Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Нова Македонија“ во текот на летото анкетира повеќе стотини граѓани од различен профил и професии (професори, бизнисмени, студенти, невработени,административци, пензионери, граѓански активисти итн.) за тоа какви се нивните очекувања од новата локална власт и од новите градоначалници

АНКЕТА: „Нова Македонија“ ги праша
граѓаните каква локална власт посакуваат

Пред претстојните локални избори закажани следниот месец, не само што се заострува реториката меѓу партиите и кандидатите туку секојдневно растат и ветувањата и најавите на сите субјекти што ќе учествуваат во изборната трка. Но едната страна на медалот е кој што ветува и што нуди. Другата страна е всушност колку граѓаните имаат очекувања од политичката понуда, што граѓаните најмногу посакуваат и на што се надеваат од новите избраници и носители на јавната локална власт. „Нова Македонија“ анкетира граѓани од различен профил и професии (професори, бизнисмени, студенти, пензионери итн.) за тоа какви се нивните очекувања од новата локална власт и од новите градоначалници. Од големиот број соговорници, во нашата анкета ги издвоивме најчестите размислувања и искажувања, како и највпечатливите барања и очекувања на граѓаните.
– Од една локална власт очекувам хигиената да ѝ е на прво место. Нека вработат луѓе во ЈП „Комунална хигиена“, а не само во администрација и нека има служба што ќе чисти 24 часа. Живеам во населбата Капиштец, каде што се направија повеќе згради отколку паркови. Очекувам од локалната власт да ги решава секојдневните проблеми на граѓаните: дали се има брз пристап до автобуска линија, дали граѓаните имаат паркинг, банка во близината и слично – вели Александар Стојанов, пензиониран епидемиолог и поранешен прв човек на Комисијата за заразни болести.
Други наши соговорници, покрај издигнување на нивото на јавна хигиена, имаат и дополнителни барања.

– Во принцип кога се работи за локална самоуправа, во прв план треба да биде решавањето на комуналните проблеми. Се разбира, освен хигиената, сообраќајот е приоритет. Потоа, одржувањето на улиците во зимски и летни услови, редовно обележување. Воопшто во Македонија, не станува збор само за Битола, некако кога градоначалниците ќе се кандидираат сакаат само да ја зграбат моќта, а проблемите остануваат нерешени. Затоа еден градоначалник треба да знае добро да менаџира со општината, да знае да најде пари и затоа сум против доктори или професори да се кандидираат за градоначалници. Сметам дека е двојна загуба кога доктори се пријавуваат за градоначалници, бидејќи тие сега се многу попотребни во здравството.
Квалитетот на предложените кандидати потфрла, не се тоа вистинските луѓе, многу се неподготвени, кога даваат изјави, барем да се информираат за основните работи за Законот за градежништво и слично – смета д-р Никола Крстаноски, професор на Техничкиот факултет во Битола.
Елена Кузмановска, студентка по медицина на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, вели дека не знае од каде да почне кога станува збор за очекувањата од локалните власти.
– Листата што сѐ очекувам од новата локална самоуправа е долга… Локалната власт е всушност онаа што менаџира со јавни овластувања најблиску до граѓаните: инфраструктура, улици, патишта, водовод, струја, канализација, хигиена, сообраќај… Граѓаните веднаш го препознаваат тоа. Тоа не е висока политика и веднаш може да се почувствуваат благодатите од менаџирањето со локалните појави и проблеми. Живеам во скопска Кисела Вода, населба во која поради премногу новоизградени објекти често снемува вода, а капацитетот на системот е тој. Многупати соседите се борат за паркинг-место, а најмногу ми пречат преполнетите контејнери што шират неподнослива смрдеа летово. Очекувам да ги решаваат сите граѓански проблеми, да се грижат за животната средина, да се приближиме до светот, каде што веќе јавните тоалети станаа украсни архитектонски решенија, а кај нас воопшто и ги немаме – вели Кузмановска.
Интересно согледување во нашата анкета изнесе и граѓанскиот активист Тони Никушевски.

