Состојбата со блокираните евроинтеграциски процеси има повеќеслоен негативен ефект за нашата нација и држава. Дури, се чини дека земјите на ЕУ премолчено се согласуваат за неинтегрирањето на Западен Балкан, а токму тоа го мотивира и динамизира иселувањето од овие простори кон „Западот“. Потребата за работна сила таму, некако се вклопува како дополнителна индиција дека на ЕУ-земјите им одговара што подолго да трае ваквиот статус кво на земјите од Западен Балкан, бидејќи за задоволување на „апетитите и вкусот“ за работна сила многу повеќе им одговараат работници од овие простори отколку од Блискиот Исток или од Африка…

Блокираните евроинтеграции кријат сериозни ризици за Македонија

Бугарската блокада на македонските евроинтеграции и поддршката на ЕУ за тоа, може да има многу посериозни последици по земјава ако се има предвид сè поголемата летаргичност меѓу македонските граѓани, кои обесхрабрени од постојните пречки на европскиот пат и изгубената надеж дека скоро нешто ќе се промени, единствениот излез го гледаат во напуштање на земјата.
Ако и досега стануваше збор за огромна бројка на лица што од година на година ја напуштаат Македонија, сега постои сериозна опасност тоа да се претвори во егзодус на населението од земјава, што може да доведе до дополнително обезличување на државата и на мнозинскиот народ во неа преку креирање нови ентитети.
Поведени од постојаната потреба од работна сила во Германија, но и во другите европски земји, Македонците, не гледајќи европска перспектива дома, продолжуваат да земаат бугарски пасоши заради полесен престој и работа во странство, што од друга страна ѝ оди во прилог на официјална Софија и нејзината експанзионистичка политика кон земјава.
На сериозноста на ситуацијата со потенцијалните миграции кон Европа, неодамна „предупреди“ и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, според кого, неисполнетите ветувања за проширување на Унијата ќе предизвикаат мигрантски бран од земјите од регионот, вклучувајќи и од Македонија.
Настрана одливот на работна сила од регионот, но токму нов масовен мигрантски бран од земјава кон Европа е исклучително значаен, а може да биде погубен за карактерот на македонската држава, која сè повеќе се претвора во етнички конзорциум без јасно дефинирани национални обележја.

Токму тука Софија ја гледа својата шанса и одолжувањето на евроинтеграциите го користи дополнително да ги засили сопствените позиции во земјава и да го издејствува она што го посакува, побугарување на македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик и историја.
Некои од аналитичарите сметаат дека односот натреба да изненадува, но надоврзаните потези што ги влече Софија, за различна цел од европските, но со исти методи, се токму во насока да се создаде неповолна клима во земјава што ќе ги принуди граѓаните или да мигрираат кон Европа како Бугари, или да прифатат да се обезличат дома.
– За Бугарија ситуацијата е: што полошо во Македонија, тоа подобро за нив. Тие работат на тоа и со многу нешта покажаа дека е тоа така. Оној притисок што им се прави од Европа да попуштат, го амортизираат така што фингираат политичка криза само да не ја одблокираат Македонија и да не дозволат почеток на пристапните преговори – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат.
Тој додава дека во политиката нема пардон, туку интересот е секогаш на прво место.
– Како ќе расте европската бесперспективност на земјава така ќе се зголемува тој мигрантски бран уште повеќе. Источна Македонија е празна, ништо не е подобра ситуацијата и во западниот дел од земјава. Има села во кои нема по пет луѓе. Треба и нашите политичари добро да подразмислат што прави Бугарија во заднина – нагласува Јањатов.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски се согласува со ставот дека Софија намерно одолжува со одблокирањето на Македонија само за да ги оствари сопствените стратегиски цели. И ЕУ, исто така, но со различни мотиви, а исти форми и методи.
– Бугарија ја фингира целата работа со блокадата на Македонија за да добие време во кое ќе бара Бугарите да влезат во македонскиот устав, да имаат пратеници во Собрание и други привилегии. Софија со блокирањето на македонските евроинтеграции едноставно купува време и си наоѓа легални начини на креирање гласачко тело, влијание и слично, што води кон обезличување на државата и верувам дека за пет години таа нема да изгледа како сега, туку ќе биде поделена според сферите на влијанија. Давањето бугарски пасоши на македонските граѓани е само за да се окрупни бугарскиот ентитет во Македонија и тоа ќе се злоупотреби во еден момент, можеби за две до три години кога тие луѓе под притисок на Софија ќе побараат определени права – вели Пекевски.
Според него, блокирањето на процесот на проширување на ЕУ нема драстично да го зголеми мигрантскиот бран од Македонија во однос на она што сега се случува, но Бугарија ќе го користи и тоа.
– Бугарија ќе продолжи да го користи процесот на миграција на македонските граѓани за да им издава пасоши, но ЕУ ако сака ќе го спречи овој процес. Ако забележи дека има преголем наплив на бугарски граѓани што не се вистински Бугари, ќе направи притисок врз Бугарија да не издава пасоши, така што многу лесно може да ја стопира таа тенденција. Истата таа ЕУ засега не го прави тоа оти ѝ одговара да го собира квалификуваниот кадар од Македонија и другите земји – констатира Пекевски.