Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на дебата на тема „Лидерство во политиката, бизнисот и спортот: дали има заеднички именител?“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование и со поддршка од партнерската фондација „МК2025“.

Говорејќи за предизвиците од пандемијата на ковид-19, Пендаровски потсети на периодот кога бевме единствена држава во Европа со распуштено Собрание и претседателскиот Кабинет беше единствена функционална институција. Во тие моменти, посочи, мора да се разговара со многу луѓе и да се донесе одлука.

– Брзоплетоста е круцијална грешка. Мора да разговараш со многу луѓе, да имаш храброст за носење одлука и преземање одговорност. Треба да се слушаат оние, коишто со аргументи најмногу те критикуваат – рече претседателот Пендаровски, нагласувајќи дека од овој период има лекции кои мора да се научат.

Во рамките на Претседателскиот центар за политичко образование направени се и неколку иницијативи за надминување на одредени проблеми во функционирање на системот.

– Ние имаме одлични закони во многу сфери, но слаба примена. Не е лидер човекот кој се води исклучиво од рејтинзите. Политичар кој се раководи од анкетите не е лидер. Со нетрпение го чекам денот кога младите нема да се грижат за тоа која политичка партија е на власт, или кој е Претседател на државата. Денот, кога системот едноставно беспрекорно ќе функционира, без разлика кој е на власт – рече претседателот Пендаровски.

Претседателот посочи дека ги почитува лидерите за коишто зборуваат нивните дела, а не самите тие. На младите им порача своите одлуки да ги носат сами, и да не потпаѓаат под влијанието на скапо платените политички пропаганди.

Денешната дебата е дел од обуката за лидерство, бизнис и претприемништво насловена „Проект ЛИДЕР“, која „МК2025“ ја организира во соработка со школата „Ivey Business School“ од Канада, на годишно ниво.