За тоа дали локалните власти можат да му пркосат на популизмот на централните власти во нивните држави, новите европски трендови, примерот на Вишеградската група, но и домашните искуства на овој план, побаравме мислење од повеќе институции, поранешни политичари, градоначалници, но и странски експерти што ја познаваат оваа проблематика

Опозициските градоначалници на метрополите на земјите од Вишеградската четворка, Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, неодамна во Будимпешта потпишаа пакт на слободни градови, ветувајќи дека ќе им се спротивстават на популистичките влади во Централна и Источна Европа.
Четирите градоначалници, кои меѓу другото се заложија дека ќе му пркосат на популизмот на нивните влади, истовремено го повикаа Брисел директно да ги распредели парите за нивните градови, заобиколувајќи ги националните влади што се обвинети за корупција и злоупотреба на фондовите на ЕУ.

Правејќи паралела со Македонија и новите европски трендови, во контекст на олабавување на стегите на релацијата локална – централна власт, се наметнува дилемата дали градоначалниците, но и општините во Македонија можат да издејствуваат целосна слобода и независност во работењето и да се ослободат од евентуалните партиски стеги при нивното секојдневно функционирање. Наместо централната власт да ја користи локалната за билдање популизам или, обратно, секој да си ја врши својата работа, единствено и само во интерес на граѓаните и благосостојба на државата.
Во однос на овие прашања, но и за европските трендови и примерот на Вишеградската група, побаравме мислење од повеќе институции, поранешни политичари, градоначалници, но и странски експерти што ја познаваат оваа проблематика. Поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, коментирајќи го неодамнешниот склучен пакт на повеќе градоначалници од главните градови од Вишеградската група, чија цел е спротивставување на популизмот на сопствените влади, смета дека таквата иницијатива на локалната власт таму многу тешко би можела да профункционира кај нас на домашен терен. Според Трајановски, тоа е така бидејќи кај нас речиси нема независни градоначалници и лица што раководат со општините и градовите низ земјава.

– Кај нас речиси не постојат независни градоначалници и независни лица што раководат со локалните функции. Во земјава сѐ е партизирано и партиски. Но, и покрај тоа, убеден сум дека може многу да се направи градските татковци и општинарите да имаат поголема независност од централната власт и нејзината политика. Во минатото, како градоначалник на Скопје, во соработка со ЗЕЛС, презедов низа мерки со кои правевме вистинска децентрализација на општините, за да се направи независност при носењето на одлуките на локалните власти. За жал, во таа работа дел успеавме, но дел и не. Тоа беше така бидејќи и тогаш и денес, општините во земјава немаат стабилни извори на финансии и сѐ додека е така, тие ќе бидат продолжена рака на владите и во принцип ќе бидат зависни од политиките на централната власт – вели Трајановски во изјава за нашиот весник.
Тој како пример од регионот во кој локалната власт има поголема независност во политиките од централната власт го посочува градот Загреб. Според Трајановски, хрватската престолнина денес има околу 58 отсто константни приходи на годишно ниво од собраниот персонален данок на градско ниво, а околу 40 отсто на државно ниво. Тоа, според него, е добар показател дека Загреб може и смее посамостојно да одлучува при носењето на своите одлуки што се од јавен карактер за кои не треба да ја прашува централната власт.

– Кај нас состојбата е сосема спротивна. Централната власт ги диктира правилата. Во Македонија немаме сигурни годишни приходи кај општините и тие во најголем дел зависат од наплата на комуналии. Колку повеќе се гради во општината или градот толку повеќе пари има. Тоа е мерка која не е добра од повеќе аспекти, но е најголем извор на приход во општината. За да се смени тоа во земјава и да биде локалната власт понезависна и да почне да личи на онаа европската, треба да се спроведе целосна децентрализација. Сѐ додека градоначалниците не си ја сработуваат својата работа и бараат помош од централната власт, тие ќе бидат само продолжена рака на популизмот и на политиките на Владата – оценува поранешниот градоначалник Трајановски.
За последната иницијатива на младите прогресивни градоначалници на градови од Вишеградската група побаравме мислење и од актуелните градски власти на македонската престолнина.

– Секако дека иницијативата на млади и прогресивни градоначалници на градовите од Вишеградската група, кои се борат за принципите за правната држава и доброто на нејзините граѓани, е иницијатива што е за поздравување. Младите и прогресивни градоначалници на главните градови на Варшава, Будимпешта, Прага и Братислава сакаат да склучат неформален сојуз или пакт на „слободните градови“, градови што се модерни, толерантни, отворени. Скопје е отворен град, град на меѓународната солидарност, има прогресивен градоначалник. Локалните власти постојат за граѓаните, за нивните потреби, за тоа со целиот свој капацитет да помогнат во квалитетот на животот на своите граѓани. Тука, секако, има вид на политика, политичка стратегија, програма, но сите тие не се во онаа смисла наметнати како што е тоа на ниво на централната власт – вели Ваљон Салиху, портпарол на градот Скопје.
Според Салиху, во земјава е можно политиката на локално ниво да е во корелација со онаа од централно ниво, особено во моментите што се совпаѓаат во идеите и целите заради доброто на граѓаните.

– Можно е политиката на локално ниво да е во корелација со онаа на централно ниво тогаш кога се совпаѓа поголемиот дел од идеите и целите на едната и другата власт заради доброто на граѓаните. Секако, клучна улога тука има свеста на едните и на другите политичари за тоа дека соработката и партнерството во одредени проекти се неопходни и дека и локалните политичари и оние на централно ниво треба да бидат ослободени од партиските влијанија и да тежнеат кон тоа да градат партнерски однос за одредени прашања. Тоа, секако, би довело до прогрес што би го почувствувале граѓаните – тврди Салиху.
Во меѓувреме, Душица Перишиќ, извршна директорка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), во изјава за „Нова Македонија“ појаснува дека функцијата на ЗЕЛС во Македонија е токму таа за која се здружиле неодамна и заложиле градоначалниците на поголемите градови од Вишеградската група.

– Во принцип, ЗЕЛС кај нас е таква иницијатива, која е своевиден центар во кој се координираат активностите за подобрување на работењето на единиците за локална самоуправа, за што посуштинска реализација на стремежите и заложбите за подигнување на квалитетот на демократското остварување на процесите од локален карактер. Како пример за ваквото мое тврдење ги земам моите искуства од состаноците на ЗЕЛС со нашите градоначалници, кои кога се состануваме ги тргаат партиските шапки и ги ставаат шапките на граѓаните и нивните проблеми и побарувања. На состаноците не се дискутира за политика од централната власт, туку, напротив, се зборува за интересот на обичниот граѓанин и потребите на општините. Оттука, впрочем, затоа и опстојува ЗЕЛС во Македонија повеќе од 40 години и е добра организација, која честопати е коректор на политиките на централната власт во однос на граѓаните – вели Перишиќ.

На истава тема чешкиот професор Михаил Вит за нашиот весник изјавува дека сѐ зависи од тоа дали метрополата е идеолошкото упориште на моќта во земјата.
– Прашањето е дали главниот град како таков се смета за идеолошко упориште на моќта. Ако е така, шансата да се претвори во македонски контекст многу зависи од регионалниот контекст и од очекуваната стратегија. Главните градови од Вишеградската група сега уживаат во нови начини на соработка кога станува збор за опозицијата наспроти централната власт и постои меѓусебна поддршка во овој поглед. Истовремено, ниеден од градоначалниците не е подготвен да биде лидер на националната сцена, што го поставува прашањето каква ќе биде стратегијата покрај заедничката изјава – објаснува професор Михаил Вит.

[email protected]