Фото: Игор Бансколиев

МПЦ-ОА минатата година ги повика своите верници домашните слави да не ги прават со масовни собири, а осветувањето на празничните погачи да го прават во црквите. Слични се препораките и оваа година, со почитување на сите здравствени протоколи и мерки и дома и во самите цркви

Пред претстојните зимски слави, но и одбележувањето на митровденската задушница в сабота, се наметнува дилемата како да се спречи поголемо ширење на ковид-19, со оглед на масовните собири што претстојат. Оваа дилема стои како голем предизвик, бидејќи зимските слави се најмасовни и најчести што во речиси сите градови на Македонија се слават како домашни слави, со присуство на голем број луѓе во затворен простор. Во меѓувреме, секојдневно растат и бројките на новозаразени од ковид-19 и пандемијата која како да земав нов и посилен замав во перидот што следува.
Пред почетокот на овој период е и митровденската задушница, која исто така се одбележува со масовни посети на гробовите на покојните.
МПЦ-ОА минатата година ги повика своите верници домашните слави да не ги прават со масовни собири, а осветувањето на празничните погачи да го прават во црквите. Слични се препораките и оваа година, со почитување на сите здравствени протоколи и мерки и дома и во самите цркви.
Православните христијани, во чест на душите на починатите, в сабота ја одбележуваат митровденската задушница. Оваа есенска задушница секогаш се паѓа во саботата пред празникот Митровден, кој секоја година се празнува на 8 ноември. Тогаш верниците ги посетуваат гробовите на своите најблиски, таму држат помен за душа на умрените.
Во текот на годината, црквата одредила конкретни денови да бидат посветени за застапништво за починатите. Според Православната црква, постојат три задушници. Првата во годината е пролетната задушница, која се поврзува со почетокот на велигденскиот пост, односно саботата пред почетокот на постот. Потоа следува духовденската задушница, која се одбележува во саботата пред празникот Духовден, односно на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. На крајот од годината следува митровденската задушница, пред празникот Митровден.

Свештениците од Македонската православна црква-Охридска архиепископија велат дека оваа митровденска задушница не постои во преданието на црквата, односно дека била востановена во Русија, во чест на загинатите војници, а потоа влегла во нашата традиција.
– Самиот збор задушница значи „за душата“. И, според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесувањето на жртвата, зашто во православната жртва има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно, не е задолжително и не треба да се практикува – објаснуваат теолозите.
Според нив, верниците треба да ги слушаат свештениците, кои изминатите години постојано апелираат дека задушницата се состои во молитвено застапништво за починатите, а не во тоа колкаво количество храна ќе се раздаде на гробиштата.
Инаку, веднаш по задушница почнуваат зимските слави. На 8 ноември се одбележува Митровден, во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски. На 21 ноември следува Архангел Михаил, потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави. Македонските верници масовно го слават и Свети Никола, на 19 декември.