– Очекувам власт што ќе биде во дослух со народот, власт во која избраните нема да се претворат во некадарни луѓе, недопирливи, а до вчера биле нешто сосема друго. Очекувам единствено транспарентност и инклузија, соработка со граѓаните, со стручна јавност, со невладините организации за да се добијат добри решенија. И, секако, очекувам искрена соработка. Сакам институциите на општината да станат функционални. Не може да функционираме како досега. Живеам во општината Аеродром и бидејќи општината со инвеститорот не го решила проблемот со паркирањето, се случува на едно семејство неколкупати пајакот да му го однесе автомобилот, а ако тоа се случи двапати годишно, тоа ќе го чини 5.000 денари, што во овие услови на живеење не е малку. Екстремно многу ѓубре има и милиони кубни метри градежен шут во делот од последна петка до Железничкиот мост и не е исчистено, а се купија дронови и попусто се потрошија пари. Од друга страна, општината ни важи за една од оние со најзагаден воздух и купи мерач со наши 20 илјади евра, пари од граѓаните, а тој сѐ уште не е ставен во употреба со образложение дека нема обучен човек. Значи очекувам да профункционираат контролните механизми во локалната самоуправа и очекувам отчетност – дециден е Никушевски.
Милан Ивановски, правник, вели дека не очекува чуда, но барем да се исполнат основните граѓански и човекови потреби, за да не живееме како во среден век.

– Живеам во скопската населба Бардовци и ни повеќе ни помалку очекувам барем да имаме подобра инфраструктура. Вака како што е сега немаме улично осветлување, во лето имаме проблеми со водоснабдувањето и слаб притисок, уште газиме во кал, немаме тротоари и навистина во градска населба живееме како во среден век. Досега можеби 20 мејлови имам испратено до Општината и немам назад никаков одговор, попусто се локална самоуправа. Токму затоа од локалната самоуправа очекувам повеќе слух за граѓаните – коментира Ивановски.
Инженерот по информатика, Мартин Малевски, очекува во неговата општина Гази Баба да се реши проблемот со кучињата скитници.
– Живеам во скопската населба Маџари и уличните кучиња ни се сериозен проблем, па очекувам дека новата локална самоуправа ќе ни го реши. Проблемот ни е сериозен бидејќи кучињата се агресивни, напаѓаат навечер, па во неосветлените улички страшно е да се поминува. Очекувам решавање на паркинг-просторот и хигиената, нешто што секако е во нивна надлежност, како и решавање на уличното осветлување во некои делови – појаснува Малевски.
И Санела Скендеровиќ, сопственичка на фризерски и козметички салон, очекува редица квалитативни промени на подобро.

– Очекувам промени во мојата Општина Ѓорче Петров, промени на подобро, бидејќи досегашната власт беше подзаспана и сега пред избори ни раскопа улици, за да вртиме наоколу. Очекувам работа во континуитет на целиот мандат, очекувам новата власт да се сврти кон инвестиции, странски, домашни за да се зајакне и Општина Ѓорче Петров. Очекувам да донесат инвеститори, да се зголеми вработеноста и очекувам конечно да се работи за да се доближиме барем до европските општини. Очекувам да се создадат индустриски јаки зони, што секако ќе помогнат да се зајакнат општините, ништо спектакуларно, да си ја работат и секојдневната работа, улици, осветлување, хигиена, но да бидат независни и добри менаџери за да ги зајакнат општините, да имаат полни буџети за да се реализираат проекти – вели Скендеровиќ.
Речиси на иста линија беа и другите наши соговорници во анкетата, кои потенцираат дека за нив од суштинско значење е да се подобрат квалитетот на животот, инфраструктурата, екологијата, чистиот воздух и локалните власти да покажат многу поголемо чувство, отвореност и одговорност за брзо решавање на проблемите на граѓаните.