Еднаш, се извинувам што почнувам со еднаш, иако тоа е како почеток на детска сказна, како – еднаш, некогаш и негде, но бидејќи за мене, која пред многу години сум повратничка од туѓа земја во мојата Македонија, оваа случка не можам да ја заборавам и затоа ја споделувам.

Еднаш бев на гости неколку дена во еден град во Македонија и во еден од тие денови, моите пријатели ме однесоа на фудбалски натпревар. За мене тоа беше првпат да одам на стадион и, ете, да следам фудбалски натпревар. Тогаш првпат видов навивачки групи спротивставени едни на други, кои ги бодреа своите омилени клубови. Но она што го забележав и кое понатаму во животот ми отвори можност и јас можеби да бидам навивач беше еден човек, кој седејќи, а повремено и стоејќи до мене, извикуваше: „НАПРЕД НАШИ!“

Додека навивачките групи силно ги бодреа своите миленици извикувајќи го името на клубот за кој навиваа, овој човек постојано извикуваше: НАПРЕД НАШИ! По мојата тогаш младешка храброст, се извинив бидејќи го нарушувам жарот на неговото навивање и го прашав зошто додека другите навивачи го извикуваат името на клубот, тој само НАПРЕД НАШИ!?

Тој се сврте кон мене, се насмевна и ми рече: „Девојко, кога игра македонската репрезентација и од овие два клуба одредени играчи настапуваат за неа, но и од која било екипа од Македонија, јас кога би навивал би извикувал „НАПРЕД НАШИ“, за да бидат бодрени да дадат сѐ од себе и поуспешно во спортски дух да ги покажат на терен мајсториите на спортот, кој, ете, за нив е уметност на нивното живеење. На овој начин јас успевам да ги бодрам сите, без да правам разлика помеѓу еден и друг тим, укажувајќи им навивачка помош на домашните, а исто така и на гостите, ’добре дојдовте’ во нашиот град.“

Јас тогаш прозборев, а тоа како стрела излета од мене: „А кога игра нашата репрезентација?“

„Е тогаш, пиле, не би престанал да викам МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНИЈА… “

Една Македонка