Министерот за надворешни работи на состанок со сојузничките сили

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на покана на Венди Шерман, заменичка на државниот секретар на САД, денеска учествуваше на видеосостанок посветен на најновите случувања во Авганистан. На состанокот, покрај Македонија учествуваа и земји-членки на ЕУ и НАТО, како и други пријателски земји од различни региони во светот, подготвени да обезбедат привремено прибежиште за граѓаните на Авганистан, кои во моментов се под сериозна закана за нивните животи, како и за безбедноста на нивните семејства.

Османи ги информираше сојузниците за успешниот процес на евакуација на наши државјани од Авганистан, од кои еден дел се веќе пристигнати во државата, при што упати благодарност до сите партнерски земји кои ги поддржаа нашите напори во таа насока.

– Северна Македонија ги заврши сите неопходни подготовки и во очекување сме да прифатиме мал дел од мирољубивото население од Авганистан, пред се жени и деца, како и претставници на хуманитарни организации кои во изминативе 20 години, заедно со НАТО сојузниците, вклучувајќи ја и нашата Армија, учествуваа во изградбата на демократските процеси во таа земја. Повикувајќи се на принципите на солидарност и хуманост, како исклучително значајни во овие тешки моменти за државјаните на Авганистан тоа е најмалку што можеме да го направиме за овие луѓе – истакна Османи.

На состанокот беше разгледана моменталната безбедносна состојба во Авганистан и беше реафирмирана меѓусебната соработката и заедничките напори за надминување на актуелните предизвици, како и намалување на ризикот од појава на нова хуманитарна криза.