Имајќи во предвид СДСМ и Заев дека ќе ги изгубат изборите, го пуштаат во Собрание во процедура Законот за марихуана и опојни дроги со европско знаменце и тоа само заради интересите на фмилијата Заеви, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Јасно е, законот е заради личен интерес на Зоран Заев и тој интерес има два аспекти. Едниот аспект е што нарко картелот Заеви има најголем број лиценци за одгледување марихуана и со ова сака да го легализира криминалниот шверц на марихуана за да заработи многу пари, а вториот аспект е што голем број од сопственициве на лиценци кои биле прелажани од Заев дека ќе се изгласа законот вака како што го предложуваат, сега повторно се жалат дека биле предмет на разно разни притисоци каде што требало неформално уште еднаш да си ги „откупат“ лиценците кај пајташи од СДСМ и практично со тие пари Зоран Заев и пајташите околу него да се обидат да вршат поткуп за изборите“, рече Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема ништо европско во законот за марихуана што сака Зоран Заев да го помине, напротив, со овој закон „сакаат да го легализираат она за што беа уапсени од ДЕА возачот на Трајче Заев и командирот на Оливер Спасовски од Прилеп, наречен Чипсио“.

Опозицијата е децидна дека овој закон кој го поднесе СДСМ не смее и нема да помине.

„На граѓаните им е повеќе од јасно дека оваа Влада нема намера да реализира проекти во нивна корист, туку единствено да работи за нивните личните интереси и тоа се поинтензивно како што наближуваат изборите, бидејќи знаат дека ќе ги изгубат. Затоа, уште еднаш да потенцираме, на овој закон кој го предлага лично фамилијата на Зоран Заев и е од нејзин интерес, не му е местото во Собранието, а најмалку му е местото со европско знаменце, бидејќи криминалот не е во духот на европските вредности и не е од интерес на Европската унија“, изјави Арсовски.