ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада, порача вчера лидерот на партијата Христијан Мицкоски во првото обраќање до јавноста по завршувањето на предвремените парламентарни избори.
– Важно е што во Македонија расположението е опозициско, а резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта. А ВМРО-ДПМНЕ без Беса во редовите на СДСМ освои повеќе пратенички мандати – истакна Мицкоски.
Тој прецизира дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ победиле во 41 општина.

– Овој резултат е постигнат во едни тешки околности, силни притисоци, и голем број нерегуларности. Власта спроведе масовен поткуп. Денеска сајтот на Државната изборна комисија не работи. А добиваме различни информации дека сомнително се броени и изнесувани податоците – рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не прифаќаат никакви условувања од преостанатите партии за формирање влада и исклучи секаква можност за коалицирање со СДСМ.