Фото: Архива

И граѓаните и политичките партии и меѓународната заедница очекуваат спроведување „кристално чисти“ избори, без ни најмала забелешка, како прилог за одлуката за добивање датум за почеток на членство во ЕУ. Истовремено сѐ почести се најавите дека нѐ очекува највалкана кампања во историјата на Македонија

Според календарот на изборни активности, предизборната кампања официјално треба да започне на 23 март и да трае 20 дена, односно до предвидениот молк пред изборниот ден, одреден на 12 април годинава. Но политичката кампања кај нас пред секој изборен циклус по некое непишано правило неофицијално започнува многу порано и трае многу подолго, замаскирана зад флоскулата партиски активности и средби со граѓаните. Она што веројатно е поспецифично за оваа предизборна кампања е општата констатација дека таа ќе биде меѓу највалканите досега. Дури и актуелниот премиер на техничката влада, Оливер Спасовски, во интервју за странски медиуми, изјави дека очекува изборната кампања да биде една од „највалканите“ досега.

– Сигурен сум дека оваа изборна кампања ќе биде една од највалканите во историјата на земјата. Сигурен сум дека лажните вести и медиумската пропаганда ќе бидат секојдневие за време на изборите – вели Спасовски, за „ЕУ обсервер“. Од друга страна, пред нашата држава стои предизвикот да спроведе кристално чисти избори како клучен предуслов за нашата евроинтеграција. Тоа во повеќе наврати досега го споменуваа и го бара од нас меѓународната заедница.

Наедно и меѓународната заедница, односно ЕУ-факторот, очекува спроведување „кристално чисти“ избори, без никаква забелешка во извештаите на меѓународниот мониторинг, како прилог за одлуката за добивање датум за почеток на членство во Унијата. Сето тоа укажува на голема дискрепанца во стравувањата и најавите за највалкана кампања досега и предизвикот и неопходноста за спроведување кристално чисти „демократски, фер и слободни избори“. Може ли овие два антипода меѓусебно да се доближат и како да се стигне до кристално чисти избори, какви што посакуваме сите.
Притоа се поставува и прашањето дали најавената највалкана кампања може да доведе до изборен процес без никаква забелешка од набљудувачите, но и признаени изборни резултати од страна на сите учесници во процесот.

– Сѐ зависи од тоа што се перципира како негативна кампања. Ако под таквата флоскула се мисли на поткуп на гласачи, притисоци да се излезе на гласање, креирање листи на сигурни гласачи, односно ако има влијанија во текот на изборниот процес, кои се казниви според закон, извештаите на набљудувачите нема да бидат позитивни. Во однос на реториката и методите во политичката кампања, сепак тоа е повеќе во рамките на политичкиот маркетинг и не мора нужно да имплицира и нарушување и незаконски дејства во текот на изборниот процес. Во принцип, повеќе е за очекување и полесно е за спроведување негативна кампања за партија што е во опозиција, зашто може да си дозволи да ја критикува Владата. Симптоматично е кога некој од позиција на премиер најавува негативна кампања, што наведува дека власта нема со што да се пофали од сработеното, па ќе ја напаѓа опозицијата. Или можеби ќе спроведува некоја нова политичка теорија, дека власта треба да ја критикува власта – размислува политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Кога станува збор за извештаите на меѓународните набљудувачки мисии, како на ОБСЕ/ОДИХР, Божиновски вели дека треба да се види како ќе реагираат тие на предизборните вработувања во администрацијата, кои можат да бидат протолкувани и како предизборен поткуп. Сепак, за тоа сѐ уште не може да се очекува оцена, зашто пред сѐ мисијата на ОДИХР (која ги мониторира изборите) се очекува да пристигне во земјава на почетокот на март.

Во меѓувреме и власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат дека се спроведува валкана кампања со црни пари.
И покрај воведувањето на моделот на 100 дена техничка влада пред избори, според Пржинскиот договор, се чини дека сепак не се поставени јасни правила за учеството и обврските на членовите на таквата влада, поставена како своевидна „широка коалиција“ на власта и на опозицијата.
Одредени аналитичари и функционирањето на таа влада го гледаат во контекстот на валканата кампања.

– Валканата кампања е веќе започната, според начинот на кој се менуваат министри и се менуваат одлуки. Опозициските министри во техничката влада се третираат про форма, повеќе како декор. Во случајот со менување (отстранување) на министрите од опозицијата, Владата се постави во улога на уставен суд. Притоа поддршката на меѓународната заедница е голема, па се очекува таа да замижи на некои прекршувања од страна на власта во предизборниот период. Тоа претставува еден нов дополнителен стадиум во валканата кампања – смета политикологот Синиша Пекески.

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски извештаите на меѓународните набљудувачи се однесуваат главно на случувањата на изборниот ден. – Очигледно е дека предизборната политичка атмосфера во земјава е доминантно негативна со изразена спротивставеност на политичките опции, па за очекување е дека кампањата ќе биде со висока тензија и валкана. Таквата висока политичка тензија претставува голем ризик за да се предизвикаат инциденти на изборниот ден. Во секој случај, она што будно ќе го следи меѓународната заедница ќе бидат притисоци за гласање, злоупотреба на државната администрација на избори, поткуп на гласачи – вели Арсовски.

Иако официјалната изборна кампања не е започната, однесувањето на сите претпоставени учесници во изборната трка, навестува дека спроведувањето чисти, фер и демократски избори ќе биде предизвик за сите.