Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одредени аналитичари од албанскиот кампус потегот на Заев го третираат не само како почеток на една политичка криза туку, уште повеќе, како можен вовед во сложена криза на меѓуетничките односи. Дали таквото предупредување е основано и добронамерно, произлезено од етноцентрични кујни и чисто албански агол на опсервација или, пак, тоа е предупредување со вкус на застрашување за стабилноста на Македонија и нарушување на безбедносно-политичката состојба од партиски центри што грчевито се држат за своите коалициски позиции и се служат со методи на заплашување на јавноста што се далеку од демократски…

По усната оставка на премиерот

Несомнено е дека потегот на Заев се толкува како вовед во политичка криза. Но одредени аналитичари од албанскиот кампус таквиот потег го третираат и како можен вовед во криза за меѓуетничките односи. Дали тоа предупредување е основано и произлегува од етнички, односно албански агол на опсервација, или, пак, е предупредување со вкус на застрашување за стабилноста на Македонија и нарушување на безбедносно-политичката состојба?
За такво нешто се разговарало и на средбата на премиерот во оставка со владините коалициски партнери пред два дена, која завршила со заедничка оцена дека оставката е избрзана и дека треба да биде повлечена.
Вицепремиерот Артан Груби напоменал дека ова биле локални избори и дека минатата година го добиле мандатот да ја водат земјата по евроатлантскиот курс.
– Ние сметаме дека само оваа влада може да го реши спорот со соседна Софија и да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Исто така само оваа влада ќе може да ги негува меѓуетничките односи, го гарантира Охридскиот рамковен договор, го гарантира Преспанскиот договор и добрососедскиот договор. Не смееме да си дозволиме авантури како граѓани и како држава во овие кршливи моменти, не само за нашата држава туку и за целиот регион – изјавил Груби.
Некои од коалициските партнери, пак, пред почетокот на средбата посочиле дека остануваат лојални на владината коалиција и не очекуваат промени.
Аналитичарите со кои се консултиравме оценуваат дека меѓуетничките односи, по оставката на премиерот Заев, сега се на тест.

Новинарот и аналитичар Лирим Дулови смета дека оставката на Заев повеќе може да се толкува како вовед во политичка криза, отколку да се рефлектира на нарушување на меѓуетничките односи во државата, за кои посочува дека се стабилни.
– Факт е дека Заев ги олабави меѓуетничките односи во земјата. Пример за тоа е што со години немаме слушнато за тепачки на ученици по автобусите или во училиштата. Тоа е нешто што е позитивно во овој случај – објаснува Дулови.
Според него, оставката ќе доведе до продлабочување и голема политичка криза, зашто да се направи друго мнозинство од овој пратенички состав ќе имаме иста ситуација, односно нестабилно друго мнозинство.
– За премиер Албанец исто така не гледам пречка, зашто сметам дека Македонија ги помина тие етнички бариери. Не гледам дека некој би имал проблем со тоа. Во таа насока, имавме ситуација кога пред неколку дена, по завршувањето на локалните избори, пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се вееше и албанското знаме, нешто што некогаш беше незамисливо. Ме радува што и ВМРО ја прифаќа оваа нова реалност, барем засега – додава Дулови.
Иако во јавноста и во некои странски медиуми беа лиферувани информации за можност од дестабилизирање на меѓуетничките односи поради оставката на премиерот, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу не верува дека меѓуетничките односи ќе бидат позаострени во следниот период, освен ако не се сменат реториката и активностите на политичарите.
– Тоа што го направи Заев за меѓуетничките односи не е спорно и во реториката и во активностите. ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не се изјасниле за некои прашања што се битни за Албанците. Не може опозицијата да смета на коалиција со албански партии, а да не се изјасни за некои прашања. Но не верувам дека ќе стигне ситуацијата до сериозни тензии на меѓуетнички план – посочува тој.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека темата премиер Албанец сега не е во фокусот.
– Тоа сега не е тема. За сите албански партии е од интерес овој период да се искористи за деблокирање на состојбата со Бугарија, да се справиме со енергетската криза, со инфлацијата, отколку да се оди на избори – заклучува Муслиу.
Предупредувањето за нарушување на меѓуетничките односи по оставката на Заев, според политичкиот аналитичар Сефер Селими, е една од многуте дилеми и непредвидливи ситуации, и тоа во повеќе погледи. Тој посочува дека како премиер Зоран Заев придонел многу за олабавување на меѓуетничките односи во земјата, а дополнителен придонес за тоа биле и предизборните коалиции и за локалните избори во 2017 година, следени од претседателските и парламентарните избори во 2020 година.

– На некој начин, тоа ги поттикна и принуди истото тоа да го направат и ВМРО-ДПМНЕ, со што етнонационалистичкиот наратив во предизборните кампањи полека стивна – објаснува Селими.
Но, сепак, тој истакнува многу опскурни политички кујни со заминувањето на Заев, нормално дека се отвораат дилеми и да сакаат да создаваат непредвидени ситуации на повеќе полиња.
– Во таа насока, вклучувајќи ги меѓуетничките односи и како ќе се поставува неговиот евентуален наследник – додава тој.
Но, според аналитичарот, наместо да се гледа етничката припадност, крајно време е да се фокусираме во квалитетот, професионалноста и подготвеноста на функционерите, вклучувајќи ја и премиерската функција.

[email protected]