Фото: Маја Јаневска-Илиева

Минатонеделните парламентарни избори повторно го исфрлија на површина проблемот со нарушената правна стабилност, како старо-нова задача за тој што ќе успее да формира мнозинство во парламентот

На кој начин оцената за нарушената правна стабилност, која е дел од прелиминарната анализа на Мисијата на ОДИХР што ги мониторираше предвремените парламентарни избори во земјава, може да влијае врз нашето зачленување во Европската Унија, имајќи на ум дека еден од главните услови е токму подобрувањето на функционирањето на правната држава.
Ова е една од дилемите што минатонеделните парламентарни избори повторно ја исфрлија на површина како старо-нова задача за тој што ќе успее да формира мнозинство во парламентот.

Аналитичарите со кои се консултиравме велат дека проблемот со владеењето на правото е камен на сопнување на сите досегашни, но и на идната влада, која пред себе ќе има исклучително тешка патека, која ќе треба да ја изоди имајќи на ум дека ниту еден процент од реформите во овој сектор не се спроведени.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека ако сакаме да бидеме дел од Европската Унија тогаш најпрво мораме да ги инсталираме европските вредности кај нас. Според него, првата работа во овој правец е воспоставување на правната држава и нејзино функционирање во секојдневието.
– Сведоци сме дека сите влади претходно воопшто не успеаја да ја изменаџираат состојбата поврзана со нарушената правна стабилност. Имено, очигледно попусто од сите партии во минатото се спомнуваше проветрување на кадарот во правосудството и спроведување академии за обуки на обвинители и судии кога ниту една од овие стратегии не дадоа плод. Судството остана превработено, склоно кон корупција, а политиката и натаму ја имаше главната улога во носењето на пресудите во судовите. Имено, тоа се докажа и за време на изборите, но и по нив, поради што првата шлаканица на оваа тема пристигна токму од набљудувачите од ОДИХР – оценува Стефаноски.

Тој резимира дека првиот и најдобар чекор во вистинска насока за идната влада би требало да биде наоѓање успешен механизам, кој би го истиснал политичкото влијание од судовите.
И универзитетскиот професор Гордан Калајџиев смета дека пред новата влада е тешка задача.
– Сега во овие моменти во правосудството имаме пренатрупани предмети, чии рокови се пробиени поради случувањата со коронавирусот, за кои во овој момент немаме никакво решение – вели тој.
Според него, ниту една од досегашните влади не направила видливи чекори да ги подобри состојбите, а ниту власта ниту опозицијата во моментов не се убедливи во тврдењата дека реално нешто можат и сакаат да подобрат во овој сектор.

– Добивам впечаток дека во општеството се премолчуваат системски проблеми во правосудството, но и општо во сите сегменти на општеството, и како да се очекува тие сами од себе да се решат. Со некоја нова компликација тие само ќе се продлабочат, а ние сега треба да размислуваме како да направиме во земјава да се поместат работите од оваа точка и да ги подобриме актуелните состојби -резимира професорот.

[email protected]