Фото: Игор Бансколиев

Од Организацијата на потрошувачите велат дека најчесто потрошувачите се жалеле дека декларациите на производите не се на македонски јазик и покрај тоа што продавачот е должен да ги стави на македонски јазик на бела етикета. Имало и поплаки за декларации испишани со многу ситни букви со премал фонт, поради што воопшто не можеле да се забележат и прочитаат

НА ШТО НАЈЧЕСТО СЕ ЖАЛАТ ПОТРОШУВАЧИТЕ

Многупати се случува потрошувачите да не можат да ја прочитаат декларацијата на некој прехранбен производ, затоа што е напишана на странски јазик или затоа што е отпечатена со многу ситни букви. За жал, има и купувачи што воопшто и да не ги читаат декларациите на производите на кои треба да се наведени јасно и читливо сите карактеристики за конкретниот производ. Многу од додатоците во храната можат да бидат штетни, од најмали размери, па до ризик од алергии и тешки заболувања. Па оттаму е важно прописно да се наведени сите состојки во производите. Од Организацијата на потрошувачите на Македонија велат дека иако не се во голем број, сепак имаат јавувања и поплаки од граѓани во врска со декларациите. Најчесто потрошувачите се жалеле дека тие не се на македонски јазик и покрај тоа што продавачот е должен да ја стави декларацијата на македонски јазик на бела етикета. Имало и поплаки за декларации испишани со многу ситни букви со премал фонт, поради што воопшто ништо не можеле да прочитаат и да се информираат за производите.

– До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата за храна и ветеринарство во 2020 година, од вкупно поднесени 420 претставки, само седум се однесуваат на означувањето/декларацијата, и тоа на производите, месо, кисело млеко, леб, пакувана вода, колачи. Поднесените претставки од потрошувачите не се однесуваат на големината на буквите во означувањето, туку поради необезбедено, несоодветно, нецелосно или измамничко означување на производите. Свесноста на потрошувачите за безбедноста на храната, а со тоа и за означувањето како основен извор на информации за неа, од година на година е сѐ поголема.

Со тоа се сѐ поголеми и барањата за обезбедување поголем број информации за храната што треба да ги содржат декларациите. Поради ова, во изминатите години, на голем број производи е намалена големината на буквите во означувањето – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според податоците од Извештајот од последното истражување што го направила Агенцијата за храна и ветеринарство на 1.002 испитаници, само 47 отсто од потрошувачите секогаш ги читаат информациите на пакувањето пред да одлучат да купат храна или пијалак. Другите, односно 36 отсто од потрошувачите, го прават тоа понекогаш, додека седум отсто никогаш не читаат декларации.


Што треба да содржи една декларација

За да се обезбеди висок степен на заштита на потрошувачите, означувањето на храната е правно регулирано со Правилникот за информации поврзани со храната („Сл. весник на РМ“ бр. 150/15 и 241/20), кој е целосно усогласен со релевантната ЕУ-легислатива, тврдат од АХВ. Дел од одредбите се внесени и во Законот за безбедност на храната. Операторите со храна треба да ги применуваат одредбите од законот и од правилникот во сите фази на производство на храната. Задолжителни информации што треба да бидат наведени на пакувањето на храната се: име на храната, список на состојките што ги содржи производот, како и секоја состојка или помошно технолошко средство или друга супстанција што предизвикува алергии или нетолерантност, т.е. алергени, потоа количество на одредени состојки или категории на состојки, нето-количество на храната, датум на минимална трајност или датумот за „употребливо до“. На декларацијата треба да се наведени сите посебни услови за чување и/или услови за употреба, името или деловното име и адресата на операторот со храна, земјата на потекло или местото на потекло. Задолжителни се и упатства за употреба, кога е тешко соодветно да се употреби храната во отсуство на такви упатства, а треба да има и информации за хранливата вредност на храната изразени во нутритивна табела. Во врска со пијалаците што содржат повеќе од 1,2 отсто алкохол по волумен, на декларацијата треба да стои реалната јачина на алкохолот по волумен – информираат од АХВ.