Футуристичко-фантастичните проекти, како опсерваторија на НАСА во Кокино, лансирање македонски сателит во вселената, железници по јапонски терк, големи површини со соларни панели како нов еколошки извор на електрична енергија…, кои беа дел од изборната понуда во оваа кампања, освен што предизвикува првична зачуденост и можеби љубопитност кај гласачите, го наметнуваат прашањето дали може да ефектуира конкретна доверба како изборен резултат

ПАРТИСКИТЕ ПРОГРАМИ ИЗОБИЛУВААТ И СО АМБИЦИОЗНИ ФУТУРИСТИЧКИ ПРОЕКТИ И ВЕТУВАЊА

Со триесетгодишен плуралистички стаж, македонскиот електорат во голема мера ги има калибрирано очекувањата на политичката понуда во кампањите на партиите пред секој изборен циклус. Односно, гласачите веќе имаа развиено искуство и чувство за реалните можности за исполнување на ветувањата на партиите или, што се вели, не е лесно да се прелажат со големи ветувања. Така, во оваа кампања, која завршува в недела на полноќ, на 12 јули, репертоарот на политички ветувања од партиските програми главно се движеше во распонот: правда за сите, администрација по европски стандарди, сигурност, просперитет, борба против корупцијата и криминалот, обнова на правосудството, подобар живот за младите, реформи во образованието… Секако, тука се и ветувањата за раст на стандардот и на платите, намалување на невработеноста, зголемување на социјалната помош, инфраструктурни проекти, инвестиции и вложувања – паушални и со конкретни суми… Главно темите се тие, повеќе или помалку рециклирани од некои претходни кампањи, преработени во согласност со новите моменти на актуелната реалност, со додадена вредност на „шармот“, специфичен за секоја партија.

Но впечаток беше дека сите тие ветувања досега, независно од политичката опција што ги лиферувала, биле во рамките на капацитетите на македонската реалност. Но во оваа кампања, програмите и ветувањата на одредени партии со одредени проекти како да ја подигнуваат летвичката на очекувањата до која се осмелува дури и да фантазира просечниот македонски граѓанин – гласач. Во таков, по малку футуристичко-фантастичен контекст беа доживеани ветувањата за опсерваторија на НАСА во Кокино, лансирање македонски сателит во вселената, железници по јапонски терк, големи површини со соларни панели како нов еколошки извор на електрична енергија…, кои беа дел од изборната понуда во оваа кампања.
Ваквата понуда, освен што предизвикува првична зачуденост и можеби љубопитност кај гласачите, го наметнува прашањето дали може да ефектуира конкретна доверба како изборен резултат.

– Ми се чини дека ова се избори кога се трошат последните резерви на темите со националистички и етнички програми како изборни ветувања. Прво, зашто многу од таквата националистичко-етничка понуда е во голема мера реалност во македонското општество, а сега само се бараат нови механизми за нејзино правно легитимирање. Можеби ова се последни крикови на таквите агенди, а надвор од нив во општеството реално функционира една пауперизирана модерност. Односно ние живееме во модерен свет, но сме сиромашни. Многу од придобивките на модерниот свет ги гледаме и речиси ни се на дофат на раката, но таквите придобивки не функционираат во нашата реалност. Во такви услови, некое изборно ветување за модернизација на сиромаштијата претставува своевиден психолошки шок за гласачите, па дури и психолошки вентил од реалните кризи со кои се соочуваат гласачите. Во комбинација со реалноста на партизираната држава и идеолошката индоктринираност, кај значаен дел од гласачкото тело може да имаат ефект таквите ветувања за модернизација на сиромаштијата – вели професорот социолог Илија Ацески.

Како друга екстензија на овој феномен на политички програми со футуристички проекти во оваа кампања се наметнува и дилемата дали димензионираноста на ветувањата е во соодветна пропорционалност со можноста за освојување на власта и обврската потоа да се спроведат ветените проекти. Односно, дали е полесно да се даваат големи ветувања кога не се очекува да се најдеш во позиција да треба да ги исполнуваш.
– Всушност, станува збор за реален или нереален стил и карактер на изборна кампања. Најчесто тие се во дискрепанца со реалните цели што треба да се постигнат и содржината што се нуди. Малите и средните партии боледуваат од политичка нереалност, а во оваа кампања гледаме и изгубеност во просторот и во времето.

Бидејќи тие однапред ја губат битката со големите играчи, наместо да изградат партиска инфраструктура, членство, симпатизери и да изградат реална изборна платформа, посегнуваат по нереални ветувања и проекти, само за да им покажат заби на посилните. Смислата на кампањата е на избирачкото тело да му се понуди сигурна и стабилна сегашност преку поставување стратегиски цели, конкретни политики, ефикасни мерки и проекти што се решение на реалните проблеми на гласачите. Само така гласачите ќе препознаат кому ќе му го дадат својот глас – вели Сотир Костов, политички аналитичар искусен во креирањето изборни политики.