Преспанскиот договор од самиот чин на неговото потпишување се наоѓа под континуирана анализа од страна на политичари, експерти и новинари од цела Европа, па и пошироко. По првичната еуфорија и неумерени изливи на радост па дури и најави за кандидирање на двајцата премиери за Нобеловата награда, работите полека слегнуваат и во последно време исплививаат и други погледи и мислења.

Во тоа светло можеме да ги гледаме и изјавите на првите луѓе на Германија и на Франција, Меркел и Макрон, меѓу другите, а интересно е дека и новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис за време на својата прва посета на Германија изрази сериозна резерва кон договорот.

Имено, на прес-конференцијата во Берлин по средбата со канцеларката Ангела Меркел, Мицотакис го спомена и Преспанскиот договор, но само со една единствена реченица:

„На канцеларката ѝ се познати моите ставови за Преспанскиот договор, кој е договор со сериозни недостатоци, но кој може да биде подобрен во рамките на вкупната европска перспектива на Балканот“. Токму фразата „сериозни недостатоци“ го определува неговиот став, кој допрва ќе треба да биде елабориран.

Во овој контекст, исклучително интересна е и анализата што деновиве беше објавена на бугарскиот портал „Фактор.бг“. Сериозниот новинарско-истражувачки приод е под наслов „Северна Македонија и Грција – прегратка на смртта“. Во неа, авторот го става Преспанскиот договор во една поширока временска и проблемска рамка со сумиран осврт на долготрајното позиционирање на Грција во Македонија во поновата историја, после македонската независност, и тоа во повеќе општествени области: економско-финансиска, политичка, безбедносно-разузнавачка, медиумска…

Во продолжение, линкот до „Фактор.бг“ и анализата која не само што фактографски потсетува на многу лица и настани , туку како своевидна диоптрија и медиумски приод од соседството, со одредена временска дистанца, дава различен поглед на нештата кои се случувале во нашата држава.