баш најзадоволни од процентот на откриени и санкционирани кражби, сепак, тие прават сѐ, со ресурсите со кои располагаат не само да ги откријат и санкционираат крадците туку и да ги заштитат животите и имотите на жителите на Прилеп.