Во јавноста се спротиставени мислењата за малите хидроцентрали, а дел од населението не е запознаено со соодносот на штетите и придобивките што произлегуваат од малите хидроцентрали. Според „Екосвест“, причината зошто во нашата земја е забележан пораст на изградени мали хидроцентрали е нивното субвенционирање од страна на државата. Студии и истражувања покажуваат дека влијанието што малите хидроцентрали го имаат врз животната средина не е за занемарување

Со оглед на фактот дека енергијата што се добива од малите хидроцентрали (МХЦ) се смета за обновлива, државите честопати се поттикнуваат да преминат кон обновлива енергија, како дел од борбата против климатските промени. Сепак, изминатиов период во Европската Унија сѐ погласни се барањата таквата енергија да не се смета за прифатлива варијанта на обновлива енергија, поради негативното влијание врз природата и врз животот на локалното население. Во јавноста, мислењата за МХЦ се спротиставени, а дел од населението не е запознаено со соодносот на штетите и придобивките што произлегуваат од малите хидроцентрали. Според „Екосвест“, причината зошто во нашата земја е забележан пораст на изградени мали хидроцентрали е нивното субвенционирање од страна на државата.
– Доколку овие проекти не беа финансиски поддржани, ќе се изградеа само оние најпрофитабилните, во број што би бил значително помал од сегашниот. Минатата година, над 13 милиони евра им се доделени на повластени производители на електрична енергија од МХЦ, а сончевата енергија била субвенционирана со трипати помала сума – вели Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка во центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“.

Еколошкото здружение за граѓани „Фронт 21/42“ исто така смета дека главната причина за „никнувањето“ на МХЦ низ Македонија е главно мотивирано од профит.
– Од анализите и искуството во нашата земја, мотивацијата за изразениот интерес кај инвеститорите за МХЦ е во профитот, кој е значаен поради државните субвенции. Процедурите се многу поедноставни од другите енергетски проекти. На пример, не е потребно да се спроведе оцена на влијанието врз животната средина, а наместо тоа, се изготвува само елаборат што ја исклучува јавноста. Државата ја поттикнува изградбата на МХЦ, вклучувајќи ги и оние во заштитените подрачја – објаснува Искра Стојковска од „Фронт 21/42.
Студии и истражувања покажуваат дека влијанието што малите хидроцентрали го имаат врз животната средина не е за занемарување. Тие го намалуваат пристапот до свежа вода, што директно влијае врз квалитетот на животот на луѓето. Од друга страна, трошоците за хидроенергија честопати ги надминуваат придобивките. Иако се зголемува бројот на МХЦ, производството на електрична енергија не расте и лесно се забележува дека нивното вклучување во енергетскиот сектор не ја намали потребата од фосилни горива, што би требало да е една од главните придобивки од обновливите извори на енергија.
– Изградбата на МХЦ и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето што прави неповратна штета на уникатните релјефни структури во клисурите, а претставува и голем ризик во време на обилни дождови и поплави. Дополнително, со изградбата на пристапни патишта до најскриените делови од планините и шумите, се овозможува криволов, дива сеча, вознемирување на дивиот свет и изградба на цврсти објекти во подрачја што одамна се планирани за заштита. Ова е од особен проблем во случајот со нашите заштитени подрачја – посочува Чоловиќ-Лешоска.

Зафатите на изградбата на МХЦ исто така ги пресушуваат реките, го намалуваат рибниот фонд и ги уништуваат екосистемите. Сиот див свет во нив претрпува огромни штети и е под постојан ризик од изумирање. Недостигот од вoда во речните корита придонесува за менување на пеха-вредноста, појава на алги, габи и менување на температурата во водниот екосистем. Ваквите „шокови“ се погубни за видовите во реките. Најчесто малите хидроцентрали се градени во природни предели и заштитени подрачја, а таму штетите се најголеми. Притоа, со изградбата се манифестира и лоша градежна практика и непочитување на мерките и еколошките дозволи, што резултира со уништени речни корита, нарушени екосистеми, намален водостој и рибен фонд, уништување на почвата и водата со хидраулични масла и цемент.
– Пред зафатот имаме недопрена природа и здрав екосистем, по зафатот се јавуваат мртво корито и отсуство на еколошки значајните видови, се губи богатството на биолошката разновидност. Исто така, сѐ почесто бележиме случаи на населени места што останале без чиста вода за пиење поради работата на овие проекти. Дополнително на тоа, регионалните процени за намалување на водостоите во реките поради климатските промени не даваат добра слика за иднината на развојот на оваа индустрија. Без вода нема хидроцентрали, но уште поважно – без вода нема ни живот – категорична е Чоловиќ-Лешоска.

Малите хидроцентрали придонесуваат во националниот енергетски систем со околу 4,6 отсто од вкупното производство на електрична енергија. Но тие се изградени на голем број водотеци, кои во летниот период пресушуваат.
– Практиката покажува дека во државата немаме доволно вода да ги обезбедиме основните потреби во согласност со хиерархијата, односно прво како вода за пиење, наводнување и хигиена, а дури потоа како извор на енергија и други намени – објаснува Чоловиќ-Лешоска.
Од изградба на мали хидроцентрали не се поштедени ниту националните паркови, а во Македонија нема законска одредба што експлицитно забранува градба на МХЦ во национален парк, т.е. одредба со која е регулирано ова прашање.
– Одобрувањето изградба на проекти што уништуваат природа е дијаметрална спротивност на намерата за заштита на истата таа природа, а тоа значи прекршување на голем број членови на Законот за заштита на природата, вклучувајќи ги и оние членови што го регулираат прогласувањето на едно подрачје за национален парк. Поаѓајќи од фактот дека Владата на една од неодамнешните седници донесе одлука со која на седум мали хидроцентрали на Шар Планина им го продолжи рокот за почеток на работа, јасно е дека државата дозволува изградба на овие проекти во идниот национален парк. Некои од планираните мали хидроцентрали на Шар Планина, според експертските извештаи, ќе имаат разорно влијание врз природата и биодиверзитетот во најважните делови од идниот парк – смета Стојковска.
За таа цел, Владата треба да ги прекине сите постапки за доделување концесии за МХЦ и да ги раскине договорите за доделени концесии чија изградба сè уште не е започната на територијата на Шар Планина, според Чоловиќ-Лешоска.

– За жал, ова заштитено подрачје е под закана од постојните и идните планирани проекти за мали хидроцентрали. Во согласност со Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН), заштитените подрачја од втора категорија – национален парк, не се место за градба на инфраструктурни проекти, како што се малите хидроцентрали – вели Чоловиќ-Лешоска.
Таа нагласува дека со продолжување на изградбата и на функционирањето на овие проекти, секое заштитено подрачје ќе биде под постојан притисок и штета, бидејќи самите проекти се во спротивност со целите за заштита и управување на парковите. Извесно е дека ефектите од изградбата на малите хидроцентрали треба да се земат предвид кога се разгледува ова прашање и внимателно да се согледаат придобивките и штетите, за на крајот да се донесе одлука што ќе биде во интерес на граѓаните и на животната средина.

[email protected]

Со овој текст, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје.