Фото: Игор Бансколиев

И по потпишувањето на т.н. Преспански договор, и самата ЕУ не покажа решителност веднаш да ги започне пристапните преговори со Македонија. Со тоа испрати лоша порака за целиот регион дека Унијата не го почитува дадениот збор, со што целосно ги демотивира и преостанатите земји од регионот за исчекор во решавањето на отворените прашања. Но тоа во меѓувреме придонесе за јакнење на други влијанија, кои во време кога потфрли европската солидарност, при набавката на вакцини, станаа уште посилни и продолжуваат да се засилуваат. И тоа на Брисел му е целосно јасно, но нејасно е зошто останува рамнодушен?

Игра на зборови со двосмислено значење на европските политичари за ширењето на ЕУ

Европската Унија продолжува со испраќањето двосмислени пораки во однос на Македонија, тврдејќи дека проширувањето останува на агендата, но истовремено и предупредува дека „некои други сили би можеле да завладеат со овие простори ако процесот на проширување остане замрзнат поради бугарската блокада“.

Вакуумот секако ќе биде пополнет, прашање од кого

Самата Европа не покажа решителност по потпишувањето на Преспанскиот договор веднаш да ги започне пристапните преговори со Македонија, со што испрати лоша порака за целиот регион дека ЕУ не го почитува дадениот збор и целосно ги демотивира преостанатите земји од регионот да направат исчекор во решавањето на отворените прашања.
Тоа во меѓувреме придонесе за јакнење на други неевропски влијанија, кои во време кога затаи европската солидарност, при набавката на вакцини, станаа уште посилни и продолжуваат да се засилуваат. Впрочем, самите искуства покажуваат дека „секој постоен или создаден вакуум-простор порано или подоцна ќе се најде под нечие влијание“, а на Европа ѝ е особено важно Балканот да остане во сферата на европското влијание.
Поучена од претходните искуства со војните на територијата на поранешна Југославија, ЕУ сега се обидува да го поврати интегритетот на Балканот и преку засилените активности да издејствува почеток на пристапните преговори за Македонија и за Албанија, сакајќи да испрати порака дека Балканот останува само европски.
– Ако не се шири ЕУ, ќе се прошири некој друг… Ширењето на ЕУ треба да биде одговор на стратегиските и безбедносните предизвици на трети актери – изјави неодамна словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја од 1 јули го презема претседавањето со Унијата, без да прецизира на кого мисли дека би можел да се прошири на овие простори.
Тој веќе најави дека ширењето на ЕУ на Западен Балкан ќе биде меѓу клучните приоритети на словенечкото претседавање, за што се планира и одржување неформален самит ЕУ – Западен Балкан на почетокот на октомври.
Ваквите изјави и претходно доаѓаа од многу европски политичари, но и покрај тоа процесот на проширување е закочен. Ако ЕУ не дејствува во согласност со изјавите што ги даваат европските политичари, тогаш се поставува прашањето кој би можел да го заземе местото на ЕУ на овие простори ако не се изнајде решение за бугарската блокада на македонските евроинтеграции и ако процесот остане замрзнат на подолг рок.

Кој би можел да го заземе местото на ЕУ на овие простори?

Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека ЕУ со бавното проширување придонесува тука други земји да го шират своето влијание.
– Ако ЕУ не го интензивира процесот на проширување, несомнено некој друг ќе го пополни местото тука. Како прво, Русија никогаш не заминала од овие простори во смисла на заштита на интереси, облици на присуство преку освојување на јавното мислење, конкретни активности, кои може да им обезбедат облик на симпатии, поддршка итн. Тоа ќе биде уште позасилено ако почувствува дека овој простор не е толку во фокусот на ЕУ и на САД – вели Андревски.
Тој уште додава дека ЕУ е премногу трома на Балканот изминатите 30 години и многу често влијае реактивно, нејзиното влијание не е ниту активно, а уште помалку проактивно.
– Поради тоа Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, остануваат отворено поле и геополитички и безбедносен простор на интерес на други страни сè додека општите определби за ЕУ не победат дефинитивно. Најдобро е Западен Балкан ваков каков што е ЕУ да го прими целосно, па подоцна да го решава – истакнува Андревски.
Според него, интереси тука пројавуваат и Кина и Турција, кои го користат празниот простор.
– Кина бара решенија тука преку Патот на свилата, наметнува скапи кредити за инфраструктурни проекти и со тоа ја задржува контролата преку исплата на ратите и каматите. Не треба да се заборави и Турција, која е присутна од почетокот на 90-тите години на минатиот век. Турција никогаш не се откажала од Балканот, од старите граници на Отоманската Империја, па дури интересот го пушта и до Виена. Ако ЕУ продолжи со тромоста во проширувањето, ако остава постојано празен простор, се губи довербата во неа и несомнено ќе се засилува влијанието на трети страни – категоричен е Андревски.

Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија, ја потврдува тезата дека трети сили што не се од ЕУ, перманентно покажуваат интерес за регионов.
– За друго влијание на овие простори традиционално се зборува со години. Тоа се трети сили, други страни, режими и механизми зад кои генерално стојат Русија и Кина, понекогаш Турција, како и Иран преку разузнавачки служби и ширење на исламското влијание. Турција традиционално уште од Отоманската Империја има геостратегиски интерес на Балканот, Русија и Кина исто така – вели директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски.
Според него, вината за појавувањето на други влијанија на Балканот лежи исклучиво во ЕУ.
– Со намалување на влијанието, угледот, веродостојноста на ЕУ на Балканот, што несомнено се случува заради заглавување на процесот на проширување, земјите на Балканот отстапуваат од една страна од вредностите на ЕУ, на плурализам, демократија, човекови права, либерална демократија генерално. Втора работа, отстапуваат од законските нормативи, кои требало да ги усогласуваат со европското законодавство што е најмногу видливо преку склучување договори во четири очи. Трето ниво е нивото на јавни набавки и четвртото ниво е влијание на ниво на јавно мислење. Тука Русија и Турција се претежно присутни преку медиуми, културни центри и слично. Кога нема доверба во Европа, таа доверба се прелева кон некој друг и сите гледаат да профитираат врз таа основа – нагласува Трошановски.
Тој уште додава дека иако проширувањето на ЕУ е приоритет во документите на ЕК, Унијата на терен ништо не прави на тој план.
– Секое наредно претседателство на ЕУ се обидува да го поврати кредибилитетот на Балканот. Имаше мал пробив со бугарското претседателство и самитот што тие го организираа, сега и Словенија најавува нешто слично, така што работата е што Македонија не мрда, Косово и Србија не напредуваат со дијалогот, има евроскептични земји што се кријат зад Франција, зад Бугарија, претходно зад Грција, така што проширувањето генерално, иако во документите на ЕК е приоритет, сепак не е приоритет на сите земји-членки. Тоа е замката поради што ЕУ го губи кредибилитетот и остава отворен простор за други влијанија тука – смета Трошановски